Мицкоски зема огромни кредити и се оддалечува од ЕУ
Анализа на француското специјализирано списание „Courier des Balkans“/БГНЕС
На 22 мај во салата „Черчил“ на Министерството за трговија и индустрија во Лондон, Република Северна Македонија и Обединетото Кралство потпишаа Споразумение за стратешко партнерство.
Споразумението обезбедува заеми во износ од 5 милијарди фунти (околу 6 милијарди евра) за финансирање на големи инфраструктурни проекти – најголемиот договор во историјата на државата.
Според потпремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој го потпиша споразумението, средствата ќе бидат искористени за проекти во транспортот, образованието, животната средина и информативните технологии. Дел од средствата ќе бидат отпуштени и за развој на здравствената заштита. Првично ќе бидат лансирани три пилотни проекта: високобрзинска железничка линија по Коридорот 10, обнова и изградба на болници, како и нов медицински факултет и студентски дом во Штип.
Македонската влада се надева дека ова споразумение ќе предизвика економски бум, бидејќи во економијата ќе бидат инвестирани огромни средства. Сепак, сè уште недостасуваат детали за договорот кои би дале јасна претстава за условите под кои ќе се користат средствата и за нивото на задолженост.
Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска истакна дека станува збор за проектни финансии, што значи дека средствата ќе бидат отпуштени врз основа на конкретни проекти. „Каматните стапки ќе зависат од времетраењето на секој проект. Никаде не е запишано дека ќе го искористиме целиот износ од пет милијарди фунти, но владата на Обединетото кралство гарантира дека Македонија ќе ги отплати заемите кога тие ќе бидат земени.“
Владата тврди дека долгот нема да го надмине критичниот праг од 60% од БДП. Опозицијата, сепак, ја критикува поради недостатокот на транспарентност. „Ниту ние, ниту јавноста не знаеме ништо за овој договор, кој е крајниот рок, какви ќе бидат каматните стапки итн. Министерката за финансии нема одговори на овие прашања. Ова е недостојно за личност која би требало да ги брани јавните финансии. Всушност, оваа влада воведува данок на иднината, задолжувајќи ги идните генерации“, рече Венко Филипче, лидер на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ).
Владимир Јовановиќ од Виенскиот центар за меѓународни истражувања смета дека јавниот долг ќе порасне и дека неговото темпо ќе зависи од сеуште непознати параметри. Со првите два споменати проекти во вредност од две милијарди евра, долгот ќе се зголеми од десет на дванаесет милијарди евра, односно од 62% на 75% од БДП. Владимир Јовановиќ признава дека проектите би можеле да бидат профитабилни на долг рок, „но владата мора да биде транспарентна во врска со овој договор“.
Стопанската комора го поддржа договорот и тврди дека тој ќе даде засилување на македонската економија и е во полза на локалниот бизнис. Нејзиниот претседател Бранко Азески ги повика македонските компании да учествуваат во до 70% од проектите.
„Предностите од ова стратешко партнерство за Северна Македонија се јасни. Покрај финансиските и економските аспекти, земјата се радува што го зацврстува партнерството со една од најголемите светски сили. Обединетото кралство ги става на располагање своите најдобри експерти за да и помогне на Македонија да се развие и да го подобри својот животен стандард. Не мислам дека Македонија би можела да најде подобар партнер“, изјави Александар Николоски.
Од своја страна, британскиот министер за извозни прашања Гарет Томас рече дека ова партнерство отвора ново поглавје во билатералните односи со Северна Македонија. „Обединетото кралство има богато искуство во изградбата на висококвалитетна инфраструктура низ целиот свет и се радува што го поставува почетокот на ова ново партнерство, кое ќе помогне повеќе британски претпријатија да извезуваат во Северна Македонија.“ Обединетото кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија, при што до 2024 година вкупната вредност на стоките и услугите тргувани меѓу двете земји достигна речиси 2,5 милијарди фунти.
Опозицијата, сепак, повика на поголема транспарентност на договорот и ја праша владата дали тој договор вклучува и изградба на бегалски кампови за мигранти вратени од Обединетото кралство. Овие стравови се засноваат на извештаите во британските медиуми дека Албанија го отфрлила барањето на Лондон да прими луѓе на кои не им е одобрено азил. Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли овие обвинувања, велејќи дека станува збор единствено за полициска соработка меѓу двете земји во борбата против криминалните групи. Амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон, исто така ги отфрли обвинувањата.
Кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, Северна Македонија чека 20 години да се приклучи во европското семејство. Додека нејзините соседи успешно отвораат и затвораат преговорни поглавја, Северна Македонија ја изгуби секоја инерција за реформите потребни за членството, а годишните извештаи за напредокот покажуваат застој во клучни области. Шефот на европската дипломатија Каја Калас сепак се обиде да ги смири македонските власти за време на нејзината посета на Скопје минатата недела, велејќи дека ЕУ ќе најде „механизам за деблокирање на процесот на европска интеграција“.
Добивањето на „алтернативни“ средства, во дополнение на ветувањата од ЕУ од 750 милиони евра како дел од Планот за раст за Западниот Балкан, изгледа како приоритетна стратегија на владата. Во 2024 година, Република Северна Македонија позајми од Унгарија еден милијарда евра за зајакнување на својата економија. Дел од овие средства беа искористени за отплата на долгови, а друг дел беа распределени на општините за инфраструктурни проекти. Опозицијата тврди дека во овој унгарски заем всушност се кријат кинески средства.
Ќе остане ли Република Северна Македонија верна на својот европски сон, или е време да бара алтернативи? Стратешкото партнерство со држава која го напушти Сојузот пред само неколку години, раѓа сомнежи за можна промена на насоката на надворешната политика, но претседателката Гордана Силјановска-Давкова го негираше таквото сценарио во интервју за Радио „Слободна Европа“. „Овој договор не е алтернатива на статус квото со ЕУ. Тврдам дека ние сме дел од Европа не само географски, културно и историски, туку и политички. Сакам да нагласам дека дури и британските претставници, кога доаѓаат овде, водат дијалог во рамките на нашиот продолжен, но незавршен процес на европска интеграција. Ние немаме алтернатива.“
Потпишувањето на договорот беше проследено со голем публицитет и свеченост. Премиерот Мицкоски изјави дека овој договор со Обединетото Кралство ќе „донесе инвестициона револуција во земјата“. И сепак, на крајот ова е само финансиска рамка за потенцијални заеми до износ од 5 милијарди фунти во следните десет години. Ова не е ниту директна инвестиција, ниту неповратна помош.
По прогласувањето на независноста, секоја влада на Република Северна Македонија ветува милионски инвестиции. Сепак, Северна Македонија продолжува да биде една од најсиромашните земји во Европа, со раст од само 2,6% и просечна плата од околу 730 евра. Дали ова партнерство ќе ја подобри македонската економија, или само ќе ја зголеми задолженоста на земјата? Дали инфраструктурните проекти навистина ќе бидат реализирани, или ќе останат „бескрајна приказна“, како автопатот Кичево-Охрид, кој се гради повеќе од десет години? Дали ова стратешко партнерство е чекор кон нова дипломатска алтернатива, или едноставно средство за привлекување вниманието на Европската унија?
Завесата на тајност околу договорот, кој го раздвижи јавното мислење во Македонија, може да се крене кога ќе започне процесот на ратификација во националниот парламент.
