| |

Летниот семинар по бугаристика во Софија ќе обучува гости од 26 држави

Традиционалниот летен семинар по бугарски јазик и култура за странски бугаристи и слависти ќе се одржи од 13 јули до 2 август во Ректоратот на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, информира прес-службата на универзитетот, пренесува БНР.

На семинарот ќе учествуваат над 80 студенти, професори и преведувачи од 26 држави од Европа, Азија и Северна Америка. Официјалното отворање е закажано за 14 јули во аулата на Ректоратот.

Програмата предвидува интензивно изучување на практичен бугарски јазик, теоретски семинари по бугарски јазик, преведување, бугарска книжевност и културна антропологија. Дополнително, учесниците ќе имаат можност факултативно да се запознаат со бугарски народни песни и танци.

Во рамки на семинарот се организираат посети на Регионалниот историски музеј во Софија, Националниот археолошки институт со музеј, Националната библиотека „Св. Св. Кирил и Методиј“, Бачковскиот манастир и градот Копривштица. Предвидени се и кинопроекции, како и бројни работилници и ателјеа посветени на песната и фолклорот на Бугарија, јазикот на бугарскиот танц, визуелната култура, бугарската везба, како и врската меѓу јазикот и играта.

Учесниците ќе имаат прилика да се сретнат со познатите писатели Теодора Димова и Георги Господинов.

Семинарот се организира од 1962 година со финансиска поддршка на Министерството за образование на Бугарија и Софискиот универзитет. Во изминатите децении преку оваа програма поминале над 6.000 студенти и професори од различни земји.

Слични Објави