Состојбата со пожарите во Бугарија останува критична- на терен се веќе екипите од Турција, се очекува помошта од европските сојузници
Штабот за борба со пожарите при бугарското МВР соопшти дека ситуацијата останува критична поради високите температури и силниот ветер, пренесува БГНЕС.
Бугарија побара помош од европските партнери – денеска ќе пристигнат хеликоптери од Франција, Унгарија, Чешка и Словачка, како и два авиона од Шведска. Дополнително, турски екипи со три противпожарни машини и два противпожарни камиони веќе помагаат кај Лесово, информираше заменик-министерот за внатрешни работи на Бугарија Тони Тодоров.
Во Благоевградската област сите села се обезбедени и засега не се врши евакуација. Во Резово синоќа имало подготвеност за евакуација, но не била потребна. Во Трн, пак, се евакуирани 20 лица од три села, каде што изгореле 40 објекти.
Тодоров нагласи дека човечкиот живот е „врвен приоритет“ и апелираше до граѓаните строго да ги следат упатствата на полицијата при евентуална евакуација.

