| |

Гледање на патот за помирување како генерациска можност за МПО

Пишува: Иван Динев Иванов, МПО „Бистрица“ Синсинати, Охаjо, САД

Верзија на оваа статија на англиски е објавена во МАКЕДОНСКА ТРИБУНА, том. 98 бр.3556 од 7 ноември 2024 година.

Пред повеќе од една година, МПО едногласно одлучи на конгесот во месец септември лани да го смени својот статут како клучен елемент на новата стратешка визија и да стане инклузивна организација за сите Македонци без разлика на нивниот етнички, национален, верски или други идентитети. Постојат најмалку три одделни, но меѓусебно поврзани аспекти на овој процес—помирување меѓу дијаспорите на македонските Бугари и на етничите Македонци во Северна Америка и на други места, внатрешно помирување во општеството на Северна Македонија и помирување меѓу Република Северна Македонија (РСМ) и нејзиниот сосед, Република Бугарија. Веќе се формира консензус дека ваквото помирување е навистина потребно и дека интеграцијата на РСМ во европските и евроатлантските структури претставува генерациска можност да се постигне напредок во сите три аспекти на помирувањето. Во исто време, треба да имаме на ум дека, за да успее, овој процес треба да се заснова на добри политики и практики документирани во трудовите на општествените науки.

Концептуална рамка за помирување

Помирувањето може да биде и процес и резултат кој вклучува обновување на скршени во минатото односите.1 Намерата е луѓето со конфликтно минато да бидат доведени во хармонични односи. Иако настаните на територијата на георафска област Македонија не можат да се споредат со конфликтите меѓу Франција и Германија или Полска и Германија за време на Втората светска војна (ВСВ), во македонскиот случај постојат многу сличности со Јужна Африка, каде што конфликтот беше поврзан со политиката на расна исклученост. Во географската област Македонија, особено во југословенска Македонија, имаше идентитетски конфликт на исклучување во текот на 20 век. Суштински дел од помирувањето е да може да се постигне “договор за збирот на историски настани или околности” за тој период.2 Иако не постои единствен начин да се постигне такво разбирање, Присила Хејнер предлага да се фокусираме на три основни групи прашања за да се тестира дали има напредок кон помирување.3

Првата група е поврзана со начинот на кој се постапувало со минатото во јавната сфера, конкретно дали во политичкиот и јавниот дискурс доминира “чувството на горчина од минатото.” Долгорочното и тековно помирување бара “инклузивен процес кој што е прифатен од поделените во минатото луѓе.“4 Толкувањето на настаните од минатото останува спорно меѓу заедниците на македонските Бугари и на етничките Македонци и покрај напорите да се разговара на цивилизиран начин со поранешните противници.

Да ја разгледаме на пример идејата “еден народ, два идентитети” за која се дискутира на страниците на Македонската Трибуна. Поимот “народ” може да биден сфатен во тесен смисол како група која дели идентитет поврзан со географски простор или територија или како група што дели заедничка нација. Првото значение би можело да се примени во регионот на Македонија за периодот меѓу двете светски војни, но истото толкување може да предизвика повеќе горчина и поделеност отколку единство и разбирање денес. Идејата за “еден народ” секако значи различни нешта за граѓаните на Бугарија и С. Македонија, како и за припадниците на нивните дијаспори во Северна Америка. Етничките Македонци би можеле да ги прифатат македонските Бугари како дел од еден народ само доколку тие ја признаат својата посебност од останатите Бугари. Обратно, македонските Бугари би се согласиле со конструкцијата за еден народ само ако етничките Македонци се подготвени да прифатат дека тој “народ” вкучува поширокото разбирање за “целокупен бугарски народ.”5 За да се избегнат непотребните кавги, можеби е полесно да се фокусираме на признавањето на варијацијата на идентитетите засновани на правото на самоопределување како универзален принцип, истовремено истакнувајќи заедничката култура, историја и наследство што ги обединува сите Македонци без разлика на нивната етничка, верска, или јазична самоидентификација.

