ЕДНИ ЛУЃЕ ЕДНОГЛАСНО ВЕ МНОЖАТ СО НУЛА

Јанева ја разрешија едногласно. 102 пратеници гласаа ЗА, специјалната јавна обвинителка за која сите (дури и Груевски) имаа суперлативи за нејзината професионалност, да биде разрешена. Сложни калугери и во петок мрсат иако вчера беше сабота. Катица е минато. Таа ја изигра својата улога. Стана дел од циркусот, покажа неколку трикови и сега си заминува. Надежта на граѓаните за правда и мир, материјализирана во маичките со трите грации… веќе од поодамна се испари. Тивко полека, за разлика од еуфоричниот почеток.

Зурли тапани чуда и накрајот едногласно едни луѓе одлучуваат… време е за нов филм.


Така едногласно беше променето и уставното име на нашата земја. Тоа ќе остане во историјата. Беа потребни 81 пратеници, се пуштија од притвор некои од нив и никој од тие што гласаа тогаш не гласаше против.
Името се смени со многу спрема нула… Катица исто се разреши со многу спрема нула. Нулата секако се граѓаните. Пратениците се друг момент, тие се пипнати од Господ и за нив важат други правила. Тие не можат да бидат множени со нула.

Утре ќе се решава судбината на останатите обвинители од тимот на Јанева. Синоќа на вонредна седница на Советот на јавни обвинители беше потврдена одлуката на оние „пипнатите“. Според Законот за специјално јавно обвинителство, мандатот на обвинителите престанува со мандатот на специјалниот јавен обвинител. Во превод, колку и да си ја гледат работата, ако Катица изгори, горат и тие.
Убаво и удобно скоцкан закон.

Главниот може да се поткупи, да се намести, да се дискредитира и едногласно да се разреши. Останатите? Тие ќе си се вратат таму од каде што дојдоа, со за по една нијанса побогато cv оти нели биле специјални обвинители. Правда? Па правдата сега ќе ја тера Јавното обвинителство. Ама нели Специјалното го направија оти Јавното не чинеше? Точно не чинеше, ама сега откако дојде животот, сите институции чинат освен МТВ, таа како што вели Манчевски е под диктатот на опозицијата и нуди катастрофална содржина на гледачите… колку и ништожен да е нивниот број.

Но не е се така „црно“…

Членовите на ДИК си ги намалија патните трошоци. Ќе добиваат кеш само кога треба да бидат присутни на седница, а во останатите работни денови, ќе добиваат пари колку за една повратна карта со автобус. О, чудо. Таа одлука исто така била донесена едногласно.

Граѓаните исто така можат да донесат едногласна одлука. Да не ја играт играта на „пипнатите“. Да се свртат околу себе, да ја видат реалноста и да сфатат дека, ако бугарскиот пасош е нивниот единствен спас, значи некој многу здраво ги „работел“ во последните 28 години. И да не заборавам додека се плашиме Гоце да не им го дадат на Бугарите, нашите мајки и татковци лежат во ходниците на поплавени болници. Жал ми е.

Автор: Атанас Величков