Последниот атентатор (8)

/

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев.

На почетокот на 1936 година на судење во Горна Џумаја. Не наредија педеест луѓе во воз во Горна Џумаја. Слеговме во Горна Џумаја и не построија во ред. На крајот на градот имаше куќи и собрани луѓе кои ни викаа убијци и кокошкари. Зошто сме убијци, зошто сме кокошкари, неможевме да разбереме. Тоа беше многу навредливо. Отидовме таму каде се одржуваше судењето. И почна. Апостоларски доби ли обвинителен акт? Добив. Се чувствуваш ли виновен? Не се чувствувам. Добро седи. Се изредија така сите и дојде редот на мене. Петрушев Крсто дали доби обвинителен акт? Добив. Се чувствуваш ли виновен ? Не. И во тоа време станува еден човек од публиката присутна на судењето: “Господа судии, барам збор, сакам да дадам исказ”. – Не може господине Вапцаров – одговори главниот судија. Јас тогаш разбрав за кого се работи и кој бил Вапцаров ама не можев да го видам кој е . Не му дадоа да биде сведок. Тој сакаше да каже нешто за мене, но не му дадоа.

Почнаа. Апостоларски стани. Се осудуваш на 20 години строг затвор. Седи. Така се изредија сите. Дојде редот и на Миро, кој беше осуден на 15 години затвор. Петрушев Крсто стани. Се осудуваш на години 20 години строг затвор. За ништо ми дадоа 20 години затвор. Не однесоа во Централниот затвор. Мене од нервоза ми посинеа прстите, а потоа ќе пожолтеа. Немам никаква кривица. Поминаа еден два месеца и едно време ја отворија ќелијата и прашаа кој е Крсто Петрушев? Велам јас. Пробери си го багажот имаш средба. Си велам кој дојде?. Мислев да не дошол вујко ми а јас пред него се чувствував многу виновен. Во собата за средби и посети гледам таму лебови неколку, кашкавал, салами, а ние гладни. Една чорба од која две зрна леќа и грав и по некоја лебарка. По некоја точка зејтин. Не можам да си ги одделам очите од тие салами што ги гледам, а чуварот ми вели -ајде оди. Си викам кој е дојден на средба. Секој само да не е вујко ми. Се срамам од него. Човекот се направи за мене. Одам и гледам еден непознат човек. Крупен човек. Ми вели- Крсто ме познаваш ли? Велам извинете ама не можам да се сетам кој си. Јас сум ми вели Иван Вапцаров. Кога ми кажа мене ми се крена косата. Дојдов да ти кажам дека јас ќе те ослободам. Ти си невин херој за Македонија. Ама јас му велам имам и еден мој другар кој исто така не е виновен. Тој е на 15 години, а јас на 20 осуден. Грешка е тоа, вели, на судиите. Тоа е само за да ве заплашат, и за да се ликвидира таа непотребна организација. Ме праша -како се вика тој твој другар? Му велам Миро Попѓорѓев. Го познавам, ми вели. Зема белешка, и не помина еден месец се отвора повторно ќелијата и прашуваат Кој е Крсто Петрушев? Јас. А Михаил Попѓорѓев? Јас. Ние бевме во една ќелија. Двајцата багажот ни вели и ајде во дирекцијата кај директорот. А директорот беше еден серсемин, страшен човек, да му ебам мајката. Кога ни кажаа каде да се јавиме се прашував што ќе ни прави сега. Отидовме таму. Еден намрштен човек. Те гледа во мене, те во Миро. И не прашува. Какви бе луѓе сте бе вие? Ние собираме рамена. Да се понижуваш неможеш. Пак не прашува. Да не сте роднини со царот? Велам не. Тука со посебно уверение тој ве ослободува и амнестира од затворот. Не сме роднини, велам јас. Тоа да ти била работата. Цар Борис за време на Првата светска војна како престолонаследник бил во Банско и со Иван Вапцаров заедно си играле табла, ама не во нашето Банско, ами таму. И тогаш биле многу добри пријатели.

