| |

Уставни манипулатори

Facebook статус на Никица Корубин

Додека некои мазохистички и гласно се насладуваат на флагрантното прекршување на уставот и законот, при давањето на усната заклетва на новоизбраниот претседател/ка, други мазохистички молчат за истото прекршување. Затоа што во своето конформистичко-клановско (со)учесништвото се на иста (не)видлива линија со прекршителите, зарем не?

И затоа, нашата “јавност” е во погон. Ангажирана, на уште една тура манипулации и лаги, на штета на добрата информираност на граѓаните и на угледот на самата држава. Од “пркос”, преку “гордост” до чиста лага за текстот на законот. Во добро познатиот манир на итарпејовски итроштини на изигрување и прекршување на очигледното: уставот и законот. “Патриотско” газење по државата.

Но, никако да укажат на главното, дека уставот се прекрши уште еднаш во законодавниот дом, од официјален носител на највисока политичка функција, во присуство на други највисоки политички функции. А, уставот е највисокиот акт, кој е усогласен со единствено повисокиот акт од него: меѓународните норми.

И тој устав кој во 2019 година беше променет за усогласување со Преспанскиот договор под директна интервенција и ингеренција на Обединетите нации, во четири амандмани, преку Уставниот закон, стана составен дел на секој поединечен акт и пропис “до точка и запирка”. Северна Македонија е нашиот устав, значи нашата држава и нашето меѓународно постоење.

Или како што вели член 2 од “Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на уставот на Република Македонија”:

“Одредбата од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон.”

А, Амандман XXXIII гласи:

“Во уставот зборовите “Република Македонија” се заменуваат со зборовите “Република Северна Македонија”, а зборот “Македонија” се заменува со зборот “Северна Македонија”, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.”

И затоа сите финти, за читање на Изборниот законик, се (нај)свесна манипулација и невистина од оние кои треба да образуваат и информираат; а кое не’ води до уште една трагедија за нас како граѓани, а траги-комедија за функционалноста на системот: нашите “системски” деца од нашата клановска “елита”, распослани стратешки низ факултетите, академијата, партиите, медиумите и до секој агол на институционалноста.

И токму затоа оваа меѓународна бламажа, за свесно скандализирање и заострување на односите со соседите од НАТО, стратешките партнери Грција, после Бугарија; е само страсна желба и повик за уште едно вето, за да не мора веднаш да се направат неизбежните уставни измени.

Затоа што е “патриотски”, анти-албанството после анти-бугарството, да се надгради и со анти-хеленство. Чекајќи го (пот)свесно нивниот “ментор и хегемон”, во никогаш непрежалениот квази-југословенизам, да се “погрижи” за “државичево” (цитирано) од “инспиративниот Западен Балкан” (парафразирано). Краток бил патот од “уставобранители до уставокршачи”. Или уставокршачки, колку тоа прозаично звучи.



Слични Објави