Една е Коминтерната и Мицкоски е нејзин пророк
Пишува: Евелина Гечева/Актуално
Ние сме сакале да создадеме вештачка македонска нација, при што сме имале намера да ја прогласиме за израсната врз бугарски корени.
Ова го пријави другарот Мицкоски, со едната нога зачекорен кон европскиот праг, а со другата – во една колхозна идеологија, историски докажано пропадната. Се згрозил од нешто што е чиста вистина, а секој трет Бугарин може да му докаже македонски корени и да му посочи роднини помакедончени од србоманската асимилаторска политика.
Изјавите на Мицкоски, уште од неговото појавување на политичката сцена, не се ништо друго освен говор на омраза – нешто што не може да му користи за влез во ЕУ. Особено нападите кон Бугарија во последно време – тие се илустрација за сè она што Брисел не само што не го толерира, туку и го санкционира.
Сите знаеме дека некои земји-членки на ЕУ имаат недоразбирања, спорат, имаат билатерални несогласувања, но не си дозволуваат таков груб јазик и такви маалски навреди, какви што македонскиот, или да бидеме прецизни, северномакедонскиот премиер си дозволува кон Бугарија.
Апропо, денешните лидери на оваа држава, која Белград, а можеби и Москва, малку подзаборавени, си ја нарекуваат Македонија и ич не ги интересира што мисли Атина за ова чувствително прашање од областа на топонимијата.
Преседан ќе биде за Европската унија експлицитно да го признае јазикот на некоја држава. Замислете, на пример, Италија да поставува такво условување? Или која било друга земја-членка. Ова инсистирање е голема смешка, но на европратениците веројатно наскоро ќе им здосади од хистериите на скопските политичари.
Нивниот идентитет бил македонски, бил вековен, јазикот исто така македонски – добро, ама нели си го сменија името? Нели веќе еднаш имаа челен судир со товарен воз? Уште еден ли сакаат?
Наследниците на Византија не се фалат со вековен идентитет, но никако не би прифатиле преименуваната Северна Македонија повторно да стане Македонија.
Кон тоа треба да гледаат другарите од Скопје, а не да се караат со нас како деца што си ги испуштиле лепчињата со намачканото надолу.
Па уште и да нè обвинуваат за живковизам. И да влегуваат во некаква безумна борба со ГЕРБ, без да разбираат дека токму од европратениците од таа партија многу, ама навистина многу зависи како Европа ќе гледа на нив.
Живковизам кај нас нема. Нека прво се погледнат самите себе и нека се помолат убаво на Србија да им го подари споменикот на Тито, затоа што без Тито одамна ќе ги немаше ниту во историјата, ниту во географијата. А другарот Мицкоски очигледно работи во име на новата Коминтерна и се наметнува како нејзин пророк. И токму тука е клучот од подрумот – му треба ли на Брисел уште еден Тројански коњ, зацртан во 1934 година и искован во 90-тите? Ако Европа сака да си додаде уште една ѕвезда на знамето, треба да има предвид дека таа е била, е и ќе остане кремљска.