И на 7-ми април на Благовец 1936 година не ослободија. Сега јас имам само еден лев, едно единствено левче. Гладен до немајкаде. Дојдовме на пазарот на булевар Драгоман. Наредено се и сешто. Но, што даваат само за еден лев. Гледаме едни како зелки, и прашувам дали се јадат? Тие велат се јадат, биле ѓулабии. Тие да ти имале вкус од зелката срцето што ќе го извадиш исти вкус имале. Му велам на Миро да прашаме колку пари е. Подобро да прашаме дали две три јаболка може да ни дадат. И јас како поголем Бугарин прашувам колку се јаблката? Тој ми вели јас не продавам “јабалки”. Не го погодив нагласокот. -Госпоѓата продава тоа. Ја се засрамив. Ме праша од каде сте вие момчиња? Велам од Македонија ? Имаме само едно левче, а гладни сме. Така ли е. Ни даде по една јаболкака и не ни го зеде левчето. Тоа се моменти. Сега што правиме, нема каде да се сместиме. Мене ми е страм да одам кај вујко ми. Директор на транспортен центар“ Радио“. Голем богаташ.

Ни кажаа одете кај Јосиф Марков, голем човек во Софија, човек на организацијат. Го поседува кино “Екселзиор”. Тој сака да се грижи за тие бегалци. Отидовме, го викнаа него. Не праша од каде сме? Му кажавме дека сега излеговме од затвор. Ни вика- добро. Тука во киното има една соба и кревет има. Додека не најдете нешто, тука ќе спиете. И извесно време бевме таму. Ни даваше и пари и леб. Од каде незнам , но важно е дека не поддржуваше. Останавме таму околу петнаесетина дена. Потоа јас отидов кај вујко ми. Му раскажав се и ме разбра за се. Ме назначија за деловодител на стоката што доаѓаше од странтво, требував вагони и инкасирав суми за банката. Значи, работев нешто, бев материјално обезбеден и бев смирен. Го чекав новиот момент. Во тоа време се запознав со еден охриѓанец исто така избеган од Македонија, Ванчо Рубев. И како млади луѓе, како бежанци, се спријателивме и си земавме соба на булеварот Драгоманов 39 и сите тројца живеевме во таа соба. Вечерно време зборувавме. Ние автономисти. Тој не кажува, ама се надѕира дека е левичар. И тоа опасен левичар. Него го бара полицијата, а тој се дружи со нас за да се зачува. Во 1937 година во март не уапсија мене и Миро. Ни викаат дека и под дрво и камен ве бараме треба да служите војници. Мене ме земаа 25-ти Драгомански полк да служам војник, а Миро во 1-ви кавалериски полк, на Сливница. Таму не пречека еден офицер на бугарската армија, многу добар човек, Евреин, Ѓорѓиев. Тој знаеше се за нас, бил на границата на Беласица и тој нас не пропуштал кога сме оделе во акции во внатрешноста, во Македонија. Тој бил соработник на организацијата, нешто како надворешен член на ВМРО.

