ВИДЕО: РОМАНЕЦ ГО ИЗГРАДИ НАЈКРАТКИОТ АВТОПАТ НА СВЕТОТ ЗА ДА И ПОКАЖЕ НА ТАМОШНАТА ВЛАСТ КОЛКУ НЕ ЈА БИДУВА ЗА НИШТО
Бизнисменот Стефан Мандачи од романскиот град Сучава го изгради најкраткиот автопат во светот, долг еден метар, во знак на протест против недостигот од сообраќајна инфраструктура.
„Ние сме најсиромашниот регион на Европа. Сакам автопати тука, во Молдавија и во мојот роден град Сучава“, изјави Мандачи за Јуроњуз.
Како што кажа, му дошле преку глава празните ветувања на властите во изминатите 30 години дека ќе изградат нови патишта, па решил самиот нешто да преземе и вложил 4.500 евра во проектот.
Романија има 805 километри автопатишта, а патната мрежа расте со многу бавно темпо, иако властите ветија нови 118 километри до крајот на 2019 година.
Кампањата на Мандачи „Романија сака патишта“ е исклучително популарна, а десетици илјади луѓе од целата земја дојдоа да го поддржат на „отворањето“ на автопатот.
