ГАЛЕРИЈА: ТУРСКАТА ПРИКАЗНА НА ЛИКОВНАТА УМЕТНИЧКА ГОРДАНА ВИНЧИЌ
Позната македонска уметничка Гордана Винчиќ во септември учествуваше во ликовна колонија во градот Текирдаг (Турција). Еве што раскажа за нашиот портал Гордана:
„Сега во Септември учествував на една многу специфична ликовна колонија во турскиот град Текирдаг кој се наоѓа на крајбрежјето на Мраморно море. Овој настан се издвојуваше од другите колонии по тоа што условите за учесниците беа “царски”.
Јас ја претставував Македонија на официјална покана од Екрем Ескинат, градоначалник на Текирдаг и Махпејкер Јонсел, професорка и кураторка при Ликовната Академија на истоимениот град. Изработив едно специјално дело по молба на градоначалникот и истото остана во во сопственост на општината Текирдаг. Меѓу другите учесници застапени беа и реномирани уметнички од Русија, Индија, Турција, Украина, Бугарија, Италија и Косово.
Кога пристигнав на аеродромот во Истамбул ме пречека возач, “шизички” беше, го приметив како бара некого со погледот а во раката држи таблица на која со големи букви пишуваше “ГОРДАНА”. Одма се почувствував добродојдена а неколку часовното патување до Текирдаг беше вистинско уживање. При пристигнувањето занемев од возбуда кога го видов Хотелот “Рамада” со пет звездички, најлуксузниот во градот. Сите комоции во хотелот, како на пример, турските бањи, сауните, базените, мини барот во собата беа достапни за сите учеснички. Си признавам дека бев редовен гостин во турската бања од која после еден час излегував како да сум била на седмото небо. Затоа не е ни чудо што сите учеснички творевме со огромна пасија и оставивме прекрасни дела позади себе на огромно задоволство од страна на организаторите.
Попатно се запознавме со културното наследство и традициите во Турција шетајки по музеите, галериите, винариите, парковите. Целиот настан беше беспрекорно покриен организаторски и медиски, со телевизиски прилози и огромни билборди низ градот. При разновидните посети сите учеснички добиа поклони во вид на разгледници, рачно изработен накит итн. Лично многу ми се допадна поклонот од општината, прекрасна рачно исткаена торбичка, со божествен колорит, наполнета со најразлични миниатурни локални производи како, сокче од грозје, маџун, слатко од црешни итн. Се што добив си го густирав кога се вратив а и сеуште со големо задоволство се шетам со мојата турска торбичка низ Скопје.
Целиот настан беше крунисан со извонредно посетена изложба која се одржа во холот на самата општина. Многумина од посетителите се сликаа со мене и моето дело а градоначалникот ми кажа дека делото многу му се допаѓа.
Сакам да го споделам и задоволството од моите нови контакти и пријателства што се родија во секојдневната дружба. Некои од учесничките се и организатори на колонии во своите држави. Добив понуди за учество на ликовни колонии во Индија, Бугарија и Канада следната година. Девојката со која највеке се зближив е реномираната и наградуваната уметничка од Бугарија, Лора Јанева. Гледајки си ги делата, ги препознавме сопствените души и бевме скоро нераздвојни. После завршените обврски се сретнувавме во мојата или нејзината соба за да работиме и кога дојде време за нашата разделба си ги разменивме делата како подарок и симбол на новото пријателство. Двете дела се именувани “Љубов” и крстени се така спонтано, од срце“- ни раскажа нашата пријателка Гордана Винчиќ.




