Бевме во специјална единица-одделение за врски, телефонисти и група за борба против оклопни возила. Мене ме определија во минофрлачката единица. Командир ни беше еден многу добар поручник Ванчов. Тој човек толку многу ме засака. Му зборувале за мене-тој е комита од прва класа. Мал, млад а многу сериозен. Тие многу ме засакаа и станав еден од првите војници. Се направи наттпревар на борба-напад со нож на пушка. Прв зедов награда. Никој не ми беше равен. Ги избодев тие куклите. Сите ракоплескаа. За натпревар во стрелба. Прв добив и една значка за одлична стрелба. Ме пратија да завршам подофицерска школа во Софија. Ја завршив со најдобар успех. Од пед и педесет надолу немав оценка. Но како ВМРО-вист ме зедоа назад. Цели 18 месеци и еден месец ме фатија царските маневри во 1938 година. Значи 19 месеци бев војник. Се демобилизирав и отидов да живеам во Благоевград. Се разделив од Миро и Иван Рупев .Тие многу жалеа. Бев во редовен контакт со вујко ми. Тој многу се грижеше за мене. Стално ми даваше напаствија како треба да си го уредам животот и ме помагаше максимално. Ги осудуваше тие мои работи за организацијата сакаше да ја избие таа омраза кон србите и мене тоа многу ме нервираше. И затоа кога излегов од војска отидов да живеам во Благоевград, подалеку од неговите совети и помош . Еден наш богданчанец Борис Лисичков, беше директор на македонската банка во Горна Џумаја. Јас му се јавив на него и му кажав дека излегов од војска, па ако може да ми најде некоја работа. Што можам да работам. Не сум многу писмен човек. Ми се признава бугарската школа односно третокласно образование. Да те направиве горски стражар-ми вели тој? Јас му велам каква работа и да ми понудите јас ќе ја прифатам. Тој со горскиот инспектор направи разговор и му кажа какво момче има, и треба да се постапува поинаку со него. Му објасни каков интимно сум јас. Тој вели тогаш ќе го пратиме во ревирното шумарство, надлежен за експлоатацијата на дрвата во Рила планина. Таму ќе му биде добро ќе биде отстранет од надзорот на луѓето.. Тоа е на 27 километри од Благоевград во Рила планина. Таму има и школско и граѓанско летувалиште, згради подигнати и семејно да живееш таму. Чист воздух, убавина. 1939 година почнав да работам. Истата година на 14 март склучив брак со мојата покојна жена. Засновавме домаќинство. Колку толку земав добра плата и она плетачка беше. Со еден збор, живеевме добро. Во 1940 година ме земаа како резервист во 14-ти во македонски полк, и не пратија во Марикостино. Таму многу Германци, коли, тешки топови. И едно време немаше што да работиме си правиме муабет. Чорба даваат, ама не си дома. Едно време дојде наредба да се дигнеме и да одиме за Брезница. Тоа е некаде во бугарска територија, карши Пехчево. Си дигна полкот отиде таму.

Со првите две мини ги бомбардиравме српските позиции во Македонија. Јас командувам и давам една мина. Се дигна облак. Втора. Помина малку време, затишје …! Потоа дојде еден Германец, тие веќе влагле во Струмица, а и Берово го земале Германците. И му наредиле на Пимов, на 17-ти Македонски полк да влезе во Македонија, и да оди во Струмица.Полковник Пимов ни држи говор во Брезница и ни вели дека е тоа она-ние дојдовме да ја ослободиме српска Македонија. Имаме наредба да одиме во Струмица. Сите ние ракоплескаме. Од Брезница отидовме во Пехчево, од таму во Берово, по тие патиштата …полно оружје на српската војска која бега, ја напушта Македонија.

Дојдовме до Струмица . Сите граѓани дојдоа да не пречекаат. Гледам и кога ќе видам еден зет за моја братучетка од Богданци, инаку Струмичани. Дојде во Богданци фурнаџија да биде и се запознал со мојата братучетка и се земаа. Се викаше Страхил. И тој ракоплескаше. Викнав по него но не ме позна. Му велам на бугарски- јас сум од Богданци и те познавам. Од таму дојде наредба да одиме за Радовиш. Војниците се изморија по пат, а јас гајле немав. Комитска работа, бев многу повеќе измачен од силните комитски тренинзи, вежби и акции, отколку од оваа војна. Ова за мене беше како одмор, пат кон слободата на Македонија, пат кон саканото Богданци.

Продолжува…

Последниот атентатор (7)

Последниот атентатор (6)

Последниот атентатор (5)

Последниот атентатор (4)

Последниот атентатор (3)

Последниот атентатор (2)

Последниот атентатор (1)



Претходна статија

Стојанов: Бугарија ќе ѝ даде на Украина лесно оружје и муниција

Следна статија

Време е да ДКСК се позабави со про-српската пропаганда во Македонија

Најново од Документите говорат

(Фото) Легендарниот охридски музичар Климент Садилов барал и добил бугарска пензија во 1943 г. како заслужен за ширењето на бугарскиот дух за време на српскиот режим

На 5 март 1943 г. легендарниот охридски музичар Климент Садилов од познатата охридска фамилија Садиловци испраќа