| |

Државотворен патриотизам

Facebook статус на Никица Корубин

Антиподот кој со години ја обликува политичката сцена, отелотворен во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, треба да го покрива целиот спектар и да ја оддржува државата, преку монопол во политиката. Тоа што државата години подоцна беше окарактеризирана како заробена, всушност само ја подотвори темата: зошто СДСМ себе си’ се доживува како “државотворна” партија, а ВМРО-ДПМНЕ како “патриотска”?

Темелот е веројатно надвор од политиката, и слободно можеме да го дефинираме како “идентитетски”, и тоа идентитетот на нашиот национален наратив. Тоа се разбира дека не е идентитетот сам по себе, туку наследениот наратив за тоа што е “македонскиот идентитет”. И на тој начин, овие две партии целосно излегуваат од нормалниот политички живот и навлегуваат во егзистенцијата на државата: “државата тоа сум јас” или преведено во наш контекст, “државата не може да постои без нас”. Но, која држава, државата Северна Македонија или “заробената држава”?

Кога СДСМ ќе кажат за себе дека се “државотворна” партија, на што точно мислат? Односно, која држава ја “твореле/создавале”, Република Македонија во деведесеттите или Социјалистичка Република Македонија во четириесетите? На што се реферираат, односно до каде во историјата се гледаат себе си’? Иако, и едното и другото нема многу демократска и историска логика, интересна е временската рамка во која гравитираат.

Ако се доживуваат како “историски и асномски” државотворни, тогаш суштински се тоталитарно-комунистички, што само по себе делува (не)веројатно за современа партија, која претендира на апсолутно европејство, кое патем речено, комунизмот одамна го има окарактеризирано како тоталитарен режим. Но, уште поважно, дали “сокриени” позади историскиот континуитет го негуваат “(про)југословенскиот” континуитет?

Ако, пак сепак временската отсечка ја ставаат до 1991 година, од кога постои единствената независна македонска држава, со својата “државотворност” повторно во тоталитарно-еднопартиски манир, го засенуваат, до степен на узурпација референдумот и уште побитно, желбата на граѓаните да имаат сопствена држава, припишувајќи си ги ексклузивно сите заслуги. Единствено ако и тој референдум не се доживува како своевиден “инжињеринг”.

Што не’ води, кога сме кај “инжињерингот”, на патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ. На кој точно “патриотизам” се реферира ВМРО-ДПМНЕ, на модерен патриотизам на современа држава или на историски патриотизам?

Првата варијанта би требало веднаш да ја отфрлиме, со изборот во името да се содржи историска категорија како што е “ВМРО”, што од самиот почеток ја “оптеретувало” модерноста и современоста на државата, во смисла на лесна транзиција од тоталитаризам во демократија, кое оптеретување е сега веќе јасно видливо, во фаворизирање и рехабилитирање на “колешивизмот” како “македонски патриотизам” по рецептот на “патриотизмот” на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, да се вратиме на втората варијанта, онаа историската, каде “патриотизмот” на ВМРО-ДПМНЕ, согласно првата импресија и самата употреба на ВМРО, треба да го бараме во 19-от и 20-от век, односно во историската организација ВМРО (со сите варијации, развој, згаснување и “воскреснување”).

Токму тоа “воскреснување” во името на современа политичка партија, се чини дека треба да го покрива делувањето. Но, не делувањето на партијата, туку делувањето на историската организација. Во свеста на луѓето, како реминисценсија за слобода и автономија. Узурпација на наративот, и практично лепило, како пчела матица, за сите траги на тој наратив, симболично и практично.

И така низ годините, овој антипод, го покрива спектарот, лево и десно, историски и современо, и го држи наративот “спакуван и замрзнат”. Нема тука финеси и нијанси, а најмалку суштински идентитет. Има дозволена перцепција, за тоа што подразбираат денес, кога сите велат дека го бранат идентитетот. Ове е тој “препариран идентитет” кој се брани.

Но, да биде “апсурдот” уште поголем, сега сведочиме на обратен процес, кога “државотворните” стануваат “патриоти”, а “патриотите”, “државотворни”. Сите на метафоричко ниво на “одбрана на идентитетот”, во сенката на (не)видливото антибугарство и антиалбанство, се претопија во карма-каша наративот: не се знае кој повеќе се грижи за комунистичкото (југословенско) и најважно “заедничко” минато, спакувано во антифашизам и асномизам.

Затоа што “ги разоткри” точката на спојување: српскиот свет. Со работен наслов Отворен Балкан или “СПЦ ќерката МПЦ-ОА”, сеедно. И воопшто не станува збор за србофилија, како легитимна “љубов кон одредена култура и цивилизација”, туку за класичен (про)српски национал-шовинистички наратив, за тоа што смее да биде “македонски идентитет”.

Наравоучение? Современа држава не се прави со наследени и наметнати наративи. Современа држава се прави со свест и знаење. Она кое тешко се пробива, во маглата на дозволениот наративот. А, кога маглата се расчистува, останува жалосниот и соголен наратив на “српските” Македонци, по логиката за “нашинците во Грција, Бугарија и Албанија”.

Или како што вели Советот на американските амбасадори, во својот последен извештај, разбирливо невидлив за “јавноста”: “се чини дека политичките елити на Северна Македонија се восхитуваат на српскиот претседател Вучиќ”, како есенцијално “демократско и европско” поведение; иако тоа “политички елити” нема строго македонски предзнак, особено со “лепакот” на целата “сцена што се поставува”, србизираното албанство.

Но, на што се восхитуваат граѓаните на Северна Македонија, не знаеме. Затоа, што нашите “елити”, по секоја цена сакаат да не’ држат “заробени”, со блокадата на евроинтеграциите, веќе и фактички, а не само метафорички.

А, дали воопшто може на било што да се восхитуваат граѓаните, може лесно да дознаеме преку (не)излезноста на претстојните избори. Дали се можни промени, со исти актери, не е најважното прашање, туку дали актерите можат да се променат со истото сценарио.

Слични Објави