|

Последниот атентатор (10)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев.

Ова се случуваше некаде 1943 година, месец јули. Заради тоа и заради мојата интервенција во полицијата во полза на брат ми, мене почнаа накриво да ме гледаат Благој Кацарев, Крсте Јанев и Георги Хаџимитрев, тие издајници. Трубеа против мене дека сум се откажал од блгарштната и од добар Бугарин сум станал Србин. Тие така пропагираа против мена, ама јас на Крсте Јанев му пратв писменце и му велам: “Бај Крсто-тој беше повозрасен од мене-не приказвај такви глупости. Денеска се води војна, не се знае на каде ќе натежне победата, па некои од нас да не станат утрешни престапници.” Писменцето му го однесе Мито Солаков. Тие малку се исплашија од мене, јас бев сериозен и остар човек. За несреќата да биде уште поголема, по неколку дена доаѓа Олга, мајката на големата комунистк..??

По неколку дена доаѓа чичко ми Кирил Петрушев, за да се поврзе со поголемите овдешни комунисти и неработници, како на пример со брат ми Петре, Рингата и др. Дојде да се поздрави и со татко ми, да се поздрават како браќа. Кирил Петрушев беше најмалиот брат, а татко ми најстариот од тројцата. Татко ми му вели: “Многу е лошо положението овде. Кириле, не ти требало да доаѓаш во Богданци. Има еден потпоручник на границата, Кочев. Секоја вечер оди со војска на границата и поставува заседи. Фаќа живи луѓе.” А што да правам сега, вели Кирил. Најдобро е, му вели татко ми, на некој начин да гледаш што порано и незабележен од никого да си заминеш од Богданци.

Јас излегов надвор за да се прошетам низ селото, кога еве го мојот другар Борис Лефто. Нему му реков да не се запишува во контрачета, ама тој обратно-како да сум му рекол прв да оди таму. Тука е и Владо Маџаров. Каде си, ми велат тие, те бараме насекаде, сакаме да сториме еден муабет. Еве сум, им велам, кажете.

Отидовме кај Јанко алваџијата на едно млеко со благо. Тие ми велат:”Тука ли е чичо ти Киро?” Да, им одговарам. Е, да знаеш, кога ќе си оди, ќе биде ликвидиран, таква е наредбата. Кој ви го кажа тоа, прашувам. Ми кажуваат дека околискиот управител од Гевгелија го повикал Горги Аџимитрев, раководителот на контрачетата и му рекол дека треба, како знае и умее да го ликвидира Кирил Петрушев, како голем комунист. Всушност, наредбата била дојдена од Скопје, а околискиот управител требало само да ја изврши. Мене ми се стресе срцето. Па тој ми е чичко, на татко ми брат. Си велам, ке му ја ебам мајката на тој Горги Аџимитрев. Тој беше пројавен протогетовист во Софија и голем дрматор. Едно време сакаше да воспостави бази во Петричкиот округ, ние му се потокмивме да го ликвидираме, ама не можевма да го фатиме.

Си отидов право дома, го гледам чичко ми, знам што го чека и ми иде да плачам. За мене роднинството е најголем капитал, бидејќи сум бил без своите во туѓина.

Лежам во креветот, не можам да спијам и само пушам, цигара врз цигара. Станува мојата Магда, ме гледа и ме прашува каква мака имам, да не сум нешто болен. Слушам чичко ми му вели на татко ми-бате, да ме скорниш утре рано, по црни темници, да стигнам до Гевгелија, па потоа на воз, да бегам за Скопје.

Татко ми вели – тешко време, немој многу рано, да не наидеш на патрола па да стане нешто.

