| |

Со забрзани темпови во Лондон се гради првиот бугарски православен храм во Обединетото кралство

Во Лондон со забрзани темпови е во тек изградбата на првата бугарска православна црква, која ќе го носи името на Св. Јоан Рилски. До овој момент единствено бугарската заедница во Обединетото кралство нема свој сопствен храм, јавува БНТ.

Црквата се гради во строгиот центар на Лондон во дел од имотот на бугарската амбасада, на околу 100 метри од „Ројал Алберт Хол“ и на неколку стотини метри од замокот „Кенсингтон“. Благодарение на напорите на бугарскиот амбасадор Марин Рајков, проектот беше ставен под заштита на општината. Идејата за изградбата на храмот е токму на амбасадорот Рајков. Проектот беше поддржан од самиот почеток од Западно и средно-европскиот митрополит на БПЦ Антониј.

Во самиот крај на минатата година бугарската влада додели 1,5 милиони лева за изградбата на црквата.Беа собрани средства и од Бугарите што живеат во Велика Британија. Проектот е на италијанскиот архитект Карло Буди.

„За да се одобри проектот, требаше да не се менува архитектурниот изглед на зградата, која што се наоѓа под заштита.Таков е статусот на повеќето згради во овој престижен дел од градот. Од тоа следува дека фасадата нема да се менува радикално, но во внатрешниот дел ние ќе вградиме една средно голема црква со купола и колони “, вели за БНТ Марин Рајков, амбасадор на Бугарија во Лондон.

Проектот за градба е одобрен од Вестминстер за рекордно краткиот рок од 4 месеци и ќе биде повод за гордост за сите православни Бугари, додава амбасадорот Рајков.

Слични Објави