ЗНМ поднесе пријава до Основниот кривичен суд во Скопје и до Здружението на судии за недолично однесување на судијка од Битолскиот суд
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска поднесе пријава до Основниот кривичен суд Скопје како и до Здружението на судии со цел да се преземат соодветни мерки за одговорност за денешниот непримерен и непрофесионален однос од страна на судијката Цветанка Никодиновска од Основниот суд во Битола кон новинари и медиумски работници.
Според укажувањата од страна на колегите, денеска судијката Никодиновска, не им дозволила на новинарите од онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК и на ТВ Телма да снимаат и фотографираат на судењето против претседателот нa Бугарскиот клуб во Основниот суд во Битола иако за тоа имале добиено одобрение од Врховниот суд.
Иако новинарите имале дозвола од Врховниот суд на Македонија за медиумско покривање на случајот, оваа судијка го попречи нивното право на известување, со што се прекршија принципите на транспарентност и правото на јавноста да биде информирана.
Потсетуваме дека слободата на медиумите и правото на информирање се од фундаментално значење за демократијата, и дека ваквите постапки се неприфатливи и штетни за правната и медиумската слобода во државата.
Ги повикуваме судските органи да преземат соодветни мерки за да не се повторуваат вакви инциденти и да го обезбедат почитувањето на професионалните права на новинарите и медиумските работници во заштитата на јавниот интерес.