Втората група прашања се занимава со односите меѓу поранешните противници и дали тие се засноваат на сегашноста, а не на минатото. Затоа постојаното повикување на грешките од минатото може да биде знак за континуирани антагонизми. Добар пример за континуиран антагонизам е референцата ‘бугарски (наци-)фашисти’ користена приватно и јавно за време на официјалните комеморации на настаните од 11 октомври 1941 или од 11 март 1943 година. Екстремистите го користат тој антагонизам да “го подгреваат пламенот на нетрпеливост и демонизација […] со нивните недемократски наративи“, како што е наведено во Резолуцијата на МПО од 2024 година за фундаменталните права на луѓето од регионот на Македонија.6

Ваквите поделени упатувања кон минатото беа намерно користени од многу водачи во Северна Македонија со цел да “создадат тензии меѓу заедниците” и, на тој начин, да ја поткопаат јавната поддршка во РСМ за вклучување на македонските Бугари во уставот на државата. Сегашната влада во Скопје сака повторно да репреговара или да го измени договорот за уставни измени од јули 2022 година и да ги спроведе овие измени само откако земјата ќе се приклучи на Европската унија (ЕУ) како гаранција да нема можно бугарско вето во иднина. МПО исто така се спротивставува на ваквиот пристап, истакнувајќи дека не може да се преговара за основните човекови права и дека македонските Бугари мора да бидат признати како “Македонци горди на своите бугарски корени, кои заслужуваат истите основни права како и сите други Македонци, без да мора да ги негираат етничките корени на нивните предци.” Toa е внатрешно прашање на прифаќање и на недискриминација, исто както и предуслов за помирување кое дури “не треба да биде прашање или резултат на какви било меѓународни преговори или барања”.7

Третата група прашања се занимава со прашањето дали постои само една или многу верзии на минатото. Јужноафриканските научници забележаа дека процесот на помирување повлекува “соочување со несаканите вистини со цел да се усогласат неспоредливите погледи на светот, така што неизбежните и континуирани конфликти и разлики да стојат барем во еден единствен универзум на разбирливост.”8 Воспоставувањето на ‘вистината’ во овие општества “придонесува за социјалното учење” помагајќи на тој начин “да се надминат антагонистичките системи на верување” затоа што, ако тие не се решат, овие верувања “ќе го блокираат формирањето на попозитивно чувство за колективна идентификација.”9

Различните верзии на минатото придонесуваат за најтешките проблеми околу процесот на помирување во македонскиот случај – прифаќање на неискажливата вистина меѓу етничките Македонци во РСМ и во дијаспората дека имаат заедничко минато со Бугарите и споделуваат наследство со нив. За да се премости овој јаз, МПО ја охрабри Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања (ЗМЕКИОП) формирана меѓу Бугарија и Северна Македонија како метод на помирување за “да постигне значителен напредок во усогласувањето на историските наративи во учебниците на двете земји во духот на соработка и во согласност со методологијата на општествените науки и современата светска историографија.”10

Неискажливите вистини” на патот на помирувањето

Процесот во кој несогласните факти стануват “конзистентни, усогласени и компатибилни едни со други” се сведува на три суштински прашања на кои историчарите и интелектуалците во Северна Македонија треба да дадат јасен и конечен одговор во согласност со официјалните записи и усогласениот во светската историографија наратив. Прво, каква е етничката припадност и која е национална идеја со која се поврзуваат буквално сите македонски преродбеници (вкл. револуционери и интелектуалци) во текот на 19 и почетокот на 20 век кои денес се сметаат за национални херои во Скопје? Додека три посебни идеи се натпреваруват за припадноста на македонските Словени во овој период—бугарска, грчка и српска—огромното мнозинство од тие градители на нацијата несомнено се чувствувале Бугари по етничка припадност, припаѓале на бугарските образовни, верски и културни институции (училишта, цркви и обштини) како и на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Затоа професорот Чепреганов правилно забележува во интервјуто од август 2023 година дека “ако се прифати дека Гоце Делчев […] поради тоа што тој во светската историја тој се смета за Бугарин и дека може да го чествуваат и двете држави [Бугарија и С. Македонија], сите македонски револуционери ќе бидат Бугари.”11 Се разбира, овие херои се и Македонци во однос на нивното регионално, географско, политичко и културно наследство.

