| |

Македонци, каде и да сте, честито Рождество Христово

Пишува: Владимир Перев

Задутре, на 25 декември, поголемиот дел од христијанскиот свет ќе го чествува најсветлиот празник-Рождеството Христово, симболот на раѓањето и вечниот живот на богочовекот и нашиот спасител Исус Христос. Овој датум е симболот на христијанското вјерују на сите нас од Европа, двете Америки и поголем дел од христијаните низ светот. Ќе слават сите заедно-католици, протестанти, сите протестантски помали заедници, како и еден дел од нашиот христијански православен свет. Ќе се чествува во Грција, Бугарија и Романија, како дел од современата европска цивилизација, христијанска и екуменска.

Во овие свети дни, поделеноста на македонците се надвива над сите нас, покажувајќи го целото проклетство на државните идеологии и црковните подвластености. Македонците, па биле тие бугари, грци или албанци, или какви и да се, надвор од државата, ќе чествуваат со народот во земјата во која живеат. Македонската црква и македонската идеја не може да влијае, да ја замени светлината и блескавоста на чествувањата вон Македонија. Ние овде, ќе го чекаме 7-ми јануари, за да чествуваме заедно со србите и со руската сенка над нашата духовна слобода. Тоа е трагедијата на еден разделен народ, разделен меѓудржавно, национално и идеолошки.

Некогаш, во времето на славата и подемот на Бугарската Екзархија, сите чествувавме заедно. Дури и патријаршистите, србомани и гркомани чествуваа заедно со нас македонците/бугарите, само сите во своите цркви-ние во егзархиските, тие во патријаршиските. На некаков начин, сепак бевме единствени дури и во своите поделби.

Промената на календарот како цивилизациски чин, доведе до поделба на поимите за време. Западната цивилизација се престрои веднаш, црковно и лаички. Потоа следеа православните грци, бугари, албанци и романци. Македонија остана во зависноста од југословенската држава, истовремено подвластена на српската црква и духовно заробена во азијатските пространства на руското православие. Беше принудена да остане на “стариот календар“, измислица за неограничено влијание на Москва, во моментите кога глупостите како панславизам и сеправославие ја загубија својата важност и значење. Така, разделениот со физички граници народ од Македонија, остана и духовно поделен, разделен со политички идеологии, физички граници и различни духовни ценности.

Фалшивиот и никому нужен томос на СПЦ за афтокефалност на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија е само прашина во очите на македонскиот лековерен народ. Без согласност на Васеленската патријашија, нема афтокефалност, нема црковна слобода. Допрва ќе се решава и нашето црковно име и употребата на придавката “македонски/ска/ско. Српскиот томос е само вовед во мрачните пространства на српско-рускиот православен фундаменталитички свет и губењето на последните искри на екуменизам кои сеуште тлеат во оваа поделена и измачена земја. Тоа е свет без признаци на Божјата волја и состраданието со другите во земниот ни свет, состраданието и разбирањето со поинаквите, различните од нас. Така, ние остануваме меѓусебно разделени и поделни, но и останати вон современите цивилизациски текови, како на државите, така и на Црквата како нашата врска со Бога.

Иронично е да се каже, но во земјите во кои имаше силно русофилско движење, а кај некои дури и подреденост на московската диктатура, одамна дојде цивилизациската промена на календарот. Сите ја обвинуваме Бугарската православна црква за покорност кон Москва и РПЦ, за послушност кон сатанскиот патријарх Кирил, агентот Гундјаев од КГБ, но БПЦ изврши промена на календарот и се одвои од црковниот “руски свет“, барем со верските чествувања. Да, сеуште се слушаат обвинувања кон БПЦ за нејзиното евидентно русофилство, но само се чека моментот кога нашата МПЦ-ОА ќе биде обвинувана за најлошиот вид русофилство- за сталинизам, за сталинизам во духовните вредности на нашите свештеници. Тоа време е на прагот…затоа бугарското русофилство е помало зло од нашето србоманство, нашата слепа покорност кон Белград, чии духовни ценности се признати единствено од Путиновата и Кагебеовската Русија.

Промената на верскиот календар е наша цивилизациска должност. Таа промена ќе придонесе за единството на нашиот народ и неговото вклучување во цивилизацискиот напредок на современиот свет.

Нема црква која може да се спротистави на Бога, на Универзумот и на Астрономијата, таа наука која не води низ бескрајните божествени чудеса-наука екзактна и духовна. Датумот на Христовото Рождество секогаш е истиот, а ние овде служиме на една духовна подвластеност, на националистичките безумија и на горделивата желба да сме различни од другите.

Македонци, но и оние другите, моите роднини и пријатели, каде и да сте, честито Рождество Христово, да ни е за на век! Христос е нашата светлина, нашата вера и надеж за слободата кон која толку многу тежнееме и се жртвувавме!

Христос се роди!

Слични Објави