АУТСАЈДЕРИ
Денеска размислував за аутсајдерите… знаете… оние што ги имаат најдобрите намери а ако ги набљудувате некако стојат настрана од стадото, за да отстапат место на оние кои се „тепаат“ меѓусебно кој да застане на „престолот“ и кој повеќе да се покажи пред другите. Аутсајдерите обично изгледаат глупаво и наивно, со некоја си тага во очите, некоја истоштеност затоа што вложиле сè од себе, ги потрошиле дури и резервите од себе за да создадат хармонија а на крајот сепак чувствуваат дека не успеале. Некогаш ќе се претопат во остатокот затоа што насмевката им е најважното нешто во животот. Вложиле толку многу да го дадат најдоброто од себе за доброто на сите, а на крајот пак ќе бидат поттурнати, потценети, искористени па некогаш дури и исмеани. Можете да ги наречете и „несфатени од општеството“. Која иронија. Најнесфатените од општеството најдобро го познаваат општеството, и најмногу ги разбираат луѓето. Понекогаш се прашувам каде трчаат другите, „НОРМАЛНИТЕ“… Животот не е трка, животот е скалило, некогаш ќе се искачиш две скали погоре, ама некогаш ќе слезеш три подолу. И цело време така… Сите сме на истото скалило. Која е поентата да се прикажува лажна слика за себе? Ќе се накитиме со его и со материјализам, ќе го покриеме своето вистинско јас колку што е можно повеќе, ќе ја купиме најубавата маска, ќе го исфорсираме она што парите го купиле а ќе го скриеме она што претставува нашето вистинско јас. Сите сме проѕирни, посебно тие што се најпокриени…. Некако тажно делуваат животите на аутсајдерите, а тие сепак се толку многу среќни.
Здраво, јас сум Милена и јас сум аутсајдер.
– „Здраво, Милена и ние исто така.“
Автор: Милена Крстеска