Второ, историографијата на Северна Македонија треба да даде јасен одговор каков бил карактерот на судирите меѓу бугарските власти и македонските партизани за време на ВСВ. Дали оваа конфронтација има пред се’ етнички или идеолошки карактер? И покрај напорите на марксистичката историографија уште од југословенско време да го прикаже овој период како национално востание на “етнички” Македонци кои востанале против “бугарскиот фашистички окупатор,” овој судир во најголема мера е идеолошки, кое се потврува од фактот дека во територијата на Вардарска Македонија под контрол на Бугарија биле регистрирани значително помалку жртви отколку во останатите делови на Југославија, па дури и во самата Бугарија.12

Трето, дали имало насилство во процесот на градење на македонската нација по 1945 година? Дали доживеале политички репресии тие граѓани кои одбивале да ја прифатат комунистичката идеологија и антибугарскиот национализам на новата македонска република од средината на 40-тите до почетокот на 60-тите години на 20тиот век? Трагичната судбина на истакнатите македонски интелектуалци како Јордан Чкатров и Димитар Ѓузелов, на лидерите на МПО како Љубен Топчев и Коста Хаџимишев, па дури и некои од основачите на Народна Република Македонија како Павел Шатев и Венко Марковски сведочат за недемократскиот карактер на градење на нацијата во овој период. Основна мета на овие репресии беа оние кои одбиваа да го прифатат комунистичкиот наратив за минатото наметнат на новата југословенска република по ВСВ и инсистираа на своите македоно-бугарски корени.

Прифаќањето на логичните одговори на овие три прашања во согласност со документите и доказите се клучни за ставање крај на “циклусите на поделби на обвинување, негирање и контраобвинување” што би елиминирало “исклучувањето на другиот” и би овозможило паралелното признавањето на сегашните разлики во едно со минатите сличности како дел од процесот на oздравување.13

ЗМЕКИОП помеѓу Бугарија и Северна Македонија беше создадена во 2018 година, конкретно со цел да се решат овие разлики преку “процес на евалуација – како работата на сметководителот за усогласување на спротивставените побарувања пред затворање на главната книга.”14 Кога помирувањето ќе ги надмине пречките поврзани со толкувањето на минатото, сите други аспекти на процесот би биле прилично лесни да бидат завршени, вклучувајки гестстовете на извинување, простувањет репарации и спроведување на правдата.15 Успехот на помирувањето е особено важен во контекст на членството на Северна Македонија во ЕУ – не само како важен елемент на добрососедските односи, туку и како составен дел на критериумите за членство (или т.нар. Копенхашки критериуми).

Помирувањето како дел од процесот на интеграција во ЕУ

Помирувањето беше клучен услов за членство во ЕУ и НАТО на сите држави од Централна и Источна Европа како дел од пошироките напори за постигнување на траен мир во Европа. Во 90-тите години на 20-ти век, од земите-кандидатки за НАТО и ЕУ беше побарано да потпишат договори за добрососедски односи со кои да ја “затворат книгата” на сите тековни спорови поврзани со граници, малцинства и настани од минатото. Идејата за помирување беше вградена и во Копенхашките критериуми за членство во ЕУ од ноември 1993 година, кои бараа од сите земји аспиранти да обезбедат “стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата.”16 Повоеното закрепнување во 90тите години покажа дека соочувањето со ‘неискажливите’ вистини може да се случи само со процесот на демократизација кога има слобода на изразување и институции кои ги гарантираат основните граѓански и политички права. Заштитата на малцинските права представува суштински елемент на процесот на помирување и може да има различни форми – од вклучување во уставот до посебен статус на заштита, проширување на колективните права или воведување механизми за обештетување на жртвите од мината репресија. Затоа на помирувањето не може да се гледа едноставно како билатерален проблем, туку како на прашање поврзано со демократијата и заштитата на човековите права.

Токму во овој конкретен контекст треба да се толкуваат постоечките очекувања на Бугарија кон Северна Македонија. На пример, една од задачите на ЗМЕКИОП поврзана со ревизијата на учебниците е исто така дел од условеноста на ЕУ која ќе биде разгледана во Поглавје 26 Образование и култура, додека другите барања за помирување кои се однесуваат на рестаурација или враќање на правата на жртвите преку отворање на досиејата на југословенската тајна полиција и рехабилитацијата на жртвите на комунизмот се дел од Поглавјата 23 и 24 во процесот на пристапување во ЕУ кои се однесуваат на судството, основните права, правдата, слободата и безбедноста, како и целокупното функционирање на демократските институции. Сепак, вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ е фундаментално колективно право за заштита на малцинските групи што треба да претходи на отворањето на кластерот ‘фундаменти’ или ‘темели’ и затоа, нивната одложена имплементација не може да се биде предмет на купи-продај преговори како дел од одлуката за унапредување кон ЕУ.

