„Софија филм фест“ започнува од 13 март и ќе трае до 31 март
Од 13 до 31 март ќе се одржи 29-то издание на Меѓународниот филмски фестивал SOFIA FILM FEST. Официјалното отворање ќе биде во салата 1 на НДК со најновиот филм на режисерот Светослав Овчаров „Облог“, јавува БНР.
Фестивалот е во организација на Арт Фест под покровителство на Столична општина, со поддршка на Министерството за култура, Националниот филмски центар и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, во партнерство со Националниот дворец на културата, културни институти и др.
Главниот фокус на овогодинешниот фестивал е бугарската кинематографија.
На програмата ќе бидат прикажани рекорден број бугарски играни, документарни и кратки филмови, како и меѓународни копродукции со бугарско учество – речиси 60. Скоро 50 од нив ќе ја имаат својата светска или софиска премиера на фестивалот. Повеќето од овие филмови се кофинансирани од Националниот филмски центар.
Захари Бахаров, Асен Блатечки, Дејан Донков и романската актерка Офелија Попи ќе ги видиме во главните улоги во воведниот филм „Облог“ на режисерот Светослав Овчаров. Во актерската екипа се и Иван Савов, Валентин Ганев, Малин Крстев, Стефан Мавродиев, Гергана Плетнова.
„Облог“ се потпира на познати и сакани бугарски актери и на фасцинантна рекреација на факти од бугарската историја.
Оператор на филмот е Веселин Христов, ликовен уметник е Мира Каланова, костимограф Габриела Карилова, инженер за звук Валерија Попова. Продукциските обврски и монтажата се во рацете на Светла Цоцоркова и Светослав Овчаров.

