НАПУШТЕТЕ ЈА КОМИСИЈАТА И ЧЕКАЈТЕ ЈА БУГАРИЈА ДА ПРОПАДНЕ
Пишува: Атанас Величков
Со Бугарите нема разбирачка. И никогаш немало нели г-до историчари? Не ја пратија бугарската војска за време Илинден 1903, а сега пак, не сакаат странски „олеснувачи“ да ја помогнат работата на историската комисија. Затворај тоа и сите заедно да ја чекаме пропаста на Бугарија.
Пази безобразни, остави тоа што за ништо не се подготвени да попуштат, туку нивниот претседател проф. д-р Ангел Димитров и брифинзи прави после секоја средба и дава извештај пред бугарската јавност, за што се зборело на состаноците. Дискреција никаква. Нашиот пристап секако е поразличен и нормално далеку посовремен, поевропски да не речам. Првиот човек на комисијата од македонска страна проф. д-р Драги Ѓорѓиев не е голем љубител на брифинзите. Тој чека покани од медиумите. Ако го побараат ќе си каже, ако не го побараат уште поубаво. Секако постојат и исклучоци од правилото, посебно кога брифингот е заеднички и се одвива пред купче микрофони на бугарски телевизии.
Ете сега последно, проф. д-р Ѓорѓиев беше поканет во дневникот на Сител и таму си ги кажа најтазе маките со проклетите Бугаришта. Ние нели, немаме никакви грешки, тоа се подразбира, ама Бугарите, тие влегуваат од грешка во грешка од провокација во провокација. Прво не сакаат да дебатираат за веќе поставени претходно теми, туку наметнуваат нови и второ не сакаат никако влез на странски експерти, кои да ја „олеснат“, разбирај забрзат работата на комисијата.
Уште на првата средба одбиле вели проф. Ѓорѓиев, а овој прекрасен предлог го поддржува и австрискиот европратеник Андреас Шидер, член на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент. Замислете само колку се безобразни бугарските историчари. Инаку истиот тој Шидер беше еден од предлагачите на измените во годишниот извештај за РС Македонија на ЕП, кои беа наречени „антибугарски“, бидејќи го осудуваа „непримерното и провокативно однесување на бугарските власти кон Македонија“. Чим се антибугарски значи се е во ред. Но да се вратам на предлогот за „олеснувачи“. Истиот е нож со две острици, се разбира, ако премиерот Заев, не ги направи свои надворешни соработници, избраните странски експерти по историја и истите не започнат онака невино и фино како Зоран Беќировиќ и Аљаф Бакхатијар од словенечкиот институт ИФИМЕС да ѝ солат памет на Бугарија дека треба да признае македонско малцинство на своја територија. Само така успехот е гарантиран, а откако ќе се открие шемата, Заев ќе излезе на тв и фино ќе си се огради. Како што направи со оние од ИФИМЕС, „абе давав тука некакви ситни хонорарчиња, да имаат за лепче луѓето, ама ние немаме врска со „анализите“ полни со навреди за Бугарија и Германија“.
Инаку бугарскиот дел од комисијата се влијае од политичката ситуација во Бугарија, а нашиот не го прави тоа да се разбереме. Комисијата не ја прекина својата работа заради предвремените парламентарни избори, што се одржаа минатата година во Македонија. Не, тоа е само коинциденција, нашиве историчари имале потреба да одморат од тешката борба во одбраната на македонштината со нивните бугарски колеги па затоа, изборите немаат никаква врска.
А какви времиња беа…
Проф. д-р Ѓорѓиев во телефонско вклучување за бугарската телевизија Европа во крајот на март мината година ќе изјави:
„Бугарија треба да го промени погледот на Македонија за сегашноста, односно да ја признае таа реалност, која е создадена на територијата на Северна Македонија. Од друга страна македонската историографија треба малку похрабро и малку поотворено да проговори за минатото…“
Таа реалност создадена на територијата на РС Македонија, е призната од тројцата „најмразени“ бугарски политичари кај нас, а имено Каракачанов, Захариева и Ковачев, четвртиот Џамбаски сè уште како да одбива да ја прифати реалноста, судејќи по видеото од кое што се огради бугарското министерство за надворешни работи, но нека не му го земаме за грев, тој е само еден европратеник, исто како „големиот пријател на Македонија“ Шидер, познат по своите „антибугарски“ амандмани и паметни предлози за историчари-олеснувачи.
Прашањето е кога македонската историографија ќе започне „малку похрабро и малку поотворено да проговори за минатото…“.
Најдобро е воопшто да не почнува. Што ако Гоце самиот кажувал дека припаѓа кон бугарското племе, како што кажува проф. Ѓорѓиев. Не е важно тоа, ние одлучуваме кој да биде Бугарин и кој не… во духот на Гебелс знаете. Отворам само една мала заграда за да појаснам на што мислам. Шефот на нацистичката пропаганда Јозеф Гебелс сакал да го ангажира талентираниот режисер Фриц Ланг во својот тим, секако во услуга на режимот, Ланг го потсетува дека е евреин, а високиот нацистички функционер му одговара: „Ние одлучуваме, кој да биде евреин и кој не“! Појасно од тоа амин.
Ние одлучивме дека Гоце не е Бугарин и сега бараме странски олеснувачи, за да ја одбранат таа наша одлука. Нема потреба. Зашто ни се странци, ние и без нив можеме да си го уклучиме инаетот на најјако. Плус тоа, ако странците влезат во игра, кој ќе ги трпи професорите Наташа Котлар и Тодор Чепреганов секоја вечер во „Заспиј ако можеш“? Батали тоа.
Излезот е само еден… напуштање на комисијата и чекање Бугарија да пропадне, нема друга опција. Нема што да се јуначиме и да гледаме похрабро во минатото, оти тоа гледање треба да оди рака за рака со плукањето. Македонските историчари ќе треба да плукнат врз своите дипломи… Затоа варијантата со пропаста на Бугарија ни е поисплатлива, но тешко дека ќе ја дочекаме.