| |

Милијардата „влажни“ соништа на премиерот Мицкоски

Пишува: Владимир Перев

1. Громогласно најавената една милијарда евра “поволен“ кредит од Унгарската влада, предизвика поделени емоции кај македонците. Сепак, сомничавоста на едните, не го намали ентузијазмот на другите. Најмалку кај Премиерот, кој секојдневно ја повторува мантрата за милијардата (која сега веќе стана половина), восхитувајќи се на својот успех. Да, и најважното, добиена е од “нашиот пријател“ Орбан, нашиот “единствен пријател“ во нашата омразена Европа.

2. Да се дружиш со “миротворецот“ Орбан, кој ја плука целата европска политичка јавност, кој истовремено е презрен од таа јавност, да се гордееш со пријателството на една политичка персона која плука по Урсула фон дер Лајен, а истовремено да бараш прием во Унијата, личи на недокваканост од елементарен тип. Не сакам да речам неморалност. Притоа, да се очекува дека Орбан и Унгарија ќе им ја завршат на нашите политичари (и оние другите) работата за влез во Унијата, во рок од шест месеци колку што трае унгарскиот мандат е брутално лажење на јавноста. Ако навистина некој од нашите политичари (и оние другите) навистина така мисли, треба да си побара лекарска помош. Народот, оние многуте обични луѓе, така не мислат.

3. Кафето, тоа проклето кафе кое го испи Орбан во фоајето на ЕП, ги поттикна нашите “влажни“ соништа. За обичните, секојдневни и елементарни финансови привилегии кои ги има Унгарија, Орбан излезе “на кафе“, за да не гласа за помошта на Украина. Тоа беше најголемото понижување на унгарскиот народ и Унгарија како држава. За Орбан тоа беше победа, но тоа е неговиот поглед кон реалноста и моралот. Да не гласа за помошта на Украина, да ја задржи привилегијата да бара бескрајни помошти за Унгарија и воедно, да се додвори на својот духовен ментор Путин. Истиот тој Орбан кој сега ни дава “ете така“ една милијарда.

4. Орбан никогаш немал една милијарда на располагање. Гасоводот, неговата енергетска сугурност, му го направи Бугарија, нему и на Вучиќ, со бугарски пари и темни зделки на некоја олигархија, сеуште врзана со “источните политики“ на трите бугарски царства и онаа несреќна република на Георги Димитров и Тодор Живков. Тоа е вистината која може да се прочита низ сите бугарски весници. До сега, никој не се спротиставил, никој не ја негирал или оповргнал…тоа е факт.

Орбановите “миротворни“ патувања во Москва, Пекинг и Вашингтон се само блеферски напор за мир. Суштината е дека се посакува мир на штета на Украина, цепење на нејзината територија и задоволување на историските неограничени империјалистички апетити на Русија и конкретно на Путин. Се бараше сојузништво и со Трамп.

5. Америка не е Трамп, Америка е систем и тој ги меле сите, дури и еден Трамп. Таму има програма. Тие знаат дека Украина никогаш нема да го “положи оружјето“ и нема да потпише предавнички мир. Тоа Трамп не може да го измени. Кога ли ќе ни стане јасно дека Европа и Америка се заложници на украинската борба за слобода?! Падне ли Киев, Путин ќе пие кафе во Берлин и Париз. Трамп може би нема емпатија за украинските жртви, ама Америка има програма. Не е важен бројот на жртвите, украинците се народ со меморија. Неколкуте стотина илјади кои ќе загинат, се ситница према умрените од глад во Украина за време на дваесетите години од минатиот век, за време на суровото владеење на Сталин. Украинците тоа го памтат, го памтат Голодоморот, помнат дека преживеале геноцид наложен од рускиот комунистички империјализам, ја помнат сопствената трагедија. Го помнат човекојадството во сопствениот народ, па макар и да е легенда. Ужасна легенда. Украина е феномен. Има повеќе од сто нации и сите здушно, како еден, ја мразат Русија. Тоа е народ кој има преданија за сопственото херојство и трагедии. Тоа е народот на Тарас Буљба, ама и народот на “Разорената целина“ на Шолохов. Во сенката на таа шолохова простачка имагинација за силата на колхозите, се гледа целата трагедија на украинскиот народ.

Кафето, тоа проклето “европско“ кафе, ние македонците не можеме да го заборавиме. Орбан бил многу паметен и промислен, што заминал на кафе, ама, може ли некако, да се најде маж, да го испрати Румен Радев на кафе?! Така ние македонците ќе влеземе во ЕУ, Радев и Бугарија ќе бидат понижени, а Орбан ќе остане светлиот пример, како се пие кафе во даден момент. Само да му го погодиме моментот на Радев.

