|

Последниот атентатор (4)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев.

Во 1933 година се дигнуваме да влеземе во Македонија. Подготвуваат цела чета од Ќустендил, а само мене треба да ме земат од Благоевград, не и Миљо. Што било тоа, Миљо не ги исполнувал некои услови. Треба да бидеш решителен, сериозен, ладнокрвен. Тие услови Миљо не можел да ги исполни. Од Ќустендил доаѓаат луѓе и ме земаат мене. Не ми кажуваат дека ќе одиме таму и таму. Ме прашуваат дали сум подготвен да заминеме за внатрешноста на Македонија. Не знам дали беше пролет или почетокот на летото. Јас и така чекам . Отидовме од Благоевград на Беласица со автомобил девет души. Се качивме на Беласица и сакавме да ја минеме тука има едно село Николиќ. Да влеземе на српска територија. Таму имаше Власи. Овците што ги пасат. Они ни пречеа. Заради овците имаа пци и тие не откриваа и веднаш не издаваа на Србите. Кога влеговме да ја префрлиме границата не открија Србите. Кога се распукаа, личеше како да сме паднеле во заседа. Мандалов се консултира со Нишо, постар човек, околу четириесетина години и со Пено Зајков од Грчишта. Велат ова е предавство. Тие да не чекаат да влеземе и да не запукаат тоа е невозможно. Се вративме. После еден месец Стевко Минев од Ќустендил му вика на Стојан Мандалов, имаше заповед од организацијата. Сите тие луѓе кои се во организацијата кога ќе тргнат некаде да одат треба да се јават на својот војвода. Ако се од гевгелиската чета треба да го прашаат Стојан Мандалов. Му вели на мене Ванчо Козев ме кани да одиме за Софија. Не кажа ни ништо. Кога тоа? Вчера. Го бараат Ванчо. Го нема. И од таму Стојан Мандалов се сомнева, и заедно со Дано Јорданов и одат во Софија. Ќе одат во канцеларијата на Панче Тошев, големец на организацијата. И еве ти го Ванчо Козев од канцеларијата на Тошев. Само што уште не го извршил убиството. А тоа Ванчо Козев бил врбуван од страна на југословенската амбасада да го убие Ванчо Михајлов. Ова го кажал оти тешко е да дојдеш до Ванчо Михајлов. Зтоа му одредиле да го убие Панче Тошев, големец во организацијата. И да се предаде во југословенската амбасада и да не бери гајле за ништо натаму. Тој имаше жена во Фурка. Му рекле-ќе ти обезбедиме убав, удобен живот додека си жив.

Стојан Мандалов го фаќа за едната рака и за другата и му велат Ване што бараш ти тука? Во малото џепче на палтото имал апчиња. Секој од нас носеше апчиња стрихнин, да се отруе. Затоа го фатија за двете раце. Кога ќе дојдеш во некоја несреќа во која нема излез треба да се отруеш за да не паднеш во раце. Потоа кога го распрашуваат него, го удриле и се кажал и тоа дека и пред тоа многу работи за организацијата издавал . Дури и нас. Кажал дека ќе помине чета. Он беше близок и до Централниот комитет. Го викаа “Красивиа четник”. Беше многу личен.

Во септември пак отидовме за Македонија. И велиме ќе ја промениме маршутата нема да заминеме преку Николиќ, туку каде што ние тројцата ја преминавме Беласица, поленцето, Круша планина и од Круша планина се по крај дојдовме на грчка територија. Од таму ќе го минеме Вардар. Добро ама откако ја преминавме Беласица и тоа поленцето наместо да одиме на другата страна ние одиме на десно. Дојранското езеро, а тоа надоле имало големо поле. Кога заглибивме низ тие трските, шамакот и батакот, не се излегува. Се вративме пак назад. Фативме накај Круша планина. Е арно ама не осамна на Владајскиот манастир а тој е непосредно до Стар Дојран до самата српско-грчка граница, на грчка страна. И немаше каде. Лежиме распоредени на една височинка, на растојание и ако дојде нешто мораш да пукаш. Кога огреа сонцето дојде едно куче, почна да лае, се исплаши. Кучето ќе не открие. Ете двајца ловџии со пушките кои ги носат в раце. Земаа еден-два камена и фрлаат во прнарот, накај нас, барајќи диви свињи.

