Мими Балканска – пејачката, која ја обожавале принцови и дипломати
Мими Михајлова Балканска е родена на 22 јули 1902 година во град Русе. Внучка е на Никола Балкански, братучед и соборец на големиот бугарски револуционер Георги Раковски. Нејзиното семејство се преселува во Софија, каде што учи во Софиското музичко училиште. Специјализира пеење во престижни образовни институции во Берлин и Виена, пишува БГНЕС.
Учествувала во создавањето на Кооперативниот театар, кој одржувал претстави во Турција и Југославија, како и на Уметничкиот оперски театар во Софија. Била дел од ансамблите на Народната оперета и Државниот музички театар во Софија.
Балканска се занимавала и со фудбал, таа е првата жена во Бугарија што сериозно се занимавала со овој спорт. Тренирала во „Славија“. Учествувала и како помошник судија на хуманитарен натпревар.
Мими Балканска останува една од најпознатите оперетни пејачки во Бугарија меѓу музичката публика. Меѓу нејзините обожаватели имало политичари, принцови и дипломати, а дури и Кемал Ататурк бил импресиониран од нејзиниот талент и убавина. Играла и се појавила во филмовите „Весела Бугарија“, „Неверојатна приказна“ и „Викторија и нејзиниот хусар“.
Нејзиниот последен настап на сцена бил во 1982 година по повод нејзиниот 80-годишен јубилеј. Починала на 22 мај 1984 година, по операција.

