ДЕНЕСКА ГЛАСААТ БОЛНИТЕ, ИЗНЕМОШТЕНИ, ЛИЦАТА ВО ДОМАШЕН ПРИТВОР, ЗАТВОРЕНИЦИТЕ И ДРЖАВЈАНИТЕ НА Р.МАКЕДОНИЈА ВО СТРАНСТВО
Болните, изнемоштените, лицата во домашен притвор, затворениците и државјаните на Р. Македонија што се во странство гласаат на еден ден пред реферндумот, односно денеска на 29 септември, сабота.
Право на глас на претстојниот референдум имаат 1.806.336 гласачи, кои се запишани во Избирачкиот список, кој беше заклучен на 10 септември.
Референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата, а гласачките места на 30 септември ќе бидат отворени во 7 часот наутро, па сè до 19 часот кога завршува гласањето.
Според одлуката донесена од страна на Собранието на Република Македонија, прашањето на кое ќе се изјаснат граѓаните ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“
Референдумот за името ќе биде консултативен. Референдумот ќе го надгледуваат околу десет илјади македонски и речиси 500 странски набљудувачи.

