Фон дер Лајен ја предупреди Република Северна Македонија да го почитува Договорот од Преспа
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати предупредување до Република Северна Македонија дека мора да се придржува до склучените меѓународни договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција, јавува БТА.
Во својот профил на платформата Х, Фон дер Лајен напиша дека „Клучно е Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, земјата да продолжи по патот на реформите и севкупно да ги почитува своите обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.
Според Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина од 2018 година, Република Македонија се обврза да го промени своето име во „Република Северна Македонија“. Тоа се случи со измените во нејзиниот устав.
Но, на денешната заклетва во парламентот во Скопје, новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече државата „Македонија“. Амбасадорката на Грција Софија Филипиду во знак на протест ја напушти салата.
Силјановска и пред изборите вети дека нема да користи „Северна“ при спомнувањето на името на државата во нејзините официјални изјави.

