Неподнослива леснотија на битисувањето во Северна Македонија
Пишува: Ели Секуловска
Кога го прочитав текстот на Господинот Љупчо Коцарев, со наслов “Идентитетска траума”, објавен во весникот „Нова Македонија“ на 07.12.2024 година, толку многу ми се згади што му оставив на бесот да преспие неколку денови. Потоа, повторно го прочитав со ладна глава и одново ми предизвика мачнина во желудникот.
Не можам да се изначудам на плиткото умилкување, површноста како и на неподносливата леснотија со која се прават инверзии, искривување на факти,а сето тоа е вешто сковано во лажливи целини. Речениците пак, набиени, масивни, украсени и стилизирани, толку долги што на крајот ми се чини дека и самиот автор не знаел што сака да каже. ( Достоевски пишувал со обичен јазик, никогаш стилизиран и препреден, па затоа е гениј). Затоа што зборовите треба да бидат апсолутен израз на мислите,а јазикот треба да биде чист, а не апстрактен.
Чувствував одбивност да го анализирам текстот на Господинот Коцарев, но заради гневот не можев а да не го коментирам истиот. Бидејќи текстот на авторот, претседател на МАНУ е толку многу апсурден, па да анализирате апсурд, изгледа уште повеќе апсурдно до таа мера што дури ве „фаќа“ срам од тоа што сте го нашкртале во вашата анализа на неговиот апсурд. Напишав четири страници, со огромна нервоза и чудење како може така да се извртува вистината, и се разбира, текстот го зачував. Потоа, кога се обидов повторно да го најдам на мојот компјутер, го немаше. Не е прв пат да ми се случи такво нешто. Со помош на моите комјутерски вештини, порано успевав да ги најдам изгубените текстови. Но,овој пат, безуспешно. Повикав мои колеги, оние компјутерџии кои си ја знаат работата и сите работат од дома затоа што за нив нема работа, (не се од „нашите“), но и покрај сите усилби и напори, текстот не го најдовме. Моето писание за апсурдот залута во некој облак! Да, така се случува кога пишувате со гнев и нервоза затоа што чинам дека Господинот Коцарев со последниот негов текст го достигна климаксот на апсурдот. Нејсе. Да почнам од почеток. Претседателот на МАНУ, Коцарев, своите текстови секогаш ги почнува со парафразирање на големи имиња од областа на книжевноста, психоанализата и филозофијата. Таков е и случајот со неговото последно писание, а истото го почнува со споменување на неколку автори , (зло)уптребувајќи ги нивните дела во сосема погрешна (би рекла,пресметана) конотација.
Господинот Коцарев се обидува да ги анализира поимите: колективна траума, културна траума и идентитетска траума, притоа повикувајќи се на авторот Гистав Ле Бон и неговата книга „Психологија на топлите“, па на Фројд и уште неколку други писатели. Јас веднаш ја најдов книгата на Ле Бон во мојата домашна библиотека и ја препрочитав. Авторот Ле Бон, прави одлична психоанализа на толпите .Воедно, терминот колективна тарума, самиот автор го користи во контекст на толпите кои можат да бидат заведени од страна на деструктивни водачи со помош на лаги и манипулации и со тоа му се нанесува штета на колективниот заведен ум. Но, сега гледајте, Коцарев, како Ришелје зад завеса, во својот текст,прави инверзија на термините, ги пренасочува, а целта му е да ги прикаже денешните Македонци ( оние заведени толпи кои протестираа), како жртви на некакви си колективни трауми!
Не лаже тој бесен, глув, тукуречи грчовит бунт, што се раѓа во мене во однос на подлоста. До денешен ден го зачував простиот рефлекс на моралноста!
Но, да се вратам на анализата, а не на моите негативни чувтства што ги
предизвика текстот на Коцарев.
Еве еден цитат од книгата на Ле Бон, а истиот се однесува за толпите:
“Несвесноста е скоро без исклучок водител на толпата. Нејзините дела главно се резултат на кичмената мождина, но не на разумот. Спред оваа
карактеристика, толпата се приближува до наполно примитивните суштества.
Толпата е играчка во рацете на надворешните дразби, под чие дејство таа трпи постојани промени. Таа е роб на импуслите што ги прима.Она што е заедничко за импулсите, е фактот што тие предизвикуваат силна наредбодавна моќ на која личните интереси не се во состојба да се спротивстават. Во раздразливоста на толпата како и нејзината импулсивност, скоро секогаш се јавуваат основните племенски крактеристики кои ја чинат нејзината константна основа. Основна карактеристика на толпата претставува нејзината сугестивност. Првата смислена сугестија што ќе се појави, веднаш и директно се впива во мозокот на секој поединец, а со тоа на некој начин е одреден колективниот правец во кој ќе се насочи толпата. Толпата може да биде лековерна до невидени граници потклекнувајќи многу брзо и лесно на било каква сугестија. Со чувства на суштество кое не е во состојба да го повика на помош својот разум, таа постојано е на работ на несвесното. Лековерноста не е единствената причина за содавањето на легендите и зачудувачката брзина со која се шират во толпите. Тие имаат свој корен во неверојатните деформации на лагата како и на настаните во фантазијата на членовите на толпата. Толпата преставува погодно тло за восприемање на крајно пренагласените чувства. Секој говорник кој сака да ја заведе топлата се служи со постојано повторување на лагите, твдење и претерување, но во исто време да не се прави обид за било што да се толкува со помош на разумот.‘. Патем, Фројд, таквата заведена глутница ја нарекува “психолошка беда на масите” !
