Нашето пијанство
Ало Скопје, имаме проблем, Трамп не пие!
Дистописка приказна
Пишува: Владимир Перев
1.
Македонија е сѐуште пијана од победата на Доналд Трамп. Надежи, илузии и неверојатни сценарија се редат на линијата Будимпешта, Белград и Скопје. Моментално им се придружува и Братислава, со “мудрите“ изјави на премиерот Фицо дека Трамп и Европа треба да ја прекинат секоја поддршка на Зеленски и Киев, како единствен начин да сопрат воените дејствија во Украина и воопшто на Европскиот континент. Така и ќе бидне, ама само ако руските војски запрат на Пиринеите, а Путин да пие кафе на Шанзелизе.
2.
Единствено не ми се јасни србите и нивниот Вучиќ. Па зарем тие не беа најголемите пријатели на Франција и Англија, зарем првата “голема“српска држава, олицетворена низ Кралството СХС, не беше оцртана, потврдена и потпечатена во Париз, со нескриената поддршка на Клемансо и цела Франција. На целиот свет им е јасен Орбан и маџарската фрустрација од распадот на Австро-Унгарија и поговорката “кога к…ц боле, што маџарска нема море“…ама имаа адмирал и тоа голем фашист, нацист и антисемит. Светот тоа не го заборавил, а Будимпешта сака со сампонижувањата пред Москва, да воскреснува загубени идеи и пространства.
3.
Ние македонците имаме погрешни претстави за нашата евентуална иднина, олицетворена низ пријателството со Вучиќ и Орбан. Тоа е иднина на автократи, иднина која ние сме ја имале како минато, но никогаш не сме ја прифатиле. Македонскиот народ молчел и трпел под српското и србокомунистичкото насилно владеење, но никогаш не се откажал од своето ВМРО и од својата оружена-терористичка борба. Унгарските бунтови во 1848, во 1919 како и во 1954 година завршија со терор врз населението и со конечната советска окупација на земјата во критичната 1956 година. Русите го избришаа споменот на Лајош Кошут, Бела Кун и Имре Наѓ, но времето кое доаѓа ќе ги даде реалните резултати од долгогодишниот деспотизам врз унгарскот население. Денес низ Унгарија вилнее духот на фашистот, нацистот и антисемитот Хорти, виновен за депортацијата на 450 илјади евреи во германските логори. Орбан е неговиот вистински последовател. Во Србија ништо не теба да се очекува…таму секогаш имало слобода на книжевноста, уметноста и музиката, ама и деспотизам во управувањето со државата. Ништо не се променило.
4.
Отрезнувањето ќе биде тешко, како отрезнување од долго пиење лош алкохол…тоа јас најдобро го знам! Ќе се распаднат илузиите дека Унијата ќе се распадне, дека нејзината материјална и финансиска положба е во колапс, дека “некои други“, се мисли на русите и кинезите, ќе ја преземат командата на овој континент. Тоа и може да се случи некогаш, “во некој убав ден“, ама ќе биде подалеку од барем два нормални човечки животи, Ако тоа и стане во најблиска иднина, големите нации ќе опстанат, а нашата Македонија, ќе ја снема од картата на Европа…и не само тоа, ќе го снема и јазикот на кој толку полагаме, ќе ја снема и “нашата историја“ која толку се трудиме да ја наметнеме на другите. На оваа територија ке останат албанците, турците и малата српска заедница, но и оние македонци со бугарски пасоши, кои во “зло време“ ќе ги извадат од под перниците и ќе мафтаат со нив. Тоа ќе бидат оние подлеци кои пасошот го земале од „економски причини“, ама кога ќе дојде времето, ќе бидат согласни да прифатат и “национални“ бугарски причини, статус и привилегии. Први ќе бидат нашите министри. Тешко на Македонија…
5.
Нема ништо нејасно во позициите на Бугарија, на бугарскиот претседател Радев, на бугарскиот Парламент и на највисоката научна институција, БАН. Сѐ е јасно. Бугарија нема да отстапи од своите барања и тука не може да помогне ниту Путин, ниту Трамп. Тоа е решена работа. Тука не помагаат никакви пари, никакви закани, никакви уцени. Впрочем, ниту една од големите сили, во овој распон на светските настани, не е во можност да и се заканува или да ја рекетира Бугарија. Тоа е барем јасно. Македонија нужно треба да прифати постоење на македонска нација и јазик од 2 август 1944 година, со целосно признавање на појавите на ран македонизам, како во национална, така и во јазична смисла. Претходното, сите борби и востанија, целата славна и темна историја на овие пространства, припаѓа на македонските бугари, на албанците, власите и другите учесници во македонските национални премрежија.
6.
Останува размислата дека Вучиќ, со својата тешко вооружана армија за балкански услови, ќе предизвика воен конфликт под руски диктат и со нивна подршка, во “заштита“ на македонските национални и јазични права, против “агресијата“ на бугарите и албанците. Луда идеја, ама кога се работи за Србија, сѐ е веројатно. Тогаш србите ќе го разберат своето пријателство со Орбан, а Војводнина ќе го промени сопственикот. Така би се распределиле силите на Балканот, за кои ние, во своето пијанство, мислиме дека и Трамп ќе биде согласен. Баш би сакал Србија да победи, а овде да добиеме српски и руски “државни и воени инструктори“. Тогаш ќе ја научиме српската поговорка “…чија мајка црну вуну преде“! Има само еден проблем, Трамп не пие…
7.
Бугарија функционира без влада и веројатно така ќе продолжи. Тоа не е проблем за некои наши идни договарања. Проблем е човечкиот фактор, овде кај нас. Баш би сакал да видам кој бугарски министер или политичар би дошол да преговара со нашиот вицепремиер Николовски, после оние негови нескопсани, инфантилни изјави на фрустрирана личност. Тогаш ќе настане вистинскиот дебакл на бугарската идеја овде, на бугарското херојско минато и на нивните приказни за човечкото достоинство и саможртва…постулати врз кои македонските патриоти ги положија своите животи. Тоа понижување Бугарија не смее да си го дозволи
Мислам дека ние се трезниме, ама да не забораваме, имаме проблем. Трамп не пие!
Не пие ниту Радев!
