Бугарскиот пасош останува на 13-то место по сила во светот
Бугарскиот пасош и во 2025 година ја задржува својата позиција меѓу најсилните патни исправи во светот, заземајќи го 13-то место на глобалната ранг-листа според The Henley Passport Index, јавува Инвестор. Со него, бугарските државјани можат да патуваат без виза во 177 земји од вкупно 223.
Класификацијата се базира на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) и го пресметува бројот на дестинации до кои носителите на одреден пасош можат да патуваат без претходно обезбедена виза.
Европските држави доминираат во првите 20 позиции на листата. На врвот останува Сингапур, кој го задржува првото место со можност за безвизен пристап до рекордни 193 дестинации. На дното на ранг-листата е Авганистан, чиј пасош овозможува патување без виза само во 25 држави.
Во меѓувреме, Велика Британија и САД бележат пад од едно место во споредба со минатата година. Иако во 2015 година британскиот, а во 2014 година американскиот пасош беа на врвот на светската листа, сега тие се на 6-то, односно 10-то место.
