| |

Марио Хосен: „Варненско лето“ е богатство за светската културна заедница

Со концерт на Симфонискиот оркестар на Државната опера Варна под диригентската палка на маестро Емил Табаков, на 21 јуни беше свечено отворено овогодинешното издание на Меѓународниот музички фестивал „Варненско лето“, јавува БНР. Според хрониките, ова е 80-то издание на еден од најстарите фестивали од ваков вид во Европа, чија историја започнува уште во 1926 година.

За блескавото отворање беше избрана музика од Рихард Штраус, но традицијата не беше заборавена – концертот започна со Рапсодијата „Вардар“ од Панчо Владигеров, која со децении е симболичен почеток на фестивалот. Како солист во Концертот за валдхорна и оркестар од Штраус настапи младиот, но сè попопуларен изведувач Виктор Теодосиев, добитник на признанието „Млад музичар на годината 2022“ во националната анкета на слушателите на емисијата „Алегро виваче“.

Во изјава за медиумите, уметничкиот директор на „Варненско лето“, виолинистот Марио Хосен, го истакна големиот интерес и присуството на гости од целиот свет во првите денови од фестивалот. Според него, најважно е поддршката на младите таленти, паралелно со поканувањето на веќе афирмирани музички имиња од земјата и странство.

Во јули фестивалот ќе понуди мајсторски курсеви по виолина, пеење и класична гитара, во рамки на Меѓународната летна академија, додека на почетокот од септември повторно ќе се одржи меѓународен научен симпозиум.

Слични Објави