Последниот атентатор (3)
Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев.
Утредента ме носи Ѓорѓи на чајникот – теснолинејната железница кон Софија. Стигнавме во Благоевград. Тоа се викаше Горна Џумаја. Таму не чекаа Лечо и Дончо Ичов, Глигор Каракамишев. Веднаш сакаа да не земат кај нив дома, ама полицијата не не дава. Чекајте бре луѓе, им велат, да ги однесеме во полицијата, да ги распрашаме, па потоа одма ке си ги земете. Така и беше-прво во участакот а отаде не извлече одма Лечо Ичов и не однесе кај него. Се набраа наши богданчани и други од гевгелиско. Прашуваат плачат дали е тој и тој жив. Ни даваа пари и цигари. Спиевме кај Лечо Ичев. Утредента не зема милицијата и не однесе во Софија. Таму не пречека наш богданчанец Ванчо Козар. Ги известил сите наши богданчани. Бевме во дирекцијата на полицијата. Се наоѓаше кај Марија Луиза. Дојде еден жандар не праша дали сме гладни. Му кажавме дека сме гладни. Не не праша за пари. Не поминаа 15 минути му донесоа на секој по еден леб и по 15 кебапчиња. Ние зедовме да јадеме. Вкусно. Си велиме- во нашата станица даваа стапови, а овде кебапчиња. Се смееме. Не поминаа пет шест часа влезе еден и вели кој е Крсто Петрушев? Велам јас. Влегов во една една канцаларија. А пред тоа не прашуваа кого познаваме во Софија. Велам имам вујко тука ама незнам што работи, ама има видено една снимка на која имаше воденичарски камења на кој беше сликан. Дали е воденичар незнам. Христо Глигоров Прошев се вика. Пак се вратив назад. Не мина еден саат пак ме викнаа. Момче како се викаш Крсто Василев Петрушевич велам. Ти србин си? Не велам јас сум Петрушев ама таму така се презивавме. Како се вика татко ти? Васил Петрушев. А дедо ти? Дино. А на мајка ти таткото? Глигор. Чиј Глигор? Прошев. Баба ти. На твојата мајка мајка и? Магдалена. И тогаш еден од тие присутните рече- тоа е момчето на сестра ми. Ме прегрна. Тие го нашле вујко ми и тој дошол тука. Ме прегрна. Плачеше. Не зеде вујко ми сите тројца. Ги испрашаа и другите. Борис вели имам јас имам вујко во Ќустендил се вика Хараламб. Него одма го однесоа за Ќустендил. Тој другиот Миро е од гркоманска фамилија и нема никој. Нема родннини бугарофили. Вујко Ристо не зема двајцата. Не однесе во еден хотел “Сплендид” – хотел “Сплендид” на Марија Луиза. Имаше бања . Отиде ни купи, гаќи, кошули, костуми, долами, и ни вика вашите ќе ги соблечете, ќе ги оставите и ќе ги дадете на служителот на хотелот да ги даде на некои сиромашни. А вие ќе се облечете во овие костуми. Гледаме ние не сме виделе такви убави облеки. Се избањавме убаво.
Од бањата дојде да не земе вујко ми. Се јави во неговата канцеларија. Он бил директор на едно транспортно препријатие кое се наоѓаше на Марија Луиза и Дондуков. Дојде Јаким Поп Дучев. Од првата светска војна без една нога. Вели јас ќе го земам Миро мојот другар и го даде да учи златарски занает, а мене вујко ми ме зема кај него. Тој имаше уште едно дете мало, Мишо се викаше. Негово дете. Ми додели една соба каде да спијам. Живееше на булеварот Христо Ботев и Парчевич на аголот. Кој број не се сеќавам. Тоа беше негова зграда. Негов апартман. Беше директор на транспортно препријатие “Радио”, а канцеларијата му беше на аголот на булеварот Марија Луиза и Дондуков.
