Почит кон Апостолот на слободата, од благодарните македонски Бугари
Пишува: Зоранчо Маринков
Ќе видиме една статија во весник “Право” од 22 октомври 1895 год., напишана по повод откривањето на паметникот на Васил Левски во Софија, којшто е откриен на истата дата.
Весникот “Право” е неофициалниот орган на Задграничното представништво на БМОРК/ТМОРО/ВМОРО. Тој факт е официјално потврден и од историчарите во денешна Република Северна Македонија, коишто пишуваат за тоа во учебникот по историја за 2-ра година (10 клас) гимназиско образование, во лекцијата “Македонската револуционерна организација (1893-1903)”. Таму стои следниот текст:
“ТМОРО издаваше и повеќе свои нелегални гласила, како што беа весниците “На оружје”, “Бунтовник”, “Слобода или смрт” и др., но објавуваше и легални (неофицијални и официјални) органи, како “Право”, “Дело” и др.”
Истото го пишува и на страницата на Википедија на македонски јазик, каде што стои и дека, според Пејо Јаворов – другар и биограф на Гоце Делчев, весникот “Право” ги преставувал и личните ставови на самиот Гоце Делчев.
Во бројот од весникот, каде што е објавена статијата за откривањето на паметникот на Васил Левски, “Право” носи подзаглавие “Орган на политичките и духовни интереси на българското население во Турција”, а главен уредник е Никола Наумов, роден во Штип, деец на ВМОК и ВМОРО.
Да видиме сега, што претставувал Васил Левски за македонските българи и револуционери.
…”Точно дваесет и две години поминаа значајна дата во нашата политичка историја. Речиси половина век! Но какво ни пречи тоа временско растојание нам, макар и несовременици на таа голема преродба на нашиот народ, за да се пренесеме барем во мисловно во таа славна, идеална и бурна епоха, когашто борбата против тиранијата, борбата за политичка слобода се водеше по сите линии, кога цело мноштво млади, несебични и идеални борци се вметнаа помеѓу народот да му проповедаат дека не треба да се надева на никој друг, а на своите здрави мишки и испукани раце, дека власта не е дадена од Бога, како што кажува светото писмо, а е дело на човечките раце и дека законите не се дадени од Бога, а се човечка творба, па затоа и власта може да се одземе и законите да се изменат?
Да, тие доблесни български синови, коишто чорбаџиите и турските измеќари ги нарекуваа “неранимајковци” и “бунтовници”, тие раскинаа еден дел од оковите со кои беше обкован умот на българинот-роб, а потоа истиот тој роб, со еден најголем гнев сам ги раскина оковите на политичкото ропство.
Пред нас неволно се појавуваат светлите ликови на “полулудиот” Раковски, на “рошавиот” слободноречив Каравелов, на “нихилистот” Ботев, на “еретикот” Дјакон Левски и на уште многу несебични борци, кои на сопствените плеќи го изнесоа целото ослободително дело.
Едниот со своите историски и филолошки истражувања и во Индија бараше българи; другиот со своето огнено перо ја будеше заспаната совест на българинот и го тераше да започне борба на живот или смрт со тиранинот; третиот, освен што го вршеше истото што и вториот, но уште ѝ ја запечати проповедта со сопствената си крв; а четвртиот… тој го вршеше она, коешто ниту еден смртен българин не можеше да го изврши: тој ги соединуваше сите народни жици во една галванизирачка батерија, за да пушти истовремено насекаде електрична струја…
Бесмртни синови на мрачна епоха;
Навистина, нема ли и Македонија да роди такви борци за својата слобода?
Навистина, и таа нема ли да даде еден Левски?…
Таа даде славни борци, но… ќе даде ли таа еден Левски?
…Го обесија физички Левски – го прекратија животот на еден организам, кој што служеше за конак на духот на слободата и правдата – на духот проповедник на “човечките правдини”! Да, тие го разрушија само конакот, но е и престојуваштиот во него дух, којшто невидливо за џелатите и судиите излезе од умртвениот труп и се пресели во срцата на българските младежи!…
“Да, тие го обесија физичкиот Левски, а дадоа вечен живот на Апостолот Левски, дадоа вечен живот на моралниот Левски! – Одговараме ние- (Стојан Заимов)”.
Да, тие го обесија бунтовникот Левски, за да создадат идеал за македонската младина…! додаваме ние”.




