Германските компании ја задржуваат довербата во Бугарија
Бизнис-климата во Бугарија останува стабилна со позитивни перспективи, покажува истражувањето на Германско-бугарската индустриско-трговска комора (ГБИТК) за 2026 година, спроведено меѓу 83 компании, јавува БГНЕС.
Според резултатите, 91% од анкетираните ја оценуваат деловната средина како најмалку задоволителна, а 36% како добра. Дури 80% очекуваат стабилност или подобрување на економската состојба во следните 12 месеци, додека 40% предвидуваат јасно подобрување.
Позитивните очекувања се одразуваат и врз инвестициите – 70% од компаниите планираат да ги задржат или зголемат вложувањата, а 56% сакаат да инвестираат повеќе токму во Бугарија. Дополнително, 13% веќе планираат пренесување инвестиции од Германија во Бугарија.
Главната управителка на ГБИТК, Соња Миклај, изјави дека воведувањето на еврото и очекуваната политичка стабилност го менуваат начинот на кој странските компании гледаат на бугарскиот пазар, при што веќе се забележува зголемен интерес од нови германски инвеститори.
И покрај позитивната оценка, компаниите остануваат претпазливи поради високите цени на енергијата, глобалните трговски ризици и проблемите во синџирите на снабдување. Како клучни внатрешни предизвици ги посочуваат корупцијата, недостигот од квалификуван кадар и потребата од поголема правна сигурност и предвидливост.
Истражувањето покажува и дека 77% од компаниите не планираат да ја преместат својата дејност надвор од Бугарија, што, според ГБИТК, е јасен сигнал за довербата во земјата како стабилна и перспективна инвестициска дестинација.

