| |

Победата на Трамп, „Златната ера на Америка“ и човековите права

Пишува: Владимир Перев

1.
Ете, и тоа се случи. Трамп победи на претседателските избори во Америка и стана вториот претседател на државата, кој успеал да се врати во Белиот дом после претрпен пораз и пауза од четири години. Успеа и во друго-стана најстариот избран претседател на САД. За човек по стар од 80 години, тоа е успех на кој треба да му се завидува и почитува. Успеа со неговата симплифицирана пропаганда која може да се синтетизира во две изреченија “Да ја направиме Америка повторно голема“ и “Ветувам златна ера за Америка“. Неговиот финансиски бекграунд и неговиот успешен живот на бизнисмен и финасиски магнат, беа гаранција за можноста за реализација на неговите ветувања…затоа и успеа!

    2.
    Неговите геостратегиски позиции одамна станаа јасни на целиот свет: 1. Да се престане со воената и финансиската помош за опстојувањето на европските слободи и човекови права и Европа да се принуди, во рамките на НАТО да ги сноси своите трошоци, 2. Да се прекинат непријателствата кон Русија, да се стопира војната во Украина и Русија да се насочи кон соработка со Европа, 3. Да се регулираат политичките односи со Кина и геостратешките интереси на двете земји. Поточно кажано, империјалните амбиции на Кина да се насочат кон руските територии на Далечниот (Сибирскиот) исток, неисцрпно наоѓалиште на суровини, толку неопходни на кинеското забревтано стопанство, а истовремено Русија да се наведе на подведување на европските капитали и ресурси под свое владеење. Просто речено, тоа е еден воопштен поглед кон ревитализацијата на подзаборавената Монроова доктрина и Трампова медијација за подвладување на Европа под руско влијание. За Сибир се знае, тој последниве четириесетина години е под огромно кинеско влијание, економско и финансиско. Јуанот е платежно средство, паралелно со рубљата на пространствата на Среден и Далечен Сибир, а кинеската популација доживува вистинска експанзија. Населувањето на Сибир е тивко и по ништо не наликува на она од “Освојувањето на Дивиот запад“, толку експлоатирано во американската кинематографија, литература и сликарство.

    3.
    Никој во Македонија нема илузии дека Трамп нешто посебно е заинтересиран за нас. Можеби гледа на Западен Балкан како на средство за договор со своите руски/кинески партнери, но оваа територија е споредна во размислите на администрацијата која ќе дојде. Израел останува трајната определба на идната Трампова администрација и негова лична заложба, Израел е “пред сите и над сите“. Тој, Израел е гарант на американската супремација на Истокот, тоа е амириканска размисла на сите бивши и веројатно идни претседатели и администрации…и во тоа се целосно во право. Ние остануваме заборавени, во некој темен агол на географијата или историјата. Никој не знае каков ќе биде договорот на големите за нашата иднина.

    4.
    Сончев пладневен ден во Скопје. Седам во кафеана со пријатели и си говориме “геополитика“. Ги има од секакви профили и “занаети“, сите проверени во својата дејност и убедувања. Еден помлад интелектуалец ја почнува својата теорија за “разликите и единствата“. Видете, вели тој, ова што се случува е подем на авторитаризмот во целиот свет, тоа ни се случува и нам овде, во Македонија, Србија и Бугарија. Предвидувам дека старите болшевички структури во Бугарија, Србија и Македонија, закоравените посткомунистичките наследници на сталинистите, одново ќе се обединат во воздигање на својот авторитаризам како систем на управување. Потоа се врти кон мене, па онака со широка насмевка ми вели: Да знаеш, комунистите од Бугарија, Србија и Македонија ќе се договорат и одново жртви ќе бидат македонските бугари. Знам, и јас се чуствувам како етнички бугарин, во Софија и сум се образовал, добро ги знам. Затоа ти велам, престани да пишуваш за Ванчо Михајлов, бидејќи, во новото време кое доаѓа, михајловистите и повеќето македонски бугари ќе бидат жртви на политиката на “надминување на разликите и воспоставување единство“. Навистина и јас сум со тебе, но припаѓам кон видно комунистичко смејство и секирата ќе ме одмине“. Другите на масата ме погледнуваат и иронично се насмевнуваат…

    5.
    Во последниве стотина години погледите на македонските бугари беа и сѐуште се вперени кон Софија. Од таму се добиваа само плакатни изјави и јалови ветувања. Ситуацијата се промени во последниве пет години и тој од Бога заборавен дел на македонскиот народ, тргна да ги остварува своите човекови права. Се формираа бугарски клубови и портал. После дадени илјадници жртви, крвави буни и востанија, бескомпромисно учество во двете светски војни, се стигна до деншната ситуација во која македонските бугари се национално и политички “препознаени“ но сеуште “уставно неприфатени“. За многумина од нив, успехот се должи на нивниот бугарски патриотизам, михајловизмот како средство за борба и уредување демократска државност, изразениот антикомунизам и неприфаќањето на рускиот/советскиот политички, национален и верски диктат.

    Тоа се позициите и убедувањата заради кои нашите предци ги губеле главите, но барем го сочувале достоинството.

    Денес некои политичари во Македонија веруваат дека староновата Трампова администрација, ќе помогне во “надминувањето“ на разликите околу човековите права на македонските бугари. Очекуваат да се повторат познатите слики од Берлинскиот конгрес и Мирниот договор во Неј.

    Па, ако е потребно, во името на “надминувањето на разликите и единството во политиката“ и оваа генерација ќе го даде својот патриотски долг и саможртва.

    Важно е да се сочува достоинството…кај нас, ама и во Софија!

    Слични Објави