Бугарија се претставува на Светската туристичка изложба во Лондон WTM
Во рамките на WTM World Tourism Exhibition во Лондон, бугарскиот министер за туризам Евтим Милошев одржа низа клучни средби со европските министри за туризам. Главна тема на разговорите беше создавање на заеднички туристички производ – „Бренд Балкани“ и подобрување на воздушната поврзаност меѓу балканските метрополи, јавува Радио Бугарија.
Министерот Милошев се сретна со своите колеги од Италија Даниела Сантанке, Грција Олга Кефалојани, Србија Хусеин Мемиќ, Хрватска Тончи Главина и Црна Гора Симонида Кордиќ, како и со заменик министерот за туризам на Турција Надир Алпаслан.
Идејата за „Бренд Балкани“ беше поддржана од колегите на министерот Милошев. Концептот е насочен кон олеснување на патувањето меѓу земјите и обезбедување уникатно искуство за туристите што вклучува посета на повеќе од една балканска дестинација во едно патување. Со овој пристап, Балканот може да привлече уште повеќе туристи од прекуокеанските пазари, соопшти Министерството за туризам на Бугарија.
На предлог на италијанската министерка Даниела Сантанке, во Рим ќе се одржи состанок меѓу Црна Гора, Албанија, Бугарија и Италија, со цел да се постават темелите на туристичкиот производ „Дестинација Балкани“. На средбата со Олга Кефалојани од Грција беше договорено создавање на Комитет за туризам меѓу двете земји. Ова е формат за поблиска соработка меѓу Бугарија и Грција за иницијативи од заеднички интерес, вклучувајќи ги и темите за воздушно поврзување, пазарот на труд и одржливоста на туристичките производи.
Министерот Милошев и турскиот заменик министер за туризам Надир Алпаслан се договорија 5-та седница на Комитетот за туризам на Бугарија и Турција да се одржи во Банско. Темите на претстојните дискусии ќе вклучуваат подобрување на граничната контрола, новата дестинација „Бренд Балкани“, соработка во туризмот за крстарење на Црното Море, зајакнување на врските меѓу двата туристички сектори и сл.

