| |

ВМРО (МИЈАЛКОВИСТИЧКА)

Ништо од повикот на Мијалков за обединување во ДПМНЕ- го лапна месечината, како што велиме в’ мое село. Го исклучија како предавник на делото и денеска неговите најголеми лижачи во минатото се натпреваруваат кој поголема плунка ќе фрли по братучедот на шефот. Козарот пак откако онака во духот на објективноста нè информира дека на Мијалков во минатото низ град му викале Шиптар (претпоставувам ради карактеристичниот начин на говорење, со кој јас лично се запознав од „бомбите“), побрза да обзнани дека дотичниот Шиптар организирал забава во Мериот по повод „победата“ во Собрание. Инаку тоа не е ни чудно, бидејќи самиот Мијалков во својот повик објави дека ВМРО-ДПМНЕ е прозападна партија, а нели случувањата во парламент беа токму за тоа да свртиме и ние на запад, да не гледаме ко телиња во шарена врата кон север (а веќе и кон североисток). И се случи чудо!!!

Мијалков од столб во одбраната на татковината се претвори во предводник на „предавниците“ од пратеничките клупи, и тоа само за неколку мочани часа. Тој им вршел притисок да ја предадат Македонија и да го предадат бојкотот на народот. Тој, Шиптарот бил креатор на „бомбите“, не биле ниту странските служби ниту нивниот златен ретривер Зоран Заев. Тој бил блискиот човек со каменот, а мета се разбира се патриотите од ДПМНЕ и нивниот врховен (веќе почесен) бог Гру. Да ви кажам искрено има некаква логика во таа приказна, бидејќи од бомбиве разбравме (освен тоа што г-ѓа Јанкулоска вади многу секси глас додека збори со кумот на Шефот) дека во државата главен мангуп е токму тој- Шиптарот, главниот на УБК. Сите останати звучат како случајно фатени од дожд мутлиња. Сега се поставува прашањето, како мајката сечените и лепените разговори, одеднаш станаа реален куршум испратен од Мијалков, кон грбот на Груевски и неговата тајфа? Дали Груевски кога зборуваше за малите ножиња во неговиот грб мислеше на „бомбите“, а не на Вилипче Вечниот директор и фракционер, како што си помислив јас? Дали, дали, дали?

Едно е јасно наследникот на врховниот бог Гру, веќе нема конкуренција. Освен Мијалков, од партијата „излета“ и Митко Јанчев, веќе поранешен потпретседател на партијата и актуелен градоначалник на Кавадарци. На Јанчев нормално не му се налутија за настапот на Цеца на Тиквешкиот гроздобер, туку затоа што си зеде за право да каже дека, ако бил пратеник ќе гласал за отварање на уставот со цел негова измена. Без да се правам на адвокат на Митко Кожувчанка, да се избрка потпретседател за таква изјава е исто како некој да добие ќотек од жена му, оти рекол „да бев арапски шеик ќе ја страмев Бионси“. Море не е муабетот на Јанчев бељата. Го ставија во „фракцијата“ на Мијалков и нормално му дадоа директен црвен, оти и тој нели како Шиптарот е „прозападно“ ориентиран.

Нино Тодоров пак, откако беше министер за образование и здравство во најјаките години на груевизмот, конечно осозна дека во ДПМНЕ има секташка фракција. Алелуја Нино братко. Не да се секта, можат предавања да држат по темава. Само да те потсетам дека ти бате, беше министер кога сектата беше пуштена на најјако и истата не е антиевропски ориентирана од пред 2 дена, туку е таква од поодамна. Претпоставувам си ги посетувал порталите што се финансирани од твојата партија. Ако во нив најдеш некоја позитивна информација за западноевропскиот начин на живот, јас лично ќе застанам под споменикот на Тодор Александров во Кисела Вода со табла на која ќе пишува: „Веднаш после Стариот, Никола Тодоров е најголемиот вмровец“. Ајде сеа да не се правиме дека вчера сме вратени од Бризбејн и поима немаме што ни се случува.

Денеска е голем ден, за Мицко војвода вчерашниот беше поголем, ама нема врска. Денеска почнува да мириса на нова поделба во ВМРО-ДПМНЕ (слична на онаа од 2003 г.). Од едната страна се Мицковистите, а од другата се Мијалковистите. Ако се создаде ВМРО (Мијалковистичка) истата ќе има цели седум пратеници во Собранието, еден градоначалник и успешен бизнисмен со неисцрплив арсенал од култни реплики. Можеби токму и тоа е поентата на наглото дпмневско свртување против Сашо Мијалков. Театар. Сега веќе имаме насочен прст  кон „лошиот“ чичко. Сашо е криминалецот и профитерот, тој работи со Вице и Зоран Заеви, Мицко војвода е чист како бебешка солза. „Прочистеното“ по втор пат ВМРО-ДПМНЕ ќе се надева дека на следни избори ќе изгази, како што тоа го направи Груевски во 2006, откако Љубчо Војвода му ја „исчисти“ партијата од луѓето со „багаж“. Веќе сме го гледале овој филм дами и господа од Белата палата, тешко дека ќе ви упали пак. Колку и да се трудите да ни покажувате дека немате никаква врска со груевизмот, сите вие па макар и препородени од новиот водач, го имате овој печат на челата.

PS: Си велам дека и Груевски ќе стане непотребен, ако си дозволи луксузот да го остави некому клучот од партиската каса. Каменот од блиску доаѓа, не заборавај почесен претседателу.

Автор: Батко Тане

Слични Објави