Ме однесе дома ми даде една соба. Од убаво по убаво. Арно ама ние кога тргнавме се заколнавме. Ќе правиме што ќе правиме и ќе се одмаздиме на српските жандари за неправдата што ни ја направија. Мене вујко ми ме прашува што сакаш да работиш. Сакаш да те запишам на редовно училиште? Велам не. Што сакаш да учиш занает. Јас избрав мебели да правам. Ме донесе во една работилница голема и сите прашуваат. господине Христо што има? Ова на мене ми е внук дали ќе сакате да го примите да учи занает. Но да знаете дека ќе го давам и на вечерно училиште да учи. Дали ќе ги прифатите тие услови. Нема грешка господин Христо. Големо уважение му правеа. По тоа разбрав дека има големо влијание. Ама ние се заколнавме на одмазда. Колку седевме што седевме не се сеќавам. Со Миро не можевме да се видиме. Само во недела се гледавме. Велам што биде? Вели како што ќе речеш ти! Јас прашував и ми кажаа дека таа организација ВМРО имала канцеларија во Горна Џумаја. Јас сум за да одиме. Како ќе одиме? Пеш велам. Зошто? Затоа што ќе не фатат џандарите и ќе не вратат. Затоа ќе одиме пеш. Ме послуша, и тргнавме. Напуштивме. Јас имав тетка во гевгелискиот квартал, затоа што од 1922 до 1924 година ги иселија нашите македонци од Серез, Кавала, Кукуш, Драма и ги напикаа во Бугарија. Кога отиодовме ние тие уште живееа по турските џамии, коњушници. Мизерија. Се збогував со тета Танка. Мојот дедо Дино. Татко му се викал Петре. Дедото Петре имал три сина.Најголемиот бил Коне средниот Дано и мојот Дино. Тројца браќа и една сестра. Се викала Фида. Оваа е на дедото Коне ќерка . И на мене ми беше тетка. Се збогував со неа. И вика каде ќе одите? Не и кажуваме каде ќе одиме. Туку и велиме дојдовме да се видиме.
Кога дојдовме ме носеа по сите роднини. Јоаким Поп Дучев наш богданчанец голем инвалид и му прават чест. Со една нога, другата дрвена. Он не носеше кај сите богданчани во гевгелискиот квартал да се видиме. Тета Танка имаше два сина. Еден студент Ѓорѓи, а другиот Ристо беше тишлер по занат. Се збогувавме и оние мисламт дека јас ќе се вратам кај вујко ми.
Тргнавме по линијата не одевме по патиштата не ги знаевме. Цела ноќ патувавме, ама ладно. Стигнавме до Дупница. Викаме абе ние ќе замрзнеме. Ајде да влеземе во некоја куќа да преноќиме и да се затоплиме. Во една со голем двор и со порта отворена, велам ајде да прашаме тука дали ќе не примат да преноќиме. Влеговме ама оти темно гледаме излегуваат двајца жандари. Тоа да ти било участак. Што е момчиња? Велам многу е ладно, ние сме тргнати за Горна Џумаја, и сакаме да преноќиме. Дојдете. Ни остапија два кревета. Си легнавме и се прашуваме какви луѓе се овие. Нас Србите ќе не отепаа а овие кревети да спиеме ни даваат.Сабајлето ни посакаа добар пат. Си велиме тука е за нас животот. Полека полека дојдовме до Благоевград и гледаме една кафеана. Влеговме во неа и гледаме еден стар човек. Вели што е момчиња? Ние велиме сме скоро дојдени од Македонија. Не праша од каде сме? Велиме од Богданци. Чии сте? Јас велам сум на Васил Петрушев. На кој на Дино? Велам да. Ти знаеш ли дека баба ти ми е сестра. Тој да ти бил Аристид Танев. Нема каде да одите, кај мене. Спиевме кај него. Имаше син Драган, Тодор поголем. Имаше многу синови. Излегов со Драган најмалиот да се шетаме. За комитската организација ни е страв да прашаме. Е вели тука е седиштето на комитите. И во тоа време ќе замине еден човек рус, висок. Овој вели е Ванчо на Аргир војводатата. Ванчо Аргирев бил учител. Ванчо дојди. Овие децата се сега дојдени. Сакаме да зборуваме , а за Аргир знаеме дека бил војвода. Вели момчиња јас сум учител. Утре со децата ќе излезам по Бенарбаши. Вие ќе чекате таму и таму и ќе зборуваме. Утредента зборувавме, и го прашавме како да влеземе во таа организација. Тој ни рече дека гевгелиската чета си