Едно време тате му вели-ајде Кириле, станувај и оди, па што даде Господ. Јас слушам па си велам, како бре вие не веруват во Бога, комунисти, ама на него пак се надевате. Ама јас знам дака Господ е милостив, па може ќе им прости. Станав и јас, велам, ке те испратам. Си го зедов Парабелумот, зедов два шаржера и тргнав со Кирила. Сега мене ми е страв од заседа, демек Кирила го убиле некои неодговорни луѓе, нешто како случајно. Тргнавме кон Гевгелија, уште е мрак, а јас на секое критично место по патот го кријам Кирила некаде поназад, а јас одам прв да ја извидам состојбата. Кога чичо Кирил виде што правам, малко се уплаши, разбра дека нешто не е во ред и почна да ме прашува:”Што правиш бре Крсто, каква е оваа работа. Што е тоа што знаеш а не сакаш да ми кажеш”. Јас го уверувам дека се е во ред, ама си терам по своето. Јас сум комитин-му велам. Така лека полека стигнавме на гевгелиската железничка станица. Сега, му велам, нема опасност, ова е населено место и не смеат така пред цел народ да го ликвидираат така како што си замислиле-нелегално. Додека чекавме на станицата чичо ми Кирил изваде поголема сума пари што ги носеше со себе, се сврте кон мене и ми рече:”Земи ги париве, ако ми се случи нешто, дај му ги на брат ти Петре. Тој знае што да прави со нив и за каде се.” Значи, Кирил се сомневаше дека нешто тргнало наопаку со неговиот престој во Богданци. Во тоа време дојде и возот од Грција, и јас мислејќи дека се е во ред, се токмев да му ги вратам парите и да го качам на возот. Наеднаш гледам, двајца од контрачетата, едниот од Серменин а другиот од Петрово, се подзакрија од нас и се качија на последните вагони. Јас ги познавав сите од контрачетата, меѓу нив имав и мои другари, а имав и стари ВМРО-вски врски по околните села. Кога видов дека се качија, јас прво се збунив, возот тргна, а јас во заден час се стрчав и во движење се качив на возот. Отидов при Кирила, а тој се збуни и вознемири. Чудно му беше што сум со него во возот, а не сум заминал за Богданци. Му велем, ќе те испратам до Миравци, нели ти кажав. Го лажев, не сум му кажал, ама поинаку не можеше. Седи тука, му велам, а јас ќе одам по возот, имам да свршам некоја работа. Каква работа пак сега, се чуди тој. Влегов во соседниот вагон, нив ги нема. Ама во другиот вагон ги најдов, седнати еден до друг како нешто се договараат. Јас, онака нервозен и налутен, ни пет ни шест го извадив пиштолот и им подвикнав:”Горе рацете, пичката ваша мајна, сега ве ликвидирав.” Ја отворив вратата од вагонот и им викнав:”Надвор, мамето ваше”. Тие избезумени од страв скокнаа од возот во движење и се истркалаа по доловите.

Миравци се наближуваше. Отидов при чичо ми, му ги дадов парите и му кажав- повеќе да не доаѓаш во Богданци. Тоа за негово добро. Тоа добро заврши, ама јас не знам што ме чека назад, во Богданци. Само што си дојдов дома, ми стигна телеграма да се јавам веднаш во 14-ти Македонски полк. Телефоните работеле, а и сите работеле против мене. Заминав за Благоевград, а потоа во 1-ви Софиски пехотен полк. Се формира окупационен корпус за Србија, на чело со генерал Богданов. Таму ме вклучија и мене. Ме пратија во Прокупле, на река Топлица. Таму бев 5-6 дена, па се формира ловна дружина со 50-60 души Германци, и заминавме на планината Јастребац. Ноктите ни паднаа од студ. Секој ден имавме борби, те љотиќевци, недиќевци,те дражиќевци, те некои други, секој ден. Раницата и шинелот ми беа полни со дупки од куршуми, ама останав неповреден. Тоа траеше цели 11 месеци. Потоа пак се прибрав во Прокупле. Ме поставија за караулен началник на одделение. Чувавме два моста на Топлица, кон Куршумли. Еднаш не запукаа и партизаните и за малку ќе настрадавме, ама добро ги потпрашивме и немавме повеќе мака од нив.

После поминати единаесет месеци, некаде во јули 1944 година, кога се жнее и врши, јас си дојдов дома. Само што се одморив неколку дена, го гледам дома доаѓа Благој Пешков, служител во општината. Ми вели, ајде Крсто пак си на вежба. Требаше да се јавам во 56-ти велешки полк. Татко ми седна и ми вели, Крсто, не ти е чиста работата, ќе настрадаш./следи приказната од првата лента за титовите авиончиња/.

Какво оружје имавте: Имавме воени пушки-малихер,револвери Нагант и пиштоли Парабелум калибар 9 мм, муниција 250 патрони, бомби одринки, за храна шеќер и наут и др. Јас носев парабел. Господ е дух, што владее низ целата вселена . Треба да се верува во господ зошто тоа е дар божји, и ние на неговата маса сме дар божји , и тој управува управува со тој свет и јас во таа сила верувам, вели Крсто. Бев мобилизиран во 56 велешки полк? Тоа беше 1944 година. Бидејќи под казна бев пратен таму, како неблагодежен за бугарската власт и бев во Велес. Имаше еден, ми дадоа оружје и гледам еден офицер, капетан во една градина седи на една клупа.Јас решив право кај него. Му дадов документите, бидејќи првите три дена бев војник во окупацониот корпус во Србија , и сега викам ако ме мобилизираат во 56 велешки полк. Тој вели, нашите не си ја знаат работата. Минува еден подофицер и тој му вели: Земи го човекот, да се раздолжи од воените задачи и та си замине за дома.

