| |

Студени борејски ветришта – каде тргнала Северна Македонија?

Facebook статус на Никица Корубин

Северниот студен ветер, Вардарецот, секогаш доаѓа од север. И тогаш Солун климатски и временски заличува на Скопје. Интересно, токму поради реката Вардар, која ги поврзува овие два града, тие имаат неверојатно слична клима, неверојатно за еден приморски и еден континентален град. Но, природата и природните врски се чудо и магија, која ги условува сите останати текови: политички, социјални, културни, економски, општествени.

А, магијата на Солун (Тесалоники, Салоника) е далеку позната, тој антички Терме, на кој македонскиот крал Касандер му го дава името по неговата сопруга, инаку сестра на Александар Велики, Тесалоника. И токму Солун е центарот низ вековите за цел регион, без разлика, за кој историски период станува збор.

И додека во овие зимски месеци, митолошки, богот Аполон е во Хипербореја, а на сакралната власт го менува неговиот антипод Дионис, тој сеприсутен човек-бог, чии реминисценции може да се видат низ јануарските и фебруарските прослави, карневали и “прочистување”; да видиме каде реално тргнала Северна Македонија: во светот (на Источниот Медитеран) каде што припаѓа или северно од “северот”? Какви ветришта (политички) дуваат кај нас и од каде?

И кога ги гледаме тектонските и стратешки процеси на помирување на Турција и Грција, јавно и помпезно, нормално целосно игнорирани во оваа наша “хиперборејска” замрзната стварност; а паралелно со тоа и на одличните односи кои ги негуваат Грција и Бугарија (Бугарија беше почесна земја на минатогодишниот Солунски Саем); прашањето само лебди, како што Аполон лебди во своите кочии, на патот до Хипербореја: каде сме ние и зошто не сме таму, каде што природно припаѓаме?

Па, нели ја “делиме” историската Македонија токму со Грција и Бугарија, членки на ЕУ? 200 и кусур километри Солун, 200 и кусур километри Софија. Тирана е исто така на 200 и кусур километри, а Приштина на помалку од 100. Па, не случајно граѓаните на Косово, во првите денови од визната либерализација во голем број заминале во Грција, и можеби токму во Солун.

Исто како што не е случајно, кога Едвард Џозеф, во едно од своите интервјуа, минатата година ќе им порача на македонските власти: држете се до Грција и Косово, и дистанцирајте се од (особено оваа) Србија. Слична порака, упати и косовскиот премиер Албин Курти. И се држиме ли до природните сојузници и во регионот во кој со векови припаѓаме?

Па, нели многу сме загрижени за вековниот идентитет и цивилизација, па од “знамето од Вергина” не се откажуваме, а особено сме “загрижени” на зборови за јазикот и културното наследство. А, каде сите тие биле создавани, на север во Србија, во Југославија? Елементарно познавање на историјата е доволно, за да се осветли овој мрачен, северен, “хиперборејски” инжињеринг на застрашувачка злоупотреба на историски елементи, во селективно и тенденциозно конструирање на конфликтен наратив, со природното опкружување на Македонија.

А, уште позастрашувачки е интелектуалниот и политички молк, за “(велико)српскиот” третман во манирот на “српскиот свет” што го добиваат земјите кои замислено и проектирано се негов дел: делови од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Некаде сепаратизам, некаде религиозен радикализам, а некаде чист тероризам. И што точно од ова е напредно, европски, хумано и нормално? Или што точно од ова е прифатливо за Северна Македонија, земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ, каде нели сите бараат владеење на правото? Владее ли правото таму, или се наметнува хегемонистичкото и шовинистичко право на “избраните”?

Што од ова е прифатливо за “македонскиот идентитет”, кој нели Грција и Бугарија, ексклузивно “ни го загрозуваат”? Што од сето ова кореспондира со било каков индивидуален став, на граѓанин кој живее во проектиран “српски свет” и е третиран како “братски народ”. Која е точно основата за “братството”: религијата, федеративната историја или хегемонизмот? И уште поинтересно, со прилично јасниот став од таа страна, што (мазохистички) е прифатливо од сето ова за оваа, наша страна?

Во услови на територијална загрозеност на БИХ, на територијална загрозеност на Косово, и на суштинско деетнизирање и религиозно заробување на Црна Гора; не знам каква “светла” иднина некој(и) очекува(ат) во Северна Македонија без ЕУ; освен ако не се водени од класичен србофилизам и клиентелизам, со отсуство на елементарна логика; но затоа пак го одржуваат егзистенцијалното загрозување на сегашноста и иднината на државата, и ваква какво што е денес, но особено таква каква што секој рационален граѓанин сака за себе и најблиските: нормално и функционално општество, држава во ЕУ, поврзана непречено со соседите, каде секој индивидуално ќе одлучува каде е природниот тек.

Затоа што сите ламентации, “како добро било порано (во Југославија)”, освен како класична замка на матрицата “не не’ бива”, немаат никаква вредност и врска со реалноста денес, а особено не со крвавата и брутална реалност на 90-тите години, кои “елегантно” се избегнуваат и игнорираат, во “чистотата” на бескрупулозната субјективност и конформизам. Каква е таа патолошка жал, за држава која заврши во крв и хаос, со илјадници жртви со име и презиме? И особено, какви се тие очекувања за “братски третман” во класична автократија, каде прво се загушува слободата на говор и мисла? Тоа ли е “алтернативата на ЕУ”? За кого или поточно за колкумина, тоа е алтернатива?

Уште некој месец Аполон е во Хипербореја. Уште некој месец игнорирање на стварноста, ризикуваме да останеме “замрзнати” во туѓите планови и “домашните” реализации. А, нормалноста на чекор до нас. И таа ќе биде на удар константно, деновиве и месециве. Во разни форми и на различни начини. Но, “острината и студенилото на позадината”, не може да го скрие ниту овој хиперборејски ветер. Кој што го ризикува, не само нашиот избор, туку и нашата егзистенција. Не е прашањето каде ќе стигнеме, туку дали воопшто ќе може да тргнеме. Било каде од “светот” во кој се обидуваат да не’ заробат.

Слични Објави