| |

Денеска рочишта „Тендери“ и „Насилства во Центар“

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство, „Тендери“ и „Насилство во Општина Центар“.

Поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за изведување на градежните работи во Музејот на ВМРО, како дел од проектот „Скопје 2014“.

Судијата Осман Шабани на денешното рочиштето треба да се произнесе по приговорите на одбраната околу вештачењето на доказите.

За денеска е закажано судење и за предметот „Насилство во општина Центар“ во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На минатото рочиште, судијата Душан Јосифов го одложи судењето, по забелешката на Груевски и останатите обвинети дека во целост не го разбрале обвинението, бидејќи не го добиле во пишана форма.

Судот го задолжи СЈО да им достави пречистен текст на обвинението по пошта за темелно да го разгледаат.

Судењето за „Насислство во Центар“ почна одново, бидејќи со новиот распоред, предметот му е доделен на судијата Душан Јосифов, кој го наследи од судијката Татјана Михајлова.

 



Слични Објави