6. Таа работа не врви така. На бугарите не им требаат пари, тие плаќаат за да купуваат американски авиони, учествуваат во системот на одбрана на ЕУ. А нешто и не гледам дека сакаат многу да пијат кафе, тие се повеќе по ракијката и виното. Колку што знам Радев не е ни по кафето, ниту по моите омилени бургаски мускатови или мелнишки вина…таков си е човекот. Го интересираат други нешта.

7. Мицкоски ја сонува милијардата, таа е сон за сите нас. Но за ефектите сонуваме различно. Бизнисмените мислат на развој и профит, Мицкоски мисли да го премости критичниот период до јануари 2025 година кога Трамп ќе дојде на власт. Затоа и сумата е преполовена. Со таа (пола) милијарда треба да ги затне дупките во пензиите и платите на администрацијата, како и тековните трошоци. Да купи привремен мир. Потоа нештата ќе се променат, ќе се отворат процесите со ЕУ, ќе се земат пари од ЕУ фондовите, а Радев и Мицотакис ќе “пијат кафе“ во некое фоаје на институциите. Сонување со отворени очи!

Сонуваната милијарда е земање здив, со неа не може да се владее. Најмалку помага во политичките и национални недоразбирања кои веќе прераснаа во јавен конфликт.

8. Омилената тема на македонските политичари (и оние другите), е волшебното зборче “реципроцитет“. Во последно време Мицкоски го повторува најредовно. Ќе му каже ли некој дека нема такво нешто. Од правата на македонците во соседството, па и во светот, ние одамна сме се откажале. Јавно, со документ и потпис. Нема македонци ни во Илинденското востание, нема македонци ни во ТМОРО/ВМОРО/ВМРО…има само луѓе од територијата нарекувана Македонија. Мицкоски треба да знае дека ние, македонските бугари сме наследници на славните традиции на Илинден 1903, па колку сака навредливо да не брои како “неколку стотина“. Македонци сме ние овде и по 2 август 1944 година, од АСНОМ наваму…и тоа не сите! Нашите предци биле од Македонија, но биле со припадност кон друг етнос, различен од македонскиот. Не верувам дека тој тоа не го знае, ама се прави на удрен, чекајќи го “денот Д“ на Трамповата победа и пропаста на Европа.

9. Знае ли дека ако ја нема оваа и ваквата Европа, заедно со неа ќе ја снема Северната Македонија, Молдова, БиХ а може би и некои други. Да, Македонија ќе опстои, ама нема да биде Северна и ниту тој, ниту некој од етничките наречени македонци ќе бидат премиери или министри. Ќе бидат пак “македонци“ ама некои други…

Перверзните умувања со демократијата, веењето на “етничкото античко“ знаме и правата на народот, правото на сопствено мислење се нешта кои никој не ги слуша надвор од Македонија. Тоа се смета како дел од нашиот национален, плебејски фолклор, нешто како турското ропство и слични нешта.

10. (Пола)милијардата на Орбан треба да ја пополни дупката на Путин на Балканот, по очекуваното свртување на Вучиќ кон Брисел. Литиумот ќе стане од српски, германски и европски, Србија ќе добие околу 15 милијарди и србите ќе заборават на Крагуевац и Шумарице, ќе ја заборават “Крвава бајка“! Тие веќе заборавиле на Путин и тој ќе остане без најверниот сојузник овде. Му остануваат само Додик и Орбан, ама тие се слаба утеха. Милијардата за Македонија треба да послужи да ги залечи путиновите балкански рани и да му даде ронка сигурност дека сѐ не е изгубено.

11. Унгарија и Орбан се лоши примери во одбрана на достоинството. Земја која изгубила две светски војни, со селско стопанство кое ги цица европските фондови, со “бугарско-руска“ енергија и католичка надмоќ, сега веќе сведена на сопствените етнички граници, не е добар пример.

Посетата на Орбан на Москва ствара недоумици. Таа треба да се возврати и Путин треба да дојде во Унгарија. Знаеме како русите влегуваат во Будимпешта, во 1945 и 1954 година…на советските тенкови…со насилие и погром врз населението.

12. Нека ја земеме милијардата, ама Мицкоски нека не оди во посета на Москва, па макар и заедно со Орбан. Унгарците навикнале руските “возвратни посети“, навикнале на руска чизма…нам таа работа многу тешко ќе ни оди.

Нели, ние сме слободарски народ! Илинден…да се угледаме на украинците!

Ужаснати сте, исплашени? Па, како што вели Мицкоски, секој има право на сопствено мислење…

Слични Објави