Меѓународна спортска средба на лица со интелектуални потешкотии од Бугарија и РС Македонија ќе се одржи во Ќустендил
Спортисти со интелектуални потешкотии од Федерацијата за адаптирана физичка активност Бугарија (ФАФА), како и претставници од Република Северна Македонија, ќе учествуваат на меѓународна фудбалска средба и турнир во пинг понг што ќе се одржат на 6 и 7 јуни во Ќустендил, јавува БНР.
Организатор на иницијативите е спортскиот клуб „Адаптирани спортови – Ќустендил“, со поддршка од локалната самоуправа и во партнерство со ФАФА Бугарија, чиј претседател е Слав Петков.
Гостинската екипа ќе ја предводи Борче Боев, генерален секретар на спортските федерации на Република Северна Македонија.
„Меѓународната фудбалска средба има за цел не само да ја поттикне физичката активност, туку и да создаде реални можности за социјална инклузија и градење партнерства меѓу соседните држави. Спортот е алатка за поврзување, заемна почит и потврдување на човечкото достоинство, без разлика на личните предизвици“, соопштија од Федерацијата за адаптирана физичка активност.
ФАФА Бугарија развива спортски програми за лица со интелектуални потешкотии и работи на зголемување на видливоста, поддршката и одржливоста на нивните достигнувања. Настани како овој во Ќустендил покажуваат дека спортот може и треба да биде достапен за сите.
