Габриел пред БГНЕС: Србија да ги почитува правата на Бугарите и европското законодавство
Србија мора да го почитува своето национално и европско законодавство, вклучително и правата на Бугарите во Србија. Бугарија го покренува тоа прашање во Европскиот совет и во други формати. Не сакаме ова да доведе до тренд кој се продлабочува. На регионот му треба стабилност.
Ова специјално за БГНЕС го изјави Марија Габриел, министерка за надворешни работи и вицепремиер на Бугарија. Со неа разговараме за агресивните постапки на властите во Белград во последните месеци – обвинувања против Бугарија за шпионажа, конфискувањето на книги и забраната за влез на Бугари во Западните покраини, вклучително и на поранешни бугарски дипломати во земјата.
„За нас е важно тие прво да се усогласат со нивното национално законодавство, кое е многу јасно во однос на правата на Бугарите во Србија, како и да се усогласат со европското законодавство, бидејќи се земја која сака да стане членка на Унијата. Во секој еден од случаите каде што надлежноста беше на МНР, реагиравме, по последниот случај беше повикан српскиот амбасадор, чекаме информација, тоа што не ја добиваме, веќе сум го споделила, не би сакале ова да доведе до алармантен тренд кој ќе се продлабочува“, нагласи Габриел.
Таа наведе дека во рамките на Европскиот совет и различните формати на ЕУ, Бугарија ја отвора темата и додаде дека треба да се разделат различните случаи. „Кога станува збор за правата на Бугарите во Србија и другите земји од регионот, ние постојано, редовно и во кој било од форматите што го дозволуваат тоа, ги поставуваме овие теми. Тоа е важно за нас бидејќи тие се дел од основните принципи на Европската унија и Бугарија има многу силна позиција во овој случај. Ние не се занимаваме со прашања што влијаат на нашите односи со одредена земја од Западен Балкан. Ние сме земја-членка на ЕУ и како таква, бидејќи го познаваме регионот во детали, сме добро позиционирани да ги браниме интересите на целиот блок. Ова е водечката линија за мене како министер за надворешни работи – многу јасно да кажам дека Бугарија е членка на ЕУ, таа покренува прашања. Со секоја земја во регионот, покренуваме теми, кои се важни за целата Унија и ги браниме интересите на целата ЕУ“, рече Марија Габриел.
„Мислам дека не треба да ги мешаме случаите. Имаме многу јасна линија, Бугарија го поддржува Западен Балкан и сите земји, вклучително и Србија“, додаде таа, истакнувајќи дека Софија сака да има добри односи со Србија и другите земји во регион.
„Мислам дека треба да го направиме ова, бидејќи целиот регион на Западен Балкан, на Југоисточна Европа, е регион на кој му треба стабилност, има потенцијал за развој и само со добри односи можеме да го направиме тоа. Се разбира, тоа вклучува и одбрана на секакви позиции, но со многу јасни аргументи.Мислам дека бев многу јасна во секој еден од случаите, кои зависеле од Министерството за надворешни работи, особено кога станува збор за заштита на правата на нашите сонародници, ние реагираме навремено и во рамките на надлежностите на Министерството“, истакна шефицата на бугарската дипломатија.
