| |

Ковачев: Јавен регистар за оние што добиле бугарско државјанство! Во РС Македонија се над 120.000, но се кријат од страв

Извор: 24 часа

– Г-дин Ковачев, кои всушност се мотивите за одложувањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија за приклучување кон Европската Унија? Што точно се случи?

– Во последната недела премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, секој ден даваше изјави во медиумите во РСМ, дека со месеци работел со известувачот Томас Вајц, кој треба да го подготви нацрт-извештајот за оценка на напредокот. Тој тврдеше дека Владата ги постигнала своите цели и дека во тој извештај ќе биде признаена „вековната“ македонска самобитност, историја и јазик – и тоа на четири места. Мицкоски спомна и дека знае за обиди на бугарски европратеници, кои се обидуваат да прецизираат текстот за да биде јасно дека станува збор за идентитет и јазик на денешни живи луѓе што се самоопределуваат како етнички Македонци, и јазикот што го зборуваат, како македонски. Очигледно алудираше на мене, бидејќи рече „европратеник од владејачката ГЕРБ“, но исто така тврдеше дека тие обиди нема да успеат. Тоа значи дека трета страна, која е предмет на оценка, знае што се случува, какви се текстовите во нацрт-резолуцијата, кој што зборувал и какви желби има. Тоа отвора многу прашања за начинот на кој се подготвува текстот. Затоа Европската народна партија побара повеќе време за состаноци на известувачите во сенка и за прецизирање на текстот. Известувачот, како и другите политички партии, се согласија извештајот да се одложи за 24 јуни. Текстовите што ги усвојува Европскиот парламент мора да бидат јасни, точни и недвосмислени, а не да предизвикуваат различни интерпретации, недоразбирања и манипулации – тоа би бил удар врз самиот ЕП и неговиот углед.

– Се покажа дека Вајц имал активни средби со претставници на власта во Скопје, без да ги регистрира.

– Да, обврска на известувачите е да ги регистрираат своите средби. Откако колеги го забележаа и го поставија тоа прашање, известувачот Томас Вајц пријави 31 средба што првично не беа регистрирани.

Во таков случај, откако се компромитирал на тој начин, какви можат да бидат следните чекори? Може ли да му се верува, па дури и да се смени известувачот?

– Нема проблем да има секојдневни средби, но мора да постои транспарентност – со кого и кога се сретнал, особено како главен известувач. Но постои и друго големо прашање. Го изгледав неговото интервју за македонска телевизија, во кое вели дека ќе има признавање на македонскиот идентитет и јазик. Потоа изгледав негово интервју за бугарска медиумска куќа, каде вели дека не станува збор за признавање, туку само за спомнување. Тоа пак води до двосмисленост и нејасност. А таков текст не може да се остави на произволни интерпретации. Во лични разговори со известувачите во сенка, како и со самиот Томас Вајц, тој ми рече: „Да, навистина немаме намера да зборуваме за ‘вековен’ македонски идентитет и јазик, туку за сегашниот“. А на моето прашање зошто тоа не е прецизирано за да се избегнат злоупотреби, тој рече дека станало многу чувствително политичко прашање и дека се чувствува нападнат. Многу е важно да се потенцира – не напаѓаме лично известувачот, бидејќи тоа не е исправно. Но сакаме објективно, јасно и недвосмислено претставување на извештајот – а за сега тоа не е така. Главниот доказ за тоа се постојаните изјави на премиерот Мицкоски токму во врска со тој текст.

– РС Македонија, ja претставува Бугарија како пречка за европската интеграција на земјата. И донекаде тоа и успева, бидејќи еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја оцени ситуацијата меѓу Софија и Скопје како „билатерален спор“, за кој „ЕУ може да посредува“. Ќе се наметне ли овој прочит на настаните?

– Реагирав веднаш на зборовите на Марта Кос и ја замолив повеќе да не чита текстови што некој ѝ ги подготвил, туку да се врати на реалната ситуација. Имаме заклучоци на Советот од 2022 година, каде што 27 земји-членки се согласија, вклучително и самата земја-кандидат. За жал, владата на Република Северна Македонија не ги исполнува тие обврски. Имаме општ европски консензус и Договор за пријателство и добрососедство од 2017 година, кој мора да се спроведува. Договорот предвидува и меѓувладина комисија, која се состанала само двапати од 2017 година. Потребна е трета средба, која треба да заврши со годишен протокол. Засега има само два протоколи, а тој договор е дел од преговарачката рамка усвоена во 2022 г. Марта Кос мора да го оцени напредокот во исполнувањето на договорот и неговите протоколи. При сослушувањето во надворешната комисија во ЕП ја прашав дали Комисијата е должна да дава таква оценка, и таа одговори: „Да, секако“.

– И покрај сè, зошто Скопје продолжува да не ги исполнува обврските?

– Сегашната влада на Мицкоски губи драгоцено време на сопствените граѓани, финансиски ресурси и дипломатска енергија обидувајќи се да ги промени заклучоците од 2022 година. Тоа е осудено на неуспех – досега никогаш не се променил европски консензус на земја-кандидат три години подоцна, под нејзин притисок. Македонија историски има бугарско потекло и по Втората светска војна е создаден нов идентитет во Титова Југославија. Мицкоски со потсмев го нарече овој историски факт „живковизам“, што е апсурдно – нашите преродбеници и револуционери немаат никаква врска со комунистичкиот режим. Ни Григор Прличев, ни браќата Миладинови, Гоце Делчев, Дамјан Груев, Христо и Милан Матов, д-р Татарчев и другите.