Процесот на пристапување во ЕУ има разни дополнителни алатки за да се поттикнат реформите и да се следи напредокот на РСМ кон помирување во рамките на сопственото општество и со соседите. Треба да запомниме дека крајната цел е да се поттикне суштинска трансформација дома што ќе го направи македонското општество подемократско, поинклузивно и потранспарентно. Секако, успешното помирување нуди двојна награда – на крајот на тој процес на пристапување кон ЕУ не само што ќе обезбеди интеграција на Северна Македонија во еден елитен клуб од 450 милиони луѓе както и сите привилегии поврзани со тоа членство, туку и ефективно ќе отстрани сите граници меѓу Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија, со што конечно ќе се обединат “сите луѓе во регионот на Македонија кои се поделени повеќе од еден век.”17

1 D.J Christie, R.V. Wagner and D.A. Winter (eds.), Peace, Conflict, and Violence: Peace Psychology for the 21st Century. Prentice-Hall, Englewood Cliffs, NJ, 2001.

2 L. Kriesberg, Constructive Conflicts: From Escalation to Resolution. Rowman & Littlefield Publishers, Lanham, MD, 1998.

3 P. Hayner, Unspeakable Truths: Transitional Justice and the Challenge of Truth Commissions. Routledge: London and New York, 2011, стр. 189.

4 J. Sarkin, “Achieving Reconciliation in Divided Societies,” Yale Journal of International Affairs, Spring/ Summer 2008, стр. 17.

5 I. Banac, The National Question in Yugoslavia: Origins, History, Politics. Cornell University Press, Itaca, NY, 1984, стр. 327.

6 “2024 MPO Resolution Regarding the Fundamental Rights of People in the Region of Macedonia,” Македонска Трибуна, том 98, број. 3555, 3 октомври 2024 година, стр. 10.

7 Исто таму.

8 K. Asmal, L. Asmal, and R.S. Roberts, Reconciliation through Truth: A Reckoning of Apartheid’s Criminal Governance. David Philips, Cape Town, South Africa, 1996, стр. 46.

9 N.T. Aiken, Identity, Reconciliation and Transitional Justice: Overcoming Intractability in Divided Societies. Routledge, London and New York, 2013, стр. 43.

10 “2024 MPO Resolution Regarding the Fundamental Rights.”

11 TV24, Скопје, август 2023. “24 Интервју со проф. д-р Тодор Чепреганов,” https://youtu.be/VoX4Y8jWI6s (пристапенo на 15/10/2024)

12 Стефан Дечев, “Две държави, две истории, много ‘истини’ и една клета наука 2,” Маргиналија, 08/06/2018, https://www.marginalia.bg/stefan-dechev-dve-darzhavi-dve-istorii-mnogo-istini-i-edna-kleta-nauka-2/ (пристапенo на 15/10/2024)

13 Hayner (2011), стр. 189.

14 “Извештај на комисијата за вистина и помирување на Јужна Африка,” 1998, стр. 435.

15 D.J Christie и сораб, 2001; G. Stankov, “Policy Recommendations for Historical Reconciliation in the Republic of North Macedonia,” Public Policy.bg, Vol. 12, no.3, June 2021, pp. 35-44, https://ejpp.eu/index.php/ejpp/article/view/400/pdf_3 (пристапенo на 16/10/2024).

16 “EU Accession Process: Step by Step.” The European Commission, October 2022, https://neighbourhood-enlargement.ec.europa.eu/system/files/2022-10/eu_accession_process_clusters%20%28oct%202022%29.pdf (пристапено на 15/10/2024).

17 “2024 MPO Resolution in Support of Integration of North Macedonia into the European Union,” Македонска Трибуна, том. 98, број. 3555, 3 октомври 2024 година, стр. 10.

Слични Објави