има свој војвода Стојан Мандалов, и ќе треба да збориме со него. Јас ќе дадам покана во колку да се јави и точно во четири сатот да биде во поштата и да зборуваме за тоа. Едно време отидовме во поштата, и ни велат ајде странката да зборува во кабината. Јас не сум видел телефон, како ќе зборам сега. Дигни слушалката ми вика Ванчо. Дигам слушалката и слушам јасен глас. Ние тука сме Крсто Петрушев скоро избегани од Богданци. Знам, знам вашиот пријател Борис е кај мене. Утре ќе дојдам таму и ќе се договриме. Не можеше да дојде и се јавил на полномошникот на организацијата, и тој не прибра. Не запослија во монополот да редиме тутун. Таму бевме три или четири дена. И за тие денови одма ни платија. Дојде Стојан Мандалов се договоривме и му вика на полномошникот на организацијата-Мотикаров, момчињата ќе останат тука да им се даде издршка. Почнавме. Ни одредија квартира. Не запослија во и не претплатија за храна
не претплатија таму да се храниме. Гостилницата се викаше Крсте дојранчанец. Мој имењак. Потоа не земаа да не шетаат по околијата
Катошев тој беше едн вид околински војвода не му се сеќавам на името
Се случуваа некои работи , а ние одевме како на еден вид вежба а истовремено и како обезбедување, охрана на постарите. Потоа го замени еден друг многу добар човек се викаше Крсто Маџарев, македонец од Охрид. Тој како околински војвода во таа Гороџумајска околија не вежбаа. Не вежбаа да пукаме, силен марш и дури потоа некаде на средината на 1931 година, положивме клетва за верност кон организацијата. Секој полага поединечно клетва . Јас се почуствував наелектризирано го гледам тоа евангелието, на него ставен еден пиштол. Ги кажуваат зборовите , ние треба да ги повториме тие зборови. Јас од сите присутни, имаше десеттина, не ги гледам кој се што се. Се ми е наелектризирано. Едно време станува еден. Не сум сигурен ама се ми се чини дека беше Борис Бунев, вика момче земи го револверот и никогаш да не си го употребил за своја лична потреба. Да останеш верен и достоен борец на таа организација. Но ако бидеш нападнат како македонски револуционер, бори се храбро да ја заштитиш твојата чест и честа на Македеонија. И знај дека твојата чест и честа на Македонија како македонски револуционер не се пазат со никакви закони. Таа чест се измива само со крв. Јас целиот се заборавив, се вџашив.
Точно е дека станува збор за Борис Бунев. Во тој период тој е една од најсилните личности на ВМРО во Пиринскиот крај и личен пријател и венчан кум на Ванчо Михајлов. Роден е во Тетово, на неутврдена дата, некаде кон крајот на 19. столетие, во заможно семејство, припадници на егзархиското движење во Македонија. За време на Првата светска војна, татко му бил градоначалник на Тетово. Средното образование го завршува во Бугарската трговска гимназија во Солун, а по Втората балканска војна, заминува за Софија. Таму ја завршува Воената академија и станува коњички офицер на царската гарда. Учествува во Првата светска војна. По завршувањето на војната, ја напушта армиската служба и стапува во редовите на ВМРО, целосно одавајќи се на револуционерната работа. Станува инструктор на четите на ВМРО а подоцна и инструктор на терористичко-разузнавачките групи. Бил сметан за некрунисан лидер на ВМРО во Петричкиот крај. Кога во 1925 г. Грчкот генерал Пангалос, со регуларната грчка армија навлегува во Петричко, Бугарија нема армија која може да му се спротистви. Во тие мигови, Бунев ја презема целосната контрола во Петричко, ги организира четите на ВМРО и на грчката армија и нанесува тешки порази во Кресненскиот теснец, станувајќи така вистински заштитник на народот во Пиринска Македонија. Во Македонија е попознат како брат на легендарната Мара Бунева, атентаторката на српскиот полициски функционер Велимир Прелиќ.
Продолжува…

