| |

Белград- Осми март

Пишува: Владимир Перев

Белград е прекрасен град. Расположен на устието на две реки, брдовит како Рим, иако ја нема светоста на своите брдовити предели, Белград сепак дише со своето богатство и традиции.
Градот ме пречека натмурен, со облаци и повремена светлина врз нив. Времето беше нејасно, дали ќе врне или не, тоа никој не можеше да го заклучи. Тоа променливо време беше најважниот показател на нестабилната, нејасната и променлива српска политика. Србија, раскината меѓу западот и истокот, седната на “две столици“, беше олицетворена низ временската нестабилност, магливост и времените светли проблесоци.

Осми март оваа година, личеше на национален празник на Белград и веројатно на цела Србија. Како и сите провинцијалци, така и јас се движев низ центарот на градот, од Славија до легендарната “Москва“, па потоа кон “Руски цар“ и Кнез Михајлова, за да се прошетам покрај Собранието и Поштата. Имаше што и да се види. Насмеани и добро облечени белграѓанки, сите со цвеќе во рацете, наседнати по кафеаните, весело си говореа и ги погледнуваа минувачите-онака под око, за да не се разбере што мислат. Центарот е преполн со туристи, се слушаат сите јазици, најмногу руски и англиски, но малкумина одат кон новите градби покрај Сава. Ноќта ќе биде “време на сплавовите“, каде на Сава, до раните утрински часови ќе се свири секаква музика, од рок и џез, па се до севдалинки и староградски војводински песни. Србите отсекогаш биле демократи во музиката.

Демократијата, братството и единството, слободата и ред други поими на современиот свет, на поинаков начин се толкуваат во Србија. Таму луѓето тргаат од себе сѝ-она што е добро за мене, ќе ти речат, тоа треба да е добро и за тебе. Ако не ти чини, барај си го чарето. Тоа е стара изрека на српското општество, таму секогаш и секој тргнува од себе сѝ и сопствените вредности. Дури потоа следи расплетот, кој во последниве триесетина години беше крвав и со непредвидливи последици.
Во Белград македонците се примени љубезно и средечно, но со бугарите, ситуацијата е поинаква. Последниве две-три години Србија е влезена во дипломатска и поинаква војна со Бугарија, нешто слично на нашата ситуација со Софија. Тука ние македонците, секогаш по 1944 година, заедно со србите се бориме против “бугарскиот фашистички и историски окупатор“, во спомен на жртвите дадени за нашето опстојување…барем така гласи вечната “наша“ и српска определба. Се говори за наводни, но и некакви вистински злосторства од Втората светска војна, се глорифицираат “Мачениците од Сурдулица“, ама никаде не може да се види некој да говори за злосторствата Сребреница и цела Босна, за насилијата за време на војната во периодот пред Дејтонскиот договор. Никаде не може да се види за тоа што србите правеле во Косово и Метохија, но секаде може да се види за “онеправданиот српски народ на КиМ“. Нормално, во личните контакти со пријатели, со нас македонците секогаш биле браќа, ама никој не споменува за периодот меѓу двете светски војни, како и периодот непосредно по 1944 година, па се до некаде 1974 година. Сепак, сме напредувале, веќе цел ден никој не ми рекол “бугараш“.

Не им е лесно на бугарите во Србија. Оние од Западните покраини се борат да земат здив од пресингот врз нив, додека пак оние од Војводина, имаат некаков релативен мир. Банатските бугари се малубројни, католици по вероисповед, верници на одамна замрената павликијанска секта во Бугарија и населени во Војводине пред околу триста години. Говорат архаичен бугарски јазик кој полека се губи, близок до македонските наречја и најинтересното, разбирлив за по малку образованите македонски граѓани, оние кои сеуште живеат во малите места и говорат на дијалект.

Квечерина, кафеаните беа преполни, немаше каде “игла да фрлиш“. Со мојот пријател Красен седиме во кафеана и разговараме за нас, најмногу за себе си, но и за оние околу нас-во лична, национална и политичка смисла на думата. Не сме задоволни од себе си, од нашите дејствија и од успесите, како нашите, така и на она што го претставуваме. Треба да се направи повеќе- не го говориме тоа, ама се гледа дека така мислиме.
Ноќта го обзема Белград. Од кафеаните се слуша тивка музика, нема чочеци и некави глупави ориентални напеви. Центарот е место на традициите на едно општество. Убавината на жените, осетот за мерка на мажите и чистите улици низ центарот, се одлика на Белград од времето на младоста на нас македонците, кога со подзинати усти го гледавме богатството на една земја, прелеано во нејзиниот главен град.

Така е и сега. Може и да се случи некаков простак на висока политичка позиција да ја уништи или девалвира убавината на градот, но убавината на жените од Белград е вечна и неодминлива. Дунав и Сава вечно ќе течат, сѐ друго е неважно! На белграѓани нека им е честит новиот соцреализам…националните и историски преиспитувања допрва доаѓаат.
Белграѓанки, честит Осми март… И вечно да сте убави!



Слични Објави