| |

Започнува иницијатива за враќање на старото име на градот Сандански во Бугарија

Дали градот Сандански во Бугарија ќе си го врати старото име Свети Врач? Желба тоа да се случи изразија група општественици од градот, кои се децидни дека промената е за добро. Според нив, името Свети Врач носи повеќе содржина и историја за градот.

Предлогот градот да не се вика Сандански, туку Свети Врач го дал градскиот клуб за дискусија, во кој учествуваат 15-ина луѓе општественици од градот. Сите тие се „за“ Сандански повторно да се преименува во Свети Врач. Но не сите се согласуваат, бидејќи сметаат дека тоа би донело многу проблеми, најмногу од финансиска природа за луѓето, доколку градот се преименува, пренесува бугарската телевизија НОВА.

Според Димитар Тошев, старото име на градот Свети Врач во 1949 било сменето во Сандански без да се побара ничие мислење – едноставно тоа било желба на тогашните власти. На градот денес многу повеќе му одговара името Свети Врач, вели Тошев.

„Етимологијата на Свети Врач одговара на битието на постоењето, тоа е духовно име, се поврзува со двајца светци кои се почитуваат во источниот и католичкиот свет. Овде има култ кон нив. Тоа покажува во духовните споменици дека се оставени.Имаме црква „Св. Св. Козма и Дамјан“, манастир „Св Козма и Дамјан“, да не зборуваме дека во Роженскиот манастир има и параклис, кој е поврзан со двајцата браќа бесребреници“, додава Димитар Тошев.

Од Клубот за дискусија признаваат дека во моментов мнозинството во градот би го преферирало името Сандански. Но, тие имаат свое објаснување за ова и веруваат дека чувствата може да се променат со помош на црквата за да се врати верата и почитта кон светците.

Засега прашањето за преименување не е на дневен ред за раководството на општината. „Главниот фактор што треба да ја донесе оваа одлука е суверенот, поточно сите наши сограѓани и верувам дека во оваа насока би бил оптимален и можен локален референдум за преименување на нашиот град. На тој начин луѓето ќе одлучат како да се вика градот, не иницијативна комисија, ниту градоначалникот сам. Темава не е толку актуелна, бидејќи имаме доволно други прашања и многу важни работи“, смета Атанас Стојанов, градоначалник на Сандански.

Клубот за дискусија „Свети Врач“ предвидува низа настани за да и ја објасни на јавноста потребата од враќање на старото име на градот.

Слични Објави