ГДУ-КУМАНОВО: ГАРНИЗОН-МЕСТО ЗА ГОРДЕЕЊЕ ИЛИ МЕСТО НА ЈАВЕН СРАМ НА КУМАНОВО?

Гордоста на Куманово од времето кога беше направен, Гарнизон, денеска е претворен во место од хорор филмови. Поголемиот дел не е осветлен и луѓето веќе не ни поминуваат од таму. Тоа стана место за лица со сомнителен морал и занимања, каде превезот на ноќта помага да се завршат работите подалеку од очите на јавноста. Таму веќе ни полицијата не проаѓа. Гарнизон си е препуштен самиот на себе.

Сопствениците на дуќаните, оние што не се на прометните места, како веќе самите да се откажале од оваа своја сопственост. Веруваме дека ни тие самите не одат повеќе во своите дуќани, а не камо ли да бараат закупци, за да остваруваат приходи. Се е заборавено и оставено да се распаѓа.
Граѓанско Демократска Унија- Куманово, како партија со општествена свест, не може да си дозволи тоа така да остане и понатаму исто да се развива. Некој мора да понесе општествена одговорност за најголемиот трговски центар во Куманово. Објект со таква површина во строгиот центар на градот не смее да се запушти, а уште помалку да биде расадник за криминал или болести.

Овие слики од Гарнизон јасно покажуваат дека властите не си ја вршат работата и дека поимите јавна чистота и јавно здравје малку значат кај нас. Оваа дива депонија не се наоѓа на недостапна локација или на места каде што не живеат луѓе, ниту пак поминуваат. Во строгиот центар на градот, на минутка пеш од плоштадот имаме депонија со кој знае каков отпад.
Сигурно е дека има медицински отпад од лицата кои овде користат дроги и психотропни супстанци, но и целото ова место е градско WC. Она што уште немаме градско WC, цврста градба, овде не пречи, па секој може истото непречено да го заврши, на некои места и со поглед на ѕвездите во вечерните часови.

Дали ЈП Чистота и зеленило немаат обврска да ги чистат сите јавни површини во Куманово? Дали нема комунална инспекција која ќе им наложи на сопствениците на деловните простори да си ги исчистат и средат, сето тоа под закана од парична казна? Нели треба да се постави јавно осветлување и на овој простор, за да се намали криминалот и консумирањето на дроги?
ГДУ Куманово кратко прашува-Дали има решение? Дали некој е засегнат? Се слушаме ли?

Очекуваме одговор во најкус можен рок. Дајте да ги придвижуваме работите. Доста вртевме во место. Доста беше само очекување на избори и предизборни активности. Работата мора да тече.
Граѓанско Демократска Унија- Куманово, ќе биде тука како активатор за преземање на активности во корист на граѓаните на Куманово, се вели во соопштението на локалниот клуб од ГДУ-Куманово.