| |

САД ја одобри можна продажба на ракетен систем за крајбрежна одбрана на Бугарија вреден 620 милиони долари

Американскиот Државен департман донесе одлука да ја одобри можната продажба на систем за крајбрежна одбрана со ракети за морски удар (NSM CDS) и придружна опрема на Владата на Бугарија, во вредност од околу 620 милиони долари, јавува БГНЕС. Веста ја соопшти Агенцијата за соработка во областа на одбраната и безбедноста (DSCA), која го извести Конгресот на САД за потенцијалната зделка.

Според официјалното соопштение, Бугарија побарала да набави NSM CDS систем кој ќе вклучува три мултифункционални системи за размена на информации Link-16 – заеднички тактички радио системи (MIDS-JTRS), тактички ракети за морски удар (NSM), инертни и телеметриски NSM за обука, мобилни командни центри за управување со огнот со комуникациска опрема, мобилни ракетни лансери, транспортни возила за NSM, GPS приемници NavStrike-M, операторски конзоли за обука, Simple Key Loaders (SKL), како и техничка и логистичка поддршка, резервни делови, симулатори и обука.

DSCA истакнува дека продажбата ќе ја зајакне способноста на Бугарија да одговори на сегашни и идни закани, обезбедувајќи сигурна одбранбена сила која ќе одвраќа потенцијални противници и ќе придонесува во НАТО операциите. Со оваа набавка, Софија ќе ја унапреди својата национална и територијална одбрана и ќе ја зголеми соработката со вооружените сили на САД и НАТО.

Како главен изведувач е назначена норвешката компанија Kongsberg Defence and Aerospace AS. Американската влада засега не е запознаена со договори за компензација (offset agreements), кои би можеле да се договорат директно меѓу бугарската страна и изведувачот.

Според плановите, за извршување на договорот ќе биде потребно привремено присуство на три до пет претставници од американската влада и изведувачот во Бугарија во период до пет години. Продажбата, како што потенцира DSCA, нема да влијае негативно врз одбранбената подготвеност на САД и нема да ја промени рамнотежата на силите во регионот.

Иако проценетата вредност изнесува 620 милиони долари, конечниот износ ќе зависи од финалните договори, буџетските средства и специфичните услови кои ќе се утврдат при потпишувањето на договорите.



Слични Објави