Радев и Нехамер: Бугарија и Австрија ќе го продолжат партнерството во борбата против илегалната миграција
Бугарија и Австрија ќе го продолжат партнерството во борбата против илегалната миграција и заштитата на надворешните граници на ЕУ во интерес на безбедноста на европските граѓани. Ова беше генералниот став на бугарскиот претседател Румен Радев и федералниот канцелар на Австрија Карл Нехамер, кои денеска одржаа средба во Виена. Шефот на бугарската држава на покана на австрискиот канцелар е во работна посета на Австрија за учество на овогодинешното издание на Европскиот форум Вахау.
Бугарија веќе оваа година работи на нејзино пристапување во Шенген, истакна на средбата Румен Радев. Претседателот изрази и очекување редовната бугарска влада да ги искористи постигнувањата на официјалниот кабинет за да ги материјализира напорите на Бугарија во оваа насока.
Двајцата разговараа за започнатиот европски стратешки пристап за управување со надворешните граници во следните 5 години, со приоритетна улога на Бугарија, вклучително и финансиска поддршка за земјата.
Претседателот Радев изрази очекување дека се повеќе земји членки ќе испратат свои претставници во Бугарија во целната работна група за борба против илегалната миграција иницирана како резултат на зголемената соработка меѓу Бугарија и Австрија.
На средбата Румен Радев и Карл Нехамер разговарале и за широк спектар на прашања од бугарско-австриските односи, меѓу кои економската и инвестициската соработка, партнерството во областа на безбедноста, како и теми од агендата на ЕУ.
