| |

ДЕНОТ НА (НЕ)ЗАВИСНОСТА

Помина 8 септември, Денот на независноста. Република Северна Македонија, во која мал дел од населението живее во луксуз, а голем во оскудност, ја одбележа 28 – годишнината од своето раѓање.

На историскиот ден, 8 септември 1991 година, во време на големи турбуленции и раздвиженост на Балканот, ни беше поставено фамозното прашање: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“

Што се случи со државата оттогаш?!

Политички уште е под капата на една колку што е аматерска, толку и криминална класа, која, се чини, дека дента кога ќе ја напушти Владата, ќе оди в затвор. Каде што и е местото! Поголемиот дел од државната олигархија ја сочинуваат функционери, браќа, нивни сватови и зетови, велепоседници на цели туристички села, сопственици на фабрики и, што е уште полошо, газди на човечки судбини.

Излажени од политиката која се поигрува на секакви начини, секој граѓанин на ова општество кој разбира што му се случува се презасити од патриотско-шовинистичкото чукање празна слама. Сакаат работни места и училишта кои ги немаат, сакаат да не им умираат најблиските зашто немаат пари за операција. Не сакаат политичари кои калашниковите ги заменија со владини канцеларии за да стават црн печат над судбината на државата. Тие кои глумеа способни менаџери исплутаа на површина со сиот нивен грев и ништожност!

Соборувањето на режимот на Груевски иако историски чин сам по себе вреден за симнување капа, за жал, остана половично спроведена битка. Знаеме зошто. Затоа што со новите политички сили продолжува да раководи најблискиот сојузник на Груевски, Али Ахмети. The One and Only!

Секако, овој факт меѓународната заедница го пресретна со измешани чувства на хумор и жалење. Државава умее да понуди толку гротески, што веќе нема нешто што ќе ги изненади странските пријатели. Уморни се тие од белјите на оваа држава. Знаат со какви неренимајковци си имаат работа.

Проекти со вртоглави суми се донирани за развојот на земјата, но добар дел од нив наместо да донесат моќ и благосостојба на државата се претворија во алатка за економска и политичка моќ на овдешните корумпирани злонамерници. Уште една алатка за поттик на (клепто)политичарите.

И во сиот овој хаос продолжува да живее невиното мнозинство на народот. Сите во иста неволја. Што имаат тие да слават?!? Дека децата им имигрирале, дека оние што останале едвај врзуваат крај со крај, дека оние чесните се потсетуваат на вредноста на стекнатите сертификати и дипломати само кога ќе ги видат во фиока или закачени на ѕид, дека почнале да плаќаат за кров над глава на млада возраст и се плашат кому ќе му го остават долгот ако ненадејно им се случи нешто??!? За тоа ли да се слави (не)зависноста?

Што правиме?! Си седиме и си трпиме? Фројд рекол дека секоја потисната желба создава една невидлива топка која еден ден ќе прсне уривајќи сé пред себе. Не сме далеку од таквата „експлозија“.

E па, значи, за 28-годишнината од независноста на Северна Македонија, која се чини дека ги среди дипломатските односи со Грција, но не направи ништо за својот народ, може да се каже дека пациентот е во критична состојба.

Оние, кои сме верници, може да се повикаме на Бога за спас од состојбата. Но, силата на промената е во наши раце. Време е вакви какви што сме, затекнати во иста неволја, обединети за истото решение, да разбереме дека треба да ја направиме промената. Или, како што рекол, Џорџ Бернард Шо, оние кои што не можат да ги променат своите умови не може да променат ништо.

Автор: д-р Арбен Таравари. градоначалник на општина Гостивар

Слични Објави