Здружението на потомците на бегалците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели со официјално прашање до Европскиот парламент за спомнувањето на „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ во најновиот извештај
Здружението на потомците на бегалците и доселниците од територијата на Северна Македонија и пријатели, предводено од копретседателите проф. Трендафил Митев, доц. Спас Ташев и Илија Стојановски, испрати писмо до претседателот на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, јавува Актуално. Во писмото тие го поставуваат прашањето зошто во најновиот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија во процесот на европска интеграција се вклучени формулации за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“, кои, според нив, не се содржеле во ставовите на Европската комисија од 2023 и 2024 година за истата тема.
„Што наложи овие категории да се вклучат токму сега и кое е нивното значење и врска со оценката за напредокот на земјата?“, прашуваат од Здружението. Тие дополнително бараат информации дали постои друг акт на Европскиот парламент во кој се признаваат или споменуваат било какви идентитети и, ако такви документи постојат, која е основата за нивното вметнување и кои се правните последици од нивното споменување во официјален акт на ЕП.
Од Здружението посочуваат дека очекуваат бугарските претставници во Европскиот парламент внимателно да го следат целиот процес и укажуваат дека бугарскиот европратеник Ивајло В’лчев веќе се ангажирал да следи како ќе биде разгледан и усвоен извештајот и какви одговори ќе следат.
Во писмото се наведува и дека според нивната историска анализа, поимот „македонски јазик“ почнал да се користи во втората половина на 19 век како дел од српската национална стратегија за влијание во регионот, а како официјално кодифициран литературен јазик бил усвоен дури во 1945 година. Тие потсетуваат на првата страница од протоколот на јазичната комисија, на која стои дека „досегашната историска конференција е единствена по своето значење, бидејќи првпат во историјата на нашиот народ се поставува прашањето за македонска азбука и македонски културен, литературен јазик“. Фотокопија од овој протокол е објавена од македонскиот научник Стојан Ристевски во 2000 година.
Од Здружението сметаат дека поимот „македонски јазик“ се однесува единствено на денешната Република Северна Македонија и нема врска со останатите делови од географската област Македонија, но дека со користење само на придавката „македонски“, намерно или ненамерно, се создаваат асоцијации кон територии во Грција, Бугарија и Албанија, што според нив отвора можности за политички претензии и напнатости, особено под влијание од Белград, Москва и дел од круговите во Скопје.
„Со кои лингвисти и специјалисти по јазична политика се консултирала Комисијата при формулирање на овој дел од извештајот?“, прашуваат авторите на писмото.