Во тоа време ке се сеќавам кој беше од комитите излезе им ги зеде пушките и ги врзаа во прнарот. Веднаш го викнавме и го заклавме кучето. На ловџиите им носиме леблебија, шеќер им даваме. Тие толку се исплашија душа немаа ниту да прозборат. Додека се стемне издржаа и им викаме- каде е Круша планина и ние тргнавме и ги оставивме. Тие како кукли не мрдаат толку беа исплашени. Потоа, кога летнаа да беагаат… Таа ноќ стигнавме до Вардар. Го газевме Вардар на грчка територија, преку сеавското поле дојдовме зад планината. Ја префрливме границата и влеговме во српска територија на Кожуф планина. Таму се одморивме. Јас и Борис како млади луѓе облечени во цивилна облека, спортска облека, ама со гумени опинци влеговме во Гевгелија . Требаше да поставиме адска машина во ресторан Балкан. Во него се собирала елитата на србите и некои гевгелиски чорбаџии и српски офицери. Таму требаше да ја фрлиме адската машина.

Другарите останаа на Кожуф планина, а јас Борис и Лазо од Сеаво не испратија да ги поставиме машините. Едната се расипа саатот не работеше и ја прекачивме на другата, двете да експлодираат во исто време. Ги врзавме и дојдовме близу до селото Горночет. Таму најдовме една голема капина на еден брег. Тој толку голем 70-80 сантиметри. Во брегот израсната во подножјето на брегот. За нас добар јатак. Тука го оставивме оружјето се облековме во цивилна облека . Му викаме на Лазо тргнуваме. Чекајте уште има време. Сонцето не е уште зајдено. Во колку саатот. Кажавме во осум да ја наместиме да експлодира. Тргнавме и си пееме “Ај што ми е мерак лозје да имам” … некаква српска песна и наближуваме до Гевгелија и еден човек оди по нас.Тоа беше наша грешка. И едно време вика деца од каде сте вие? Борис ни пет ни шест вика ние сме од Коњско. Таква облека во Коњско не носат. Борис не издаде. Човекот беше Гоно Доганов од Гевгелија. Знам знам, ни вели. Штом знаеш, молчи, му велиме ние. Доганов доаѓал кај нас, сено да купува, тој мене ме знае, ама незнам дали ме препозна. Јас него да. Го удри коњот со камшик и излезе пред нас. Излеговме на главната улица, само што беше почнало корзото. Народ, млади, друштва се фатиле рака за рака се шетаат. Јас одам по тротоарот и еден мој далечен братучед Ванчо Костанаров. Го гледам иде. И како што одеше така брзо јас со рака го чукнав.

Човекот го удри коњот и отиде во Гевгелија. Му викам на Борис на мојот другар. Во коњско таква облека нема сега ако он оди да не каже готови сме. Зошто ни се овие пиштоли што вие пиштоли што така будалски не се оди сакав да му кажам . Влеговме во градот и одиме во хотелот-ресторан Балкан, каде треба да ја фрлиме таа, пеколната машина. Нема никој. Едни цивили играат на билијард и нема друг никој. Главната улица што е право беше полна со народ . Гледаме дека времето минува. По половина саат треба да експлодира, а нема место каде да ја демонтираме. За тоа е потребно тајно место. Дојдовме до кафаната каде што ја ставивме пеколнатата машина и на една маса гледаме растурени тефтери, книги и 12, 13 луѓе се караат за нешто и спорат. Си викам во себе ваш бил ксметот . Овој подарок што ви го носиме. Меѓу тие луѓе го препознавам Обрадовиќ, србин црн, многу висок. Дар-мар правеше низ Гевгелија. Си викам ако почекаш половина саат ќе видиш каков подарок ти носиме . Порачавме по едно кафе. Пеколната машина ја ставив меѓу нозете, полека ја пуштиви ја залепив на човентио праг.

Плативме и излеговме. Му викам Борисе побрзо оди ќе грмне ова. Едвај стигнавме до туларницата кога експлодира. Сите џамови на тие куќички што беа на крајот на градот паднаа. Ние во силен марш да го најдеме другарот. Ама ноќно време неможеме да се ориентираме точно каде е и даваме примитивна парола како да викаме некое магаре пр.. пр… . Пак продолжуваме пр… . и по едно време се јавува пр. тоа ни е знакот и така се најдовме. Право во Кожуф планина. Отидовме таму . Ама од силен марш се изморивме многу и кога сум легнал. Матарката што ми беше за вода ја оставив до мене. Ама на тоа место каде што отидовме ги нема нашите другари. Се поместиле. А зошто, бидејќи преку денот се пукало и мислеле дека ние сме откриени и затоа побегнале на друго место плашејќи се да не ги издадеме ние. Всушност, тоа била обична воена вежба на војската од гевгелискиот гарнизон, нешто што немало врска со нашиот престој на Кожуф. Сега каде да одиме? Се плашевме дека може да се случи ние нив да ги издадеме несакајќи. Тоа е планина. Тогаш знакот ни беше со камења. Два камења- три пати. По извесно време пак. Така се пронаоѓавме кога сме во планинско место. Одиме и од каде дојдовме. Оние пак дошле блиско до грчко-српската граница и едно време ни даваат знак . Велам нашите се. Велам каде сте . Војводата Стојан Мандалов вели што се случи . Велам така и така. Маневра правеа не не открија. Голема среќа. Јас велам дека беше наредено во Балкан ама таму немаше никој. Еден српски офицер и еден цивил играа билијард. Не вреди за тие двајца да се ризикува. Затоа адската машина ја ставивме во Гелебашевата кафана. И само он бил убиен таму заедно со еден српски џандар.

