Софискиот универзитет домаќин на национална конференција за отворена наука
Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ денеска ќе биде домаќин на Првата национална конференција со меѓународно учество за отворена наука во Бугарија, под наслов „Водич за научниците: во орбитата на отворената наука во Бугарија“, организирана во рамки на проектот ОРБИТ. Настанот ќе се фокусира на предизвиците и можностите кои ги носи отворената наука во ерата на вештачката интелигенција, јавува БТА.
Главен предавач ќе биде д-р Марта Теперек од Холандскиот совет за научни истражувања (NWO), која ќе ја претстави националната иницијатива Open Science NL, посветена на забрзување на транзицијата кон отворена наука во Холандија. Историјата на оваа иницијатива се смета за инспиративен пример за држави кои сакаат да изградат култура на отворени соработки и истражувања. Во своето излагање, д-р Теперек ќе зборува за иновативни стратегии за споделување податоци, дигитална транспарентност и користење вештачка интелигенција во научните истражувања.
Програмата на конференцијата вклучува и сесии со бугарски истражувачи од повеќе научни области, кои практично ги применуваат принципите на отворена наука – од борба против лажните вести, преку античка нумизматика, до користење отворени податоци и вештачка интелигенција за образование и финансии. Посебно внимание ќе биде посветено на проектите развиени во рамките на менторската програма за докторанди.
Со учество на претставници од водечки универзитети, библиотеки и невладини организации, проектот ОРБИТ се профилира како една од клучните платформи за иновации во истражувањето и јавното вклучување во Бугарија, истакнуваат од Софискиот универзитет.

