Петто издание на фестивалот на документарен филм Sofia DocuMental
Од 28 септември до 6 октомври ќе се одржи петтото издание на фестивалот на документарен филм Sofia DocuMental.
Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани 30 премиерни филмови за Бугарија. Голем дел од лентите се добитници на престижни меѓународни награди, изјави за БНР директорката на фестивалот Мартичка Божилова.
Sofia DocuMental е првиот меѓународен фестивал во Бугарија за уметничка документарна кинематографија со фокус на човековите права. Во организација на Балканскиот документарен центар, настанот е своевидна платформа за дебати за човековите права, која на широк спектар на бугарска и меѓународна публика презентира документарни филмови кои на визуелно импресивен начин ја бараат вистината за времето во кое живееме. Преку проекции, специјални настани и дискусии меѓу режисерите и публиката, фестивалот се фокусира на најитните општествени прашања на агендата, правејќи ја темата достапна за широката публика со цел да се зголеми степенот на општествено ангажирање.
Петтото издание на Меѓународниот фестивал на документарен филм со фокус на човековите права ќе биде под мотото „Излез од балонот“.
Ќе има ексклузивни средби со режисерите и голем број специјални настани, а дел од програмата ќе биде достапна онлајн на национално ниво до крајот на октомври во партнерство со Neterra TV+.
Во свет каде владее рамнодушноста и поделеноста, Sofia DocuMental нè поканува да излеземе од зоната на удобност и да го прошириме погледот на реалноста. Ова го сугерира и визуелниот идентитет на фестивалот, кој ќе заживее на клучни места низ Софија, како што се Софиското Ларго, Домот на киното, Филмското кино „Одеон“, Чешки центар Софија, Гете институт, Полски институт, Француски институт, клубот ДОМ, како и новоотворената културна сцена на Централните хали.
Фото: БНР