Е сега, кога ги изнесов основните карактеристики на толпата, позајмени цитати од книгата на Ле Бон, на која се повикува Господинот Коцарев, би сакала да прашам:
Кој ги инструментализираше толпите ( претставени како чисти Македонци) кои протестираа повеќе од 17 дена низ улиците на Скопје противејќи се на Уставните измени и влез на Бугарите во Уставот?
Дали се прашал Господинот Коцарев, после горе наведениот цитат за толпите, колку е опасно да инструментализираш голема група на луѓе кои делуваат инстиктивно и несвесно?
Дали се запрашал Господинот Коцарев како се чувствуваа незаштитените
поединци во Северна Македонија кои се декларираат како Бугари кога
инструментализираната толпа делуваше речиси хипнотизирано, под диктат, обединета со најниските страсти, а тоа е омразата?
На Македонците им треба ревизија, но не само на историјата, туку и на вредностите! Затоа што кога Господинот Коцарев зборува за култура и за културна траума,(покраj другите трауми што ги споменува во неговиот текст) зборот култура има пошироко значење, како на пример: културно е да не се лаже, туку секогаш треба да се кажува вистината.Со вистински зборови, а не со еуфемизми.
Еве некои несоборливи факти, но и прашања:
Не знам како ќе ги објасне Господинот Коцарев?
Најголемиот дел од Илинденците и комитите, после 1912 година си заминуваат во Бугарија. Со какво право денес Северна Македонија не им дозволува на потомците на Илинденците и комитите кои живеат во Бугарија, да го чевствуваат Илинденското Востание на нивните прадедовци?
Илинденците, пак кои останаа овде, беа подложени на тортури, затвори и измачувања, и не само во титова, туку во Кралска Југославија, (како што многумина ја нарекуваат – Зандана на народите) . Зошто некои настани се се‘ уште обвиткани во магла, како на пример настанот за скопскиот студентски процес кога група млади луѓе голем дел од својот живот беа осудени да го поминат во српските зандани? Зошто се’ уште не се зборува за измачувањата, убиствата, конфискациите после 1944 година? Зошто не ги погледнеме досиејата на затворениците од времето на титова Југославија ? Во сите досиеја пишува дека казнениците до 1944 година биле Бугари, потоа станале Македонци!
Зошто не се кажува дека 70% од асномците кои страдаа после 1944 година,
беа судени како Бугари?
Зошто не се кажува дека и деца беа малтретирани и носени во УДБа? Колку детски солзи се пролеани? До кога ќе се молчи?
А за будалаштината да биде поголема, кога се слави некој историски настан ( а тука речиси секои две недели се слави по нешто), устите им се полни со Илинден и АСНОМ ( како што го нарекуваат Вториот Илинден). Потоа, „горди“ како пауни, се упатуваат кон гробиштата каде лежат посмртните останки на „заслужните граѓани“, оние кои ги малтретираа и убиваа асномците и Илинденците како Бугари!
Oвa e апсурд, Господа!
Апсурд!
Толку вулгарен што немам зборови.
Проблемот е што ги поминавте сите црвени линии и немате никакво чувство за авторефлексија!
Патем,не ми е јасно како Господинот Мицковски оди во Брисел и им кажува бајки на Европјаните? Па, зарем Европа, како стара дипломатија не праќала овде истражувачи, патеписци, новинари кои детално давале извештаи за тоа на каков јазик зборувало тогашното домородно население, каков бил составот на истото, обрзованието, какви им биле обичаите, навиките, традицијата?
Еден од најдобрите журналисти Albert Londres, како дописник на тогаш најпознатите француски новини „Еxcelsior“ и „Le Petit Parisien“ кој присуствувал подолго време на територијата на тогашна Македонија, ги опишува страшните тортури што се случувале од страна на Србите после 1912 година.Истовремено, дава детални податоци за составот на населението, образованието , начинот на живот.
Но, во Северна Македонија за тој период ,се молчи.Наместо вистина, овде се кажуваат лаги, фабрикувани манипулации со што се диригира поголемиот дел од населението.
Не можам да си објаснам како опстојува оваа антифонија?
Пароли.Фрази. Филозофии. Моралности. Кодекси.
Па од каде во мене таа одбивност спрема секаков одреден „морал“ затворен во систем?
