Чулев: Додека Спасовски на товар на граѓаните прави екскурзии во САД, народот на минусни температури чека за лични документи
Додека Оливер Спасовски, на неколку дена пред заминувањето од Министерството за внатрешни работи, со цела делегација, на товар и на сметка на граѓаните, прави прошетки и екскурзии во Соединетите Американски Држави, Македонија е на прагот на најголемата криза поврзана со личните документи, со акцент на пасошите. Имено, во крајно нехумани услови граѓаните со часови чекаат во редица и на студ, а во холовите на Министерството за внатрешни работи стојат илјадници лични документи што чекаат да бидат поделени, а уште илјадници чекаат да бидат изработени, вели Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше и поранешен министер за внатрешни работи.
Потполно идентично, како и минатиот, така и овој пат, во пресрет на техничката влада и парламентарните изборите, кога министерот доаѓа од редовите на опозициската партија, граѓаните, вели Чулев, се соочени со застој во издавањето лични документи, што е директна последица од неодговорното работење и лошата организација од страна на Оливер Спасовски.
„Станува збор за сериозно прекршување на законот и несовесно работење за кое Јавното обвинителство мора веднаш да реагира.
Позади километарските редици, каде што граѓаните чекаат со часови да се фотографираат или си подигнат лична карта, возачка дозвола или пасош, стои само еден виновник, а тоа е министерот за внатрешни работи од редовите на Социјалдемократскиот сојуз – Оливер Спасовски. Оливер Спасовски е единствениот виновник за мачењето и нервозите на граѓаните, кои стравуваат дека нема да бидат во можност да подигнат плата и пензија или да заминат на медицинска интервенција во странство, студии, конференции, обуки, да си ја вршат професијата професионален возач, да го обноват престојот во странство итн., вели Чулев.
Според него, наместо навремено да направи соодветна внатрешна организација и соодветно да ги алоцира ресурсите за изработка на личните документи, Оливер Спасовски прави привидно решение со отворање нов пункт – оставајќи ги граѓаните во состојба на студ и на минусни температури со часови да чекаат во редица.
„Но, парцијалното решение на Спасовски, наместо да го реши проблемот, создаде хаос со цели купови лични документи, кои чекаат изработка во депоата на Министерството за внатрешни работи, а за подигнување во нехумани услови се чека со денови. Паралелно со ова, според информациите со кои во моментот располагаме, во Министерството за внатрешни работи веќе се трошат и последните резерви на обрасци за пасоши неопходни за изработка на документите“, потенцира Чулев.

