(Видео) Потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас за РСМ: Условите на ЕУ се јасни. Нема да има споредни влезови и ставање на проблемите под тепих
„Ставот на ЕК за земјите кандидати е кристално јасен. Има перспектива за сите земји кандидати, но нема да има споредни влезови, скратени патишта и ставање на проблемите под тепих“. Така, потпретседателот на ЕУ Маргаритис Схинас (во сегашниот состав) во ексклузивно интервју со Милена Милотинова ја коментираше состојбата со РСМ, чија нова влада се обидува да не го исполни предусловот за почеток на преговорите – вклучувањето на Бугарите во Уставот, сакајќи уставните измени да стапат во сила дури по влезот на земјата во ЕУ.
„Земјите кандидати мора да ги исполнат сите предуслови. Можам да ве уверам дека никој не сака да внесе никакви проблеми во Европската Унија. Ова е нешто што никому не му помогнало во минатото. Мислам на граничните спорови меѓу Хрватска и Словенија, кои тешко се решаваа во ЕУ. Значи, воопшто нема желба – која било земја кандидат да ги донесе своите проблеми во Европската унија. Овие прашања мора да се решат или пред или за време на процесот на пристапување. Но, не после тоа“, изјави Схинас на Bulgaria On Air.
Предусловoт за уставни измени е истовремено барање на Бугарија и на Европската Унија за Скопје да ги започне преговорите, прецизира Схинас во емисијата БРИСЕЛ 1.
Тој ги коментираше и односите меѓу Скопје и Атина по Договорот од Преспа.
„Мислам дека Договорот од Преспа со кој се реши уставното име е клучен фактор за да се донесе поголема стабилност во претпристапниот процес. Но, се разбира, во меѓувреме дојде до промена на власта во Северна Македонија, и иако новите лидери не покажаа желба да го ревидираат Договорот од Преспа, многу често се чувствува искушението вербално да го прекршуваат“, рече еврокомесарот. кој изрази надеж дека тоа нема да стане институционална закана за Договорот од Преспа.
„Повторно, перспективата за нив е иста, а тоа е: ако сакате да влезете, мора да бидете сигурни дека сте во добри односи со вашите соседи. Во спротивно нема да ве примат“, категоричен беше Маргаритис Схинас.