– Новинарот Бојко Василев рече дека Мицкоски ја игра омилената игра на ЕУ – „Ако не ме примиш, ќе ти изневерам“. Може ли таа тактика да успее?

– Тоа е загриженост и кај колегите – дека ако не им се исполнат барањата, Русија и Кина ќе навлезат. Веќе зедоа речиси 1 милијарда кредит од Кина – половина преку Орбан, другата половина директно. Оската Орбан – Вучиќ – Мицкоски – Додик со Путин е навистина загрижувачка. Мицкоски ја користи емоционалната карта – да ја претстави Македонија како жртва. Го сменија името, знамето, а соседите не ги признаваат. Тој ја контролира целата медиумска средина преку медиуми сопственост на Унгарците, кои се партиски рупори. Прашањето е – дали навистина сака членство во ЕУ или сака нешто друго за себе. Тој вели: „Кој не гласа за вековната македонска самобитност и јазик, не ги следи заветите на Шуман и Моне“.

– Како можат бугарските европратеници да го натераат ЕУ да изврши притисок за исполнување на обврските од преговарачката рамка?

– Бугарскиот парламент со апсолутно единство ја потврди поддршката за заклучоците од 2022 година. Комисијата, вклучително и Марта Кос, потврди дека Бугарите мора да бидат внесени во Уставот, не само во преамбулата, туку и во делот каде се наведуваат народите. Тоа го рече и Антонио Кошта во Скопје. Значи, нека не губат време. Ќе им помагаме во процесот, но мора да се надмине старото размислување од времето на Тито. Јас ја користам риториката на Мицкоски, кој не нарече луѓе од Средниот век.

– Вашиот поранешен колега европратеник Иво Христов тврдеше дека има бартер – Бугарија го продава своето „вето“ за започнување преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ во замена за приемот во еврозоната. Колку има вистина во тоа?

– Тоа е несериозно и апсурдно. Јас не гледам никаква врска. Прво, зборот „вето“ не е точен. Илјада пати кажавме – нема билатерален спор. Во моментот има неисполнување на европските услови. Не е прашање дали Бугарија ќе каже „да“, па тие да започнат преговори. Потребно е 27 земји членки да ја променат преговарачката рамка – не само Бугарија. Тоа никогаш не се случило, ниту ќе се случи. Република Северна Македонија и нивниот премиер не го спроведуваат тоа што претходната влада го потпиша. Тој можеби не ја сака претходната влада, но државата е правен субјект кој останува обврзан. Истото важи и за Преспанскиот договор – иако сегашната грчка власт не го поддржува, тие го спроведуваат затоа што е меѓународно обврзувачки документ.

– Сакам да укажам и на уште еден важен момент – ние не си ја завршивме домашната работа. Мислам дека е крајно време да се смени Законот за бугарско државјанство. Тука вклучувам воведување на церемонија за добивање државјанство по потекло, фотографија пред знамето и грбот, но и јавно достапен регистар во Министерството за правда за сите што добиле државјанство по потекло – и тоа со ретроактивна важност. Во моментот, тоа не е јавна информација. Овој регистар ќе донесе транспарентност за сите наследници на Бугарите кои живеат во историските области, дефинирани од БАН како со бугарско мнозинство.

Вториот многу важен критериум е јавно изразување на бугарскиот идентитет. Имаме над 120.000 – 130.000 граѓани на РСМ кои добиле бугарско државјанство по потекло, со докази дека нивните баби и дедовци биле дел од Бугарската егзархија, бугарската армија, бугарските училишта во Македонија, Одринско, Тракија, и со писмена декларација дека се чувствуваат како етнички Бугари.

Тоа е огромен број во држава со 1,9 милиони жители. Од нив значаен дел се Албанци, Турци, Власи, Роми, Египќани, Срби. Затоа сметам дека предложениот закон, кој веќе го поднесов до колегите во Народното собрание, треба веднаш да се разгледа и усвои. Ова нема никаква врска со заштита на лични податоци – имам и мислење од Државната агенција за заштита на личните податоци. Станува збор за јавен интерес – не се бараат датуми на раѓање, туку имиња и населено место на потекло.

Во моментов тоа е голем проблем во РС Македонија. Луѓето се плашат да не се дознае дека имаат бугарско државјанство, како што се случи со многу министри, заменици, па и со градоначалничката на Скопје – веднаш мораа да се оправдуваат. Тоа нема значење. Разбирам – атмосферата таму ги плаши. Може да бидеш што било, но ако си Бугарин – тоа е проблем. Може да изгубиш работа, кариера, бизнис. И затоа тие луѓе го кријат тоа. Апсурдно е во нормална европска држава да постои таков страв. Тоа мора итно да се надмине.

Без оглед дали тие го добиле државјанството за да работат во Германија или Австрија – при самата апликација приложиле документи за бугарско потекло и потпишале декларации, за кои се носи кривична одговорност.



Слични Објави