Сега ќе треба тука да седиме два три дена додека помине потерата. Гледаме сега по тие патишта што се правени за време на првата светска војна само цивилен народ, војска, жандармерија, се на нога дигнато. Претрес прават. Ние во еден габрлак, ама вода нема. Умревме за вода тие три дена додека помине потерата . Сега викаме од тука да слеземе во Кованци, едно село во планината, од таму преку Погана да фатиме Николиќ и Беласица.

Денувавме на Белите спили, кај Кованска планина, кај Кожув, гледам,Стојан Мандалов, војводата наш, на Пено Зајков му расправа: Еден сон сонував, само што задремав сонував. Едно шарено куче ме ме изеде за стомакот. Пено му вика ајде бе што веруваш во такви соништа. Нема ништо.

Нешто како сомнително ми дојде на мене. Една месечина како ден и слеговме од Белите спили до селото Прдејци. Јас одам позади и едно време пред мене излезе едно магаре и еден човек . Јас веднаш го фатив за вратот човекот. Тој се исплаши и падна на земјата. Го сопреа магарето. Јас клекнав и сите клекнаа. Дојде Стојан и вели што е ? Овој човек излезе пред мене без да го видам што да му правиме? Стојан вели, ќе го земеме со нас растоварете го брашното ставете го во некои капини. Едната вреќа тука, другата понатаму. Го прашуваме дали има заседи. Има насекаде ама кој да ги знае. А треба да ставиме уште една пеколна машина на железничката линија, бидејќи ќе мине меѓународниот воз за Солун. Стојан Мандалов даде наредба да се постави машината онака како не учеа.

. Арно ама и од едната страна и од другата страна на пругата се слуша како по телефон. Одат некои сигурно жандари. А и човекот со магарето не предупреди дека линијата е втора граница, уште по бетер И во право бил. ….Мината ја поставивме, таа реагираше на притисокот на вагоните врз шините. Дали првиот вагон ќе го фати или вториот важно дека ќе експлодира. Ни дава знак јас бев од таа страна на линијата, и плус тоа човекот што го фативме тој бил од Ѓавато, ама бил домазет во Прдејци и таму живеел. Го прашуваме дали сака да се врати дома или… А не, вели, јас со вас ќе дојдам . Стојан ни дава знак да ја префрлиме линијата и во силен марш да го фатиме Вардар, затоа што ке имаме тешкотии и ќе не отепаа во водата. Во силен марш поминавме од таа страна на линијата, уште два три чекори поминавме од таму и од двете страни Стој. Почнаа да пукаат. Како што почнаа да пукаат Стојан вика право кон Вардар, и ние одговоривме со неколку истрели и трчаме . Таман дојдовме до Вардар гледаме од девет души осум. Еден нема. Кој го нема. Он, Фило од Фурка, уште првите истрели кога ги дадовме на самата линија му ја скршуваат десната нога и тој паѓа таму. Стојан вели ние треба да дадеме отчет за секој човек. Распоред направи неколку души на лева страна неколку на десна. Да се исплашат жандарите и да не пукаат на нас. Оти животот е мил. Мито касапот, јас и еден друг се вратиме на лево. Мито касапот почна да им вика да ја ебам вашата мама и почна да пука. Тие ич не пукнаа, избегаа. Се собравме. Пак дојдовме , а тоа растојание од пругата до Вардар е скоро 3 километри. Ние таму многу изгубивме време. Отидовме дури и на линијата пак. Го најдовме Фило….

Што ти е? Ме ранија во ногата скршена е неможам да ја мрдам. Јас и Борис како млади го фативме за рамениците и го влечеме. Не смее глас да пушти. Уште го боли ногата. Отидовме на Вардар и Стојан вика чекајте не тука на брегот. Ние побргу ќе го минеме Вардар и да ви дадеме помош. Зошто вие носите ранет човек. А Вардар есенско време е длабок, надојден, крајот на септември. Они влегоа и ни дадоа знак да се пуштиме. Јас и Борис сме добри пливачи, арно ама не можат да ни дадат помош а и ранетиот не е во состојба многу да ни помогне. Се држи храбро, не пушта глас, ама не е стособен ни нам ни себе си да си помогне.

Продолжува…

Последниот атентатор (3)

Последниот атентатор (2)

Последниот атентатор (1)



Слични Објави