Захариева: Церемонијата за добивање на бугарско државјанство мора да биде свечена и јавна, така тие што сакаат да станат бугарски државјани само од интерес сами ќе отпаднат
Советодавниот совет на Министерството за надворешни работи мора да профункционира што е можно побрзо, за да може да се решат случаите со стекнување бугарско државјанство од граѓани со бугарска самосвест од Република Македонија.
Церемонијата на добивање бугарско државјанство мора да стане свечена. Само така ќе бидат елиминирани лицата кои сакаат да стекнат такво државјанство поради бенефиции и потоа да учествуваат во антибугарски кампањи.
Ова го изјави пратеничката од редовите на ГЕРБ Екатерина Захариева, поранешен вицепремиер и министер за надворешни работи, јавува БГНЕС.
На сослушувањето на министерот за правда Крум Зарков, Захариева се обрати нему и на МНР во врска со расправата за добивање на бугарско државјанство. Според неа, предлог-законот што е донесен решава само мал дел од проблемите, но не решава значаен дел од нив. Таа посочи дека последните измени од 2021 година се чекор во вистинската насока и ќе им ја отежнат работата на несовесните поединци кои се обидуваат да го заобиколат законот, па дури и да направат кривични дела.
„Истовремено, има случаи на граѓани на РСМ кои отворено го изјавуваат своето бугарско потекло, но тие се вратени. На овие случаи ја упатив и поранешната министерка за правда, Надежда Јорданова. Го повикувам и МНР да направи се за што побрзо да функционира Советодавниот совет“, рече Захариева.
Таа наведе и конкретен пример за сличен случај со Љупчо Ѓорѓиевски од Битола, претседател на КЦ Иван Михајлов.
Захариева е децидна дека церемонијата за добивање бугарско државјанство треба да биде свечена.
„На овој начин, голем дел од овие граѓани на РСМ кои сакаат да добијат бугарско државјанство само за да можат да патуваат, а потоа да спроведуваат отворени антибугарски кампањи, еден по еден ќе отпаѓаат. Со публицитетот на церемонијата и делумниот публицитет на регистрите, овој проблем сам ќе исчезне, а со тоа ќе се намали обемот на работа“, објасни пратеничката од ГЕРБ.