Јазикот им звучи лажно и празно. Сето тоа изгледа како некаков регистар, измислен, искажан со лаги, тешко дело на тромавите, здрвена творба на чуварите на мафијашкиот патротизам. Драматичноста на водачите на толпата бара национална драма.И ете ги, се појавија „спасителите“ на нацијата – ВМРО-ДПМНЕ!
ВМРО формирано од Бугари во далечната 1893 година кое денес се бори против Бугарите во Устав! Хаха, каква мизерна патетика! Собираа луѓе, правеа митизни, тв шоуа во кои пред се доминираше , ( а и се уште е така), националистичката реторика! Во нивните говори, македонизмот го ставаат на пиедестал како апсолутна вредност, иако таа доктрина им служи само за „газење“ на луѓе. Присилата за обожување на македонизмот е нешто паланечко; води кон нарушување на пропрциите меѓу денешните “чисти” Македонци ( иако не ми е јасно кои се тие чисти Mакедонци) и светот( или реалноста); начичкани со комплекси кои раѓаат глупост, лага, претенциозност. Топлата пак, ставена во движење од страна на патетичната машинерија на политичарите стана жртва на митологии,испростачени, подетинети, склеротични, бирократски, храна за национализмот.
И после сите тие празни говори и ловорики, следуваат ракоплескања! Ракоплескања на стада. Ракоплескања предизвикани од ракоплескања. Ракоплескања на апсурдот што се надраснуваат, се натрупуваат едни врз други, се возбудуваат, се предизвикуваат – и веќе никој не може да не ракоплеска затоа што сите ракосплескаат. Со ужас гледам дека не опкружува бескрај од мрачни мозоци кои ни ги крадат нашите правди за да ги искривуваат, да ги смалуваат, да ги преобразуваат во орудие на своите страсти. Притоа откривме дека бројот на заведените луѓе е порешавачки од квалитетот на правдите!
Но, повторно правам дефокус. Да се навратам на градацијата на апсурдот во колумната на Господинот Коцарев.
Ве молам, понатаму во текстот, авторот Коцарев ги цитира и членовите со кои се дефинира поимот геноцид, според Конвенцијата на Обединетите нации од 9 декември 1948 година каде се вели:
“Геноцид е кое било од следниве дела сторени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група, како таква: (а) Убиство на членови на групата; (б) Предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата; (в) Намерно нанесување на групните условите на животот, пресметани да доведат до нејзино физичко уништување целосно или делумно; (г) Наметнување мерки наменети за спречување на раѓања во групата; (д) Насилно пренесување на деца од групата во друга група, во овој есеј, предлагам концептот колективна траума да се дефинира како заедничко искуство на групата (колективот) кога групата е изложена на барем едно од петте дела за злосторството геноцид.”. Додека пак,новиот Француски Казнен кодекс на геноцидот му дава уште поширока дефиниција. После се што е изнесено во колумната на Господинот Коцарев, се прашувам: Дали сето ова е обид денешните Македонци да ги претсави како жртви на колективна, идентитетска и културна траума, воедно и како колективни жртви за кои важат некои членови од Казнениот кодекс за геноцид?! Ве молам, кажете ми,дали денес некоj на Македонците им забранува раѓања, им нанесува телесни или ментални повреди или уште не знам што, според членовите на Казнениот кодекс? Да се пишува под диктат и да се изнесуваат вакви монструозни лаги, а притоа да се знае вистината, е многу нечесно. А, Господинот Коцарев ја знае вистината. Многу добро ја знае вистината. А вистината е дека горенаведените членови од Казнениот кодекс важат за македонските Бугари кои повеќе од едно цело столетите се жртви на убиства, трауми, затвори, намерни сакатења,конфискации на имоти и што уште не.
Повелете! Ајде да разговараме! Цивилизирано, без цензура, без преќутување. Да кажеме и ние колку членови од семејството сме изгубиле почнувајќи од Илинденското Востание, за потоа,во 1949 година да се изврши геноцид врз целата фамилија! Повелете Господа! Зошто молчите?
И кои се тие “чисти”, а кои “нечисти” Македонци, ве молам?
Па недвосмислено доаѓаме до констатцијата на Радомир Константиновиќ во книгата Филозофија на паланаката кој вели :“Ние сме чистите, а оние од другата страна на планината, се нечистите. „. Има нешто нечесно, што не може да се проголта во целиот овој бескрај од концентрирани глупости. Кога размислувам, имам чувство дека се спротивставувам на ограничен морал, фрагментиран и арбитрарен .. и секако неправеден. Морал кој по својата природа не е постојан, туку мал, толку мал и ситен како зрно од грашок.
После ова писание на Коцарев,чинам дека веднаш треба да се појави некоја нова опозиција, спасувачка антитеза која ќе биде чекор напред.Тоа е добро и за Северна Македонија, како и за младите генерации на кои им ја должиме вистината.Инаку, се ќе оди по ѓаволите.