Момчето да си отиде. Јас се укоражив .Одидов на станицата таму ќе чекам да дојде од Скопје за Гевгелија возот и да си одам дома. Во тоа време еден познат војник што сме служиле во 25-иот Драгомански полк заедно. Му велам јас тебе те познавам од некаде? Од каде? Јас сум од сверна Бугарија, а ти си од тука. Од каде ќе ме познаваш? Му велам ти каде служеше војник. Вели во 25-иот драгомански полк. Која година? 1937 и 1938 година. Кој рота. Специјална. Таа беше за врски и за минофрлачи. Му велам и јас бев таму тие години. Да не си ти тој од комитите што викаат? Јас сум. Ме прегрна. Арно ама во тоа време едни малечки авиончиња , тие биле титови. Ќе се завртат низ Велес и ќе се распукаат и ги дупнаа двете локомотиви две локомотиви. Таму го утепаа мојот познат од војската во Бугарија. Јас побегнав од станицата. Гледам се расплакаа жени деца. Што се случи? Тоа да биде едно, две , три четири, пет и готово. По едно време сите се прибраа во чекалната и јас да ги утешам жените дека не е ништо . По едно време едно одделение војска дваесетмина и еден подофицер бара личните карти. И сите испаѓаат од чекалната и ги проверуваат личните карти. Кога дојде редот за мене . Тоа била работата за мене. Ме вратија назад во касарната. Кога проверија јас сум бил по казна испратен да служам таму војска и пак ме вратија.

Утредента се формира ловна дружина во која и мене ме ставаат . На камионите мене ме истоварија во Конопиште. Да ги бараме партизаните. Легнавме вечерта таму да спиеме, ама, сме спиеле на гробишта. Си јас ставив главата на надгробен камен. Утредента завзедовме позиција со наредба да се укопаме.

Таму утредента видовме многу изгорени луѓе, измачувани со дрво меѓу жилите. Мачени луѓе. Кога почна да врне дожд 15 дена не престана сите се разболеа. Камионот носи болни во Велес, а здрави наваму. А јас бидејќи трениран од тој стопанкин комитлакот. Гледам во главата нешто ми е шашаво, ама гледам по комитски да се лекувам. Чекам сонцето да огрее. Ама нема сонце По едно време се разјасни и изгреа сонце. Се соблеков гол како од мајка роден и се завив во шаторското крило.

Одма зема да тече пот од мене. Ама ми прогледаа очите. Се облеков во нова облека и оздравев.

/за луѓето и свињите во село Крњево, кавадаречко, што спијат заедно и се топлат. Не видел таква заостанатост./

Некаде во август месец, почна да се слуша дека Бугарија ќе се повлече од Македонија. Јас му велам на мојот другар Ванчо Јанкулев да бегаме, ама тој не сакаше. Мислеше дека го провоцира. Имав Пријател од Габрово, гевгелиско, Лидо Несторов и го понудив да бегаме заедно. Тој прифати. Се сретнавме кај воденицата од село Крњево и побегнавме од бугарската војска. По неколку дена се сретнавме со партизаните. Првиот партизан со кого се поздравив беше Велко Поп Коцев од Ваташа. Мене и Несторов не раздвоија. По околу еден саат пристигнаа наши богданчани – Теменугов Железни со жена му, Васе Чавдарев. По извесно време ме поставија во четврта бригада, а како специјалист за минофрлачи, ми опнаа да ја носам цевката од еден минофрлач.

Тука некаде завршуваат спомените на Крсто Петрушев, барем онака како што јас сум ги запишал. Има уште нешто од кажувањата на Крсто, спомени за неговиот живот во Титовата Југославија и во новата македонска република. Но, тоа не се значајни работи, тоа се факти кои речи си, сите во Богданци ги знаат. До крајот на својот живот, “последниот атентатор“ живее мирно, во Богданци, опкружен со љубовта и вниманието на неговото семејство.

Владимир Перев

Крај.

Последниот атентатор (9)

Последниот атентатор (8)

Последниот атентатор (7)

Последниот атентатор (6)

Последниот атентатор (5)

Последниот атентатор (4)

Последниот атентатор (3)

Последниот атентатор (2)

Последниот атентатор (1)



